Прилеп ќе вработува, Гази Баба ќе обучува за вработување

prilep1

Различни битки за иста борба

Општина Прилеп ќе вработува, а скопската општина Гази Баба бесплатно ќе обучува невработени како да најдат работа. Ова се плановите на локалните власти за годинава.
Така, прилепските општинари во буџетот за 2012 година одвоиле пет милиони денари за социјален пакет за социјално загрозените лица. Оваа мерка треба да ја ублажи невработеноста во Прилеп. Локалните власти планираат да ангажираат стотина жители. Граѓаните ќе работат јавни работи, односно ќе ги обновуваат тротоарите, пешачките патеки, ќе ги чистат и одржуваат јавните паркови, ќе го уредуваат речното корито. Ќе работат секаде каде што треба за да се разубави градот. За ова, ангажираните прилепчани ќе добиваат месечен надомест од девет илјади денари. Проектот ќе трае шест месеци, а според планот на локалните власти, тој треба да почне во април. Според информации од општината, за тоа кој ќе биде ангажиран, прилепските власти ќе соработуваат со Агенцијата за вработување. Доколку има интерес и проектот е успешен, општината планира да го продолжи до крајот на годината. Ако има резултати, како што велат властите, нови пари повторно ќе се обезбедат од општинската каса, со ребаланс на буџетот во јули или во август.

Во 2009 година, Прилеп имал сличен проект, кога неколку стотици прилепчани биле ангажирани за извршување јавни комунални работи.

Според податоци на Агенцијата за вработување, на 30 ноември 2011 година во општина Прилеп имало регистрирани вкупно 19402 невработени граѓани. За истиот период, но во 2010 година, забележани се 22326 лица без работа.

За разлика од Прилеп, локалните власти од скопската општина Гази Баба пак,за невработени лица организира бесплатна обука насловена како „Самостоен маркетинг за вработување и генерирање идеи за почнување сопствен бизнис”. Обуката е закажана за крајот на јануари, а е наменета за млади невработени лица. Општинарите со таа обука имаат за цел да им помогнат на невработените граѓани како полесно да најдат работа, како да ги подобрат вештините за поуспешен настап на интервју и како да ги развијат идеите за почнување сопствен бизнис. Дополнително, невработените треба да научат како да пишуваат професионална кратка биографија, мотивациско писмо, личен акционен план за развој, симулации за сопствен бизнис.

189 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.