Постпородилна депресија се уште табу тема

Постпородилната депресија,според одредени истражувања на светско ниво се јавува кај 15 проценти кај родилките.Овој процент не ја одминува ниту Македонија,но засега нема конкретни податоци за бројот на заболени пациентки на ниво на државата.На оваа тема ретко се зборува,се уште е табу,особено во помали средини.И лекарите од кумановската болница од одделението за психијатрија, потврдуваат дека кај нив многу ретко се обраќаат пациентки со симптоми на постпородилна депресија,иако се случува да бидат повикани од гинеколошкото одделение за конзилијарен преглед,но обично пред, а поретко после породувањето.Објаснуваат дека има и такви случаи кога од гинекологија ги повикуваат поради одредена психијатриска симптоматологија на пациентките да дадат свое стручно мислење.

20170516_170030

„Сите категории родилки можат да пројават симптоми на постпородилна депресија,независно,од возраста,степенот на образование,етничка припадност.Депресијата не бира“-изјави доктор,Адријана Богдановска,специјалистпо психијатрија од кумановската општа болница.

Појаснува дека многу честа e и појавата на синдромот „baby blue”,чувство на тага,изнемоштеност,анксиозност,кои траат првата недела до две по породувањето.На светско ниво,тој процент се движи и до 80 отсто кај родилките.

Постпородилната депресија е посериозна состојба која може значително да го наруши квалитетот на живеење и функционирањето на родилката и семејството.Симптомите кои се јавуваат кај постпородилната депресија се од емотивна,бихејвиорална и когнитивната сфера.

„Кај емоциите постои чуство на тага, анксиозност,лошо расположение,се јавува чувства на вина,безнадежност,фрустрираност,иритираност“-изјави,др.Богдановска.Пацинетките често имаат проблеми во воспоставување контакт со бебето,чуствуваат грижа дека не се доволно добри мајки.На бихејвиорален план,постпородилната депресија се рефлектира со губење интерес за разни социјални активности,промени во апетитот,несоница.На когнитивен план,најчесто се јавува намалена концентрација,меморија,оптеретувачки мисли,загриженост за иднината.Постпородилната,како и другите видови депресија по интензитет може да има блага,средна и тешка депресивна епизода,објаснува др.Богдановска,а може,но и не мора да се јави и психотичност.

„Таму каде се работи за потешки психотични симптоми,тогаш има едно интензивно,делузивно чувство на безнадежност,безизлезност,на немање перспектива, пациентките,можат да почнат да размислуваат да си наштетат себеси или на новороденото“-вели Богдановска.

Постојат одредени ризик фактори кои можат да наговестат дека има можност да се јави постпородилна депресија,ако кај пациентката и претходно пред бременоста постоеле депресивни симптоми,кога во семејството има член кој боледува од депресија,кај оние жени кај кои предменструалниот синдром бил поизразен и на физички и на психички план,исто така се смета за ризик фактор на појава на постпородилна депресија,претходна историја на психолошка или физичка траума,стресни моменти,историја на злоупотреба,личности со ниска самодоверба се склони кон постпородилна депресија.

„Понизок социо-економски статус,тука можеби Ромките се позафатени заради овој фактор,бидејќи,добар процент од нив влегуваат во социјално ранлива категорија“-рече др.Богдановска.

Блиското опкружување на жената е ризик фактор,дали бременоста е посакувана или не,прифаќањето на семејството,нивниот однос кон бремената жена,кон новороденчето.

„Апел до сите кои чуствуваат дека немаат волја,интерес,кои имаат чувство на хроничен замор да не ги занемаруваат овие симптоми,туку да побараат помош,бидејќи огромен процент од депресиите,без оглед во кој период се јавуваат остануваат недијагностицирани и нетретирани.Секој депресивен атак остава трага и на соматски план во мозочните структури настануваат промени,кои потоа се потешко и потешко можат да се репарираат“-објаснува доктор Богдановска.

Раната дијагностика не само што го подобрува здравјето и психолошкиот статус на родилките,туку е и еден вид на превенција на следни епизоди на депресивност.Постпородилната депресија се лекува со класични,стандардни,методи,зависно од тежината на клиничката слика,во прв ред антидепресивите,а доколку постојат психотични симптоми,тогаш и антипсихотици, кога пак,пациентката се доведува во стабилна состојба,тогаш неизоставна е и психотерапијата.