Антенатални протоколи: правно е во ред, во пракса фали многу повеќе

protocol-f

Средствата кои се предвидени во програмите за мајки и деца се многу мали, а понекогаш и така предвидените средства во огромен процент не се реализираат

 

Во Стратегијата за безбедно мајчинство за периодот од 2010 до 2015 година е утврдено дека националните клинички упатства и протоколите за антенатална грижа се застарени и дека тие треба да се ревидираат. Во Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје 2010 – 2020 година пишува дека во Македонија претходно воопшто немало антенатални протоколи.

Антенаталната здравствена заштита за прв пат во Македонија е регулирана во 2010 година. Тогаш од страна на Министерството за здравство е донесено Упатство за начинот на вршење на здравствена дејност која се однесува на антенатални контроли во бременоста. Така барем покажува регулативата за антенаталната грижа во земјата, а која е донесена во последните неколку години.

Правната анализа на легислативата во оваа област покажува дека нема некое посебно несогласување помеѓу законските и подзаконските акти кои се однесуваат на антенаталната грижа. Но, во Законот за заштита на правата на пациентите предвидено е да се формираат локални комисии за унапредување на правата на пациентите кои секоја општина во Македонија треба да ги има. И по неколку години од донесувањето на Законот, такви комисии има формирано само градот Скопје и општина Охрид.protocol

Несогласувањата во пракса пак, се вообичено поголеми. На пример, надоместокот од Фондот за здравствено осигурување на Македонија за бремените жени кои се вработени, доцни по пет – шест месеци и тоа во период кога се најранливи и кога им требаат пари.

 

Поголема контрола

Каде има потреба да се смени регулативата кога се работи за антенаталните здравствени услуги?

Така, во делот на мониторингот и евалуацијата на Програмите за активна заштита на мајки и деца, каде посебен дел се предвидува за антенаталната грижа. Овие програми ги донесува Владата на Република Македонија. Освен Министерството за здравство, потребно е дополнително независно тело, орган или комисија, каде би членувале и претставници на невладиниот сектор кои се занимаваат со оваа проблематика. Тој орган, без разлика на потребата, задолжително ќе изготвува годишен извештај за реализирање на предвидените средства и имплементација на предвидените мерки и активности. На тој начин, остварувањето на програмите ќе се води потранспарентно и евентуалните слабости и квалитети на програмата побрзо ќе може да се воочат и да се отстранат или зајакнат, зависно од нивото на остварување.

Правно гледано, оваа материја е покриена, односно постојат значителен број законски и подзаконски акти, правилници, упатства кои ја регулираат антенаталната здравствена заштита и грижа. Тогаш, каде се појавува проблем и дали воопшто има проблем?

Одговорот на ова прашање е потврден. Физичката инфраструктура и медицинската опрема треба да бидат надградени или реновирани за да може да одговорат на реалните потреби. Системот на здравствена статистика и информации недоволно е компјутеризиран и интегриран. Тоа значително го отежнува мониторингот на одредени индикатори, водењето на соодветни податоци потребни за антенаталната грижа и во огромен обем ја намалува способноста да се анализираат постоечките проблеми за да се планираат соодветни активности во справувањето со негативните тенденции во оваа област.

Размената на информации на различните нивоа на заштита оди потешко. Средствата кои се предвидени во програмите за мајки и деца се многу мали, а загрижувачки се податоците дека  понекогаш и така предвидените средства во огромен процент не се реализираат. Транспарентноста на програмите за мајки и деца е слаба. Несоодветно распределен кадар, како и потреба за доедукација на истиот се основните потреби од каде што треба да се почне во следниот период.

 

 

2,692 Comments