Ариф Пини, лекар од доверба за пациентите Роми од Гостивар

arif-f

Додека работев како професор во Средното медицинско училиште во Гостивар, поттикнав интерес кај ромските деца да учат и да студираат медицина. Така, успеав да мотивирам три ученички и еден ученик од Гостивар кои што денес се запишани на Медицинскиот факултет во Скопје, се сеќава Пини.

 

Arif Pini fotoАриф Пини е еден од ретките Роми доктори во земјава. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје. А, таму е мометно и на специјализација по интерна медицина. По дипломирањето, една година работел како професор во средното медицинско училиште во Гостивар. Потоа се вработил во ургентниот центар во болницата Ферид Мурад во овој град. Веќе четири години таму работи како доктор. Вели дека не е единствен лекар Ром во Македонија. Односно дека има и други лекари од ромска националност, но, и покрај малиот број на таков кадар, јавноста не ги гледа зашто, како што вели, тие се невработени.

 

ЕДНО: Дали пациентите Роми доаѓаат кај Вас затоа што сте Ром затоа што сметаат дека нема да се чувствуваат дискриминирано?

Ариф ПИНИ: Горд сум на тоа што сум Ром и што кај мене доаѓаат пациенти не само Роми, туку и Македонци, Албанци, Турци…Но, ако ме прашувате за пациентите од ромска националност, да, тие доаѓаат кај мене и не само кога сум на работа, туку тие често бараат совет и надвор од моето работно место и се забележува кај нив дека имаат посебна доверба и сигурност кај мене. Често знаат да ме прашаат кога сум на работа за да дојдат да ги прегледам и покрај тоа што имаат матичен лекар. Понекогаш забележувам кога ќе дојдат во ургентниот центар и кога ќе ме видат, некако како да им олеснува и веднаш ми приоѓаат кажувајки за своите здравствени проблеми. Причините за таа доверба и сигурност се најразлични, но мислам дека особено е така поради тоа што потекнувам од ромската заедница, живеам со нив и знам со кои проблеми се соочуваат во секојдневниот живот.

 

ЕДНО: Што е најголемиот проблем со кој се соочуваат Ромите како пациенти? Како сметате дека тоа треба да се надмине?

Ариф ПИНИ: Подолг временски период сум активен и во невладиниот сектор исто така. Сум учествувал и на многу истражувања од областа на здравството кај ромската популација и сметам дека многу добро ја познавам оваа проблематика. Огромни се проблемите со кои се соочуваат Ромите како пациенти, но, јас би издвоил дека постојат голем број на Роми кои од најразлични причини немаат здравствено осигурување или им прекинало од најразлични причини. И тоа е првата бариера која оневозможува да се користи здравствената заштита која ја нуди државата. Ромите живеат во лоши социо-еконосмки услови кои прават тие да имаат голем број на хронични заболувања, и генералната слика на здравствената состојба на Ромите да се разликува со останатите народи кои живеат во Македонија. Скриената дискриминација исто така има големо влијание. Таа тешко се докажува, а е присутна во здравстениот систем. Нискиот степен на образование и сиромаштијата, исто така, имаат големо влијание врз генералната здравстена состојба кај ромскиот народ. Едно решение кое според мене и моето искуство во здравстениот систем би вродило со плод е зголемување на бројот на дипломирани Роми доктори и нивно вработување во јавниот и приватниот здравстен систем.

 

ЕДНО: Претходно сте работеле како професор во Средното медицинскоучилиште. Каков беше интересот на ученици Роми за здравствената струка?Дали можеби стипендиите се поттик да учат токму средно медицинско училиште?

Ариф ПИНИ: Да, и колку што знам, бев единствениот Ром професор во средно медицинско училиште на територијата на Македонија. Таму се покажав како доста успешен професор бидејќи воведов малку поразличен приод на предавања, со визуелни содржини и со power point презентации. И се сеќавам дека децата со воодушевувања ги следеа моите предавања, за што тогаш добив и понуда од тогашниот директор да добијам постојано вработување, но, морав да одбијам бидејќи мојата цел беше вработување во болницата во Гостивар. А, во тој период децата кои учеа во тоа училиште со гордост им кажуваа на своите другарчиња дека професорот Пини е Ром. Се сеќавам дека во тоа време поттикнав интерес кај ромските деца да учат и да студираат медицина. Така, успеав да мотивирам три ученички и еден ученик од Гостивар кои што денес се запишани на Медицинскиот факултет во Скопје.

423 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.