Бебе од епрувета уште во 5 болници

bebe-ep

 Министерството за здравство деновиве ќе распише оглас за доделување нови лиценци за биомедицинско потпомогнато оплодување

 

 

Ин витро ќе се прави уште во 5 болници. Министерството за здравство деновиве ќе распише оглас за доделување нови лиценци за биомедицинско потпомогнато оплодување. Со постоечките 7, од Нова година оваа метода ќе се прави во вкупно 12 гинеколошки установи. Целта да нема гужви со стартот на проектот Ин Витро и за второ дете до три обиди.

– Од 1 јануари 2014 година ќе почне доделување ваучер за второ дете (повторно до трет обид) со што, како што рече, се очекува зголемен број барања и поголема побарувачка за оваа услуга на товар на ФЗОМ. За наредната година се предвидени 1,5 милион евра за ин витро за второ дете, покрај постојните 1,5 милион евра кои се предвидуваат секоја година за ин витро, рече Никола Тодоров, министер за здравство.

Здравствените установи кои ќе се јават на огласот треба да имаат обучен кадар и соодветни просторни услови. На овој начин според Тодоров ќе се зголеми конкуренцијата бидејќи граѓаните сами бираат каде ќе одат за Ин витро.
– Во моментов во државата има седум овластени здравствени установи за спроведување на ин витро и заедно со новите пет лиценци ќе се зголеми конкурентноста и осигурениците ќе добијат поголема можност да избираат каде ќе ја извршат оваа услуга, рече Тодоров.

Тој ги повика сите физички лица и здравствените установи кои се заинтересирани за добивање лиценца за ин витро да учествуваат во постапката. Ги охрабри да се пријават здравствените установи и физички лица надвор од Скопје бидејќи засега најголем број установи кои вршат ин витро се во главниот град, како и по една во Битола и во Штип.
Тодоров појасни дека здравствената установа што ќе врши ин витро треба да исполнува услови регулирани со посебен Правилник. Потребни се точно дефиниран простор, опрема и кадар за биохемиска лабораторија, опрема за специјалистичка ординација по гинекологија и акушерство и стручен кадар утврден со Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување.
Во спроведувањето ин витро можат да учествуваат лекар специјалист по гинекологија и акушерство, специјалист по ендокринологија, специјалист по урологија, сите со најмалку пет години работно искуство во оваа област. Земање, тестирање, обработка, чување и дистрибуција може да врши дипломиран биолог со најмалку три години работно искуство во областа или лекар или фарамацевт со посебна дополнителна едукација и соодветна обука за системот на квалитет.

Биомедицинско потпомогнато оплодување се доделува на принцип на ваучер, односно ФЗОМ одобрува, а осигурениците сами одлучуваат каде ќе извршат ин витро. По поднесување на барањето, пропратено со соодветна документација, постапката во ФЗО за граѓаните трае околу 2 недели за добивање на потребниот ваучер.
Годишно во земјава се вршат околу 750 Ин витро оплодувања. Ако има поголем интерес Фондот за здравство дава дополнителни средства.

 

2,747 Comments