На хартија бесплатни, во пракса бремените плаќаат за прегледите кај матичните гинеколози

Дел од бремените жени плаќале за прегледи кај матичните гинеколози, иако согласно Закон им следуваат бесплатни гинеколошки и микробиолошки прегледи, како и биохемиски анализи. Овие мерки Министерството за здравство ги промовираше во ноември 2015 година. Дури и на жените кои не се здравствено осигурани им следуваат бесплатни прегледи и породување во јавните здравствени установи. Надлежните од општа болница Куманово потврдуваат дека породувањата се бесплатни. Жените од Куманово, но и од другите градови од државата ги раскажуваат своите искуства од посетите на матичните гинеколози за време на бременоста.

17 годишната Ресмија од Куманово, мајка на едногодишна ќерка, раскажува дека, првите пет месеци од бременоста плаќала за сите прегледи, ехо, гинеколошки прегледи, за земање брисеви.Таа додава немала здравствено осигурување поради семејни недоразбирања и поради фактот што била малолетна. По пет месеци, успеала да ги надмине недоразбирањата и да добие здравствено осигурување.

„Кога немав здравствена книшка,матичниот гинеколог ми наплаќаше околу 800 денари месечни,на пример 400 за ехо,400 за брисеви„ – изјави Ресмија. И за лабараторија и наплаќале по 400 денари. Вели дека месечно за прегледи одвојувала и по 1000 денари. Тоа за нејзиниот семеен буџет е многу, со оглед на фактот што и таа и нејзиниот партнер со кого живеат во вонбрачна заедница се невработени.

image

Подоцна, кога ги решила проблемите со здравственото осигурување, матичниот гинеколог и наплаќал по 100 денари за секое ехо, за секој преглед. „Информирана сум дека прегледите се бесплатни за време на бременоста. Еднаш му го кажав тоа на матичниот, но тој велеше дека не е така, дека тоа само државата го измислува, дури и за брисеви ми наплати 400 денари“-изјави Ресмија. Вели дека контактирала и со други трудници и оти и тие и кажувале дека им наплаќал иста сума. Но, како и останатите, ниту таа не го сменила матичниот гинеколог. Вели дека бременоста и поминала беспрекорно. Во болницата, вели не платила ниту денар за породувањето и смета дека ова е добра мерка, особено за оние кои се сиромашни. Слично искуство со матичниот гинеколог, сподели и скопјанката Лидија К .Таа вели дека ова е нејзина втора бременост. Објасни дека кога го правела првото ехо за утврдување на бременоста платила 300 денари. Се двоумела да му спомене на гинекологот дека прегледот треба да биде бесплатен, меѓутоа и било срам, но и страв дека ќе и се одмазди и нема со цело внимание да ја следи бременоста. Потоа, на своја иницијатива направила дополнителни две контролни ехо проверки, за што исто така платила по 300 денари.

„Сепак, микробиолошките контроли, односно брисевите не ми ги наплати, можеби поради тоа што правев дополнителни ехо проверки“-изјави Лидија. Таа додава дека ниту лабараторијата каде ја упатил матичниот не и зела пари за проверка на крв и урина. Позитивен пример во однос на посетите кај матичен гинеколог за време на бременоста има  29 годишната Даниела З. која е во 12-та недела од бременоста. Ова е нејзина прва бременост и посакувана, бидејќи со сопругот веќе четири години се во брак. Нејзин проблем е што е вработена во приватна фирма во Куманово и не зема редовно плата, така што нема редовно здравствено осигурување.

„Многу посакувавме дете, ете се случи, но мора да признам во многу лоша година, бидејќи немам редовно здравствено осигурување. Платата доцни веќе три месеци,автоматски немам здравство“-изјави Даниела.

По првиот направен тест во домашни услови, веднаш заминала кај матичниот гинеколог. „Се плашев дека ќе ми земе поголема сума пари, но рече дека за бремените не се наплаќа преглед, што беше неочекувано за мене, иако претходно кога бев на редовна контрола ми наплати 850 денари за пап тест“- вели Даниела.

Раскажува дека направила и први проверки на крв и урина, за кои, исто така во лабараторија која има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување не и наплатиле. По една недела, извршила  проверка на срцева акција на плодот со ехо, за кое матичниот не и наплатил. Воедно, патронажната сестра и дала кутија таблетки со фолна киселина и јод за првите три месеци. Но, вели дека и претходно пиела од одредена фармацевтска компанија и дека ги купува приватно во аптеките по цена од 120 денари.

„Секое одење на лекар,почнуваше со задолжување кај родителите на сопругот, оти ни беше страв дека ќе бараат пари, но, морам да потенцирам дека пријатно сум изненадена од бесплатните прегледи и испитувања кои се задолжителни во овој период од бременоста“- изјави Даниела.

Даниела е една од ретките позитивни примери каде што нејзиниот матичен гинеколог не и наплаќа ниту денар за прегледите во текот на бременоста, како што е и законска обврска ,за разлика од Ресмија и Лидија кои велат дека матичните им наплаќале за прегледите.И двете додаваат дека соодветните служби мора позасилено да спроведуваат контроли и да проверат колку матичните гинеколози ги почитуваат законските обврски,особено во делот на прегледи на трудниците.

Инаку,бесплатни гинеколошки и микробиолошки прегледи на бремените жени, биохемиски анализи вклучувајќи го и породувањето, советување на бремените жени при посетата од страна на патронажните служби, советување и еден бесплатен гинеколошки преглед на жените од ромската популација се дел од  мерките кои ги  промовираше Министерството за здравство во ноември 2015-та година.

http://zdravstvo.gov.mk/novi-merki-trudnicite-nema-da-plakjaat-nitu-denar-za-pregledi-i-ispituvanja/