НАДЛЕЖНИТЕ АПЕЛИРААТ – РОДИТЕЛИТЕ ДА НЕ ГО ОДЛОЖУВААТ ВАКЦИНИРАЊЕТО НА ДЕЦАТА

Sequence 62.Still004 (1)-800x600

28 годишната Севда Сулејмановска од Куманово, мајка на три деца, се труди редовно да ги вакцинира двете девојчиња, осумгодишната Ресмија и шестгодишната Атиџе и тригодишниот син Фаик.Но,додава дека често и се случува да пропушти по некоја вакцина особено за третото дете, бидејќи работи како сезонски ангажиран земјоделски работник по градовите од источна и југоисточна Македонија.

„Писма за вакцинирање добиваме редовно, но понекогаш јас и маж ми остануваме и по три месеци на работа,така што децата ми ги чува свекрвата, која пак не е добра со здравје, а и самата не може да одлучи да ги вакцинира децата, затоа може да се рече, дека некогаш пропуштаме по некоја вакцина“ – изјави Сулејмановска.

Таа додава дека е свесна за придобивките од вакцинацијата, но дека сиромаштијата и борбата за егзистенција ја принудуваат да работи по три месеци надвор од градот за да обезбеди храна за семејството.

„Знам дека ако не се вакцинираат, децата ќе се разболуваат, но ете, мора да се работи за да се преживее“ – додава Сулејмановска. Вели, дека досега немала посериозни проблеми во врска со здравјето на децата, но стравува дека може да се разболат од одредени болести од кои се заштитуваме со вакцини.

„Разговараме и со другите мајки кои се во слична ситуација како мене, кои нередовно ги вакцинираат децата, но ете немаме друг избор“ – додава 28 годишната кумановка.

Нејзината матична лекарка, исто така ја советувала да го носи редовно синот на вакцинација.

„Доколку би имале редовна работа, овде во Куманово, ние би ги носеле децата на вакцина“ – додава Сулејмановска. Таа не е единствена која не ги вакцинира децата во Куманово. Голем број семејства од ромската етничка заедница мигрираат во текот на годината на привремена работа во Македонија, во градовите од југот на Србија, но и во Црна Гора, а значителен број се отселени во земјите од Западна Европа. Надлежните од установите, Центар за јавно здравје и Здравствен Дом Куманово, потврдуваат дека токму при одбележувањето на неделата на вакцинација која  трае до 30.април годинава се „прочешлуваат“ вакциналните картони кај ранливите категории граѓани, со цел повторно да се информираат и да ги потсетат родителите дека децата треба да се вакциницираат редовно.

Епидемиологот доктор, Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово, потврди дека меѓу ранливите категории невакцинирани се и децата од ромска етничка заедница. Ова го откриле превентивните тимови при „прочешлување“на картоните.

dr.jadranka stamenkovska-800x600

„Меѓу чуствителните категории се и децата од населбите со претежно ромско население, каде поради мигрирање има поголем број на невакцинирани деца“ – изјави Стаменковска. Затоа, објасни испратени се писма со кои се повикани родителите да ги донесат децата во диспанзерите, согласно календарот за вакцинација. Но, истакнува дека во последно време поради силните глобални антивакцинални кампањи голем број родители, пред се од урбаните средини, самоиницијативно одлучуваат да не ги вакцинираат децата или нередовно, што според епидемиолозите е проблем, бидејќи вакцините мора да се примаат согласно предвидениот календар за вакцинација. Доколку, не се примаат тогаш појавата за епидемиско ширење на болестите се поверојатни, како и компликациите кои можат да настанат.

„Настојуваме опфатот, колективниот имунитет да биде над 95 проценти, со тоа, да бидат заштитени и оние деца кои не ја достигнале возраста за одредена вакцина, со тоа се намалуваат шансите да заболат децата на помала возраст, а воедно се намалува и веројатноста од компликации кои можат да настанат, меѓу нив и смртни случаи“ – изјави доктор Стаменковска. Таа додава дека има опаѓање на опфатот од 95 проценти кај сите вакцини, но посебно кај вакцинацијата против морбили, рубеола паротит, а под 95 проценти се бележи и кај останатите вакцини, дифтерија тетанус, пертусис, хиб, полио вакцина. Во однос на ревакцинацијата, опфатот се уште е на високо ниво, но и тука се забележува намалување во однос на вакцинацијата против морбили, рубеола, паротит. Дел од родителите, вели Стаменковска кои користат надоместок за трето дете, меѓу нив и ромското население пројавуваат интерес за редовно вакцинирање, но додава дека е потребно развивање на свеста, воопшто кај родителите од навремена вакцинација. Потенцира, дека надлежните институции мора да проверат дали секое дете е редовно вакцинирано, за да се постигне посакуваниот опфат од 95 проценти. Затоа, превентивните тимови сместени во поликлиниката „Тоде Мендол“ по својот претходен план одат на терен, ги вакцинираат децата според предвидениот календар за вакцинација. Од 2015 година се користат  и поливалентните вакцини од кои додаде, има повеќе бенефити.

Со воведувањето на овие вакцини, според епидемиологот се намалува бројот на убоди, а тимовите можат да посветат повеќе внимание во превенцијата и консултации со родителите. Таа ги повика родителите да разговараат за која било нејасностија со матичните лекари, со педијатрите, со превентивните тимови кои ќе им објаснат за какви последици, дали воопшто има  и какви очекувани реакции се јавуваат  поствакцинално. Рече дека по воведувањето на поливалентните вакцини нема пријави за зголемена телесна температура или конвулзии, како што тоа беше во претходниот период.

Вакцините, објаснија стручните се  проверени од страна на Агенцијата за лекови, сертифицирани, препорачани од Светската Здравствена Организација. Европската недела на имунизација се спроведува под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај”