Што е луксуз во Македонија?

Stip-Demirsha08

Анкета

Златен накит, скапи часовници, богат живот, скапо живеење или поинакви навики. Дефиницијата на поимот луксуз по се изгледа расте пропорционално со иновациите и производството на луксузни добра и задоволства што современиот свет се повеќе ги нуди. Но, велат дека расте и јазот во однос на тоа што за некои луѓе претставува луксуз, како преку различните погледи, различните навики, така и особено поради различната материјална состојба во која живеат луѓето од различни средини, држави, градови или маала.

 

Дури и во Македонија, како релативно мала држава, изминатиот период на транзиција и пост транзиција, придонесе за зголемување на сиромаштијата и уништување на така нареченатата средна класа. Сега, за една мала група на луѓе, луксуз е да се изеде уште едно парче торта, да се возат десет наместо четири автомобили и да се има куќа од 1.000 квадратни метри, наместо дом од „скромни” 500.

 

За другите, за оние од побројната група во државава, луксуз е животот, редовното плаќање на сметки за комуналии, учењето, дружењето. Луксуз е да си болен, а за жал, се почесто луксуз е дури и да си сит.

 

По 20 години транзиција и пост-транзициско реформирање, се чини дека се повеќе работи се луксуз за граѓаните на Македонија, па во пресрет на Новогодишните празници, ЕДНО реши да праша дел од граѓаните на четири градови/региони во државава – што за нив е луксуз.

 

Неопходните работи се луксуз

 

За Ерсин (25) од Штип на пример, луксуз е бадијала да се трошат пари на нешто што не е потребно во животот.

 

Триесет и шестгодишниот штипјанец Шенај смета дека луксуз е да имаш раскошен живот, беспрекорно живеење, да немаш ограничување во трошењето на пари, да имаш луксузни возила…

 

-Се што е различно од неопходните работи за преживување на човекот е луксуз, смета Тефик (28) од Прилеп.

 

Неговиот сограѓанин, дваесет и двегодишниот Мејрем, пак, вели дека сето тоа што го користиме во секојдневниот живот е луксуз.

 

А, Сефедин (51) исто така од Прилеп, кратко го дефинира луксузот – тоа е се што е скапо.

 

За Фазлија од Куманово луксуз е да троши пари по кафеани.

 

Додека пак, за Мартина исто така од Куманово луксуз е да имаш убав живот, да можеш да одиш на „шопинг” и да имаш добри автомобили.

 

-Да се има се што е доволно, а секогаш да се сака повеќе. Вака младата Кристина (21) од Скопје одговори на прашањето што за неа е луксуз.

 

За С.С. (44) од Скопје, луксуз е да имаш вистински пријатели и доверба во луѓето.

 

Во изработката на анкетата учествуваа мотиваторите Сара Сејфула, Марјан Асановски, Нурија Дервишоски и Демирша Османов.

2,028 Comments