БЛАГ ПОРАСТ НА ВАКЦИНИРАНИ ДЕВОЈЧИЊА СО ХПВ ВАКЦИНА

list_hpv-vaccine

СО ХПВ ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК НА ГРЛО НА МАТКА

Не драстично, но сепак се забалежува благ пораст на вакцинирани тинејџерки со ХПВ вакцината, покажува статистиката на кумановскиот Центар за јавно здравје. Во првото полугодие со вакцина која штити од рак на грлото на матката се заштитиле приближно 400 девојчиња. Благ пораст на вакцинација против Хуманиот папилома вирус е регистриран и на подрачјето на државата. Вкупниот опфат на ниво на Македонија изнесува 53,3 проценти, при што мора да се нагласи дека во некои поголеми градови како што е Битола и дел од скопските општини изнесува 6, 9%, додека во малите гратчиња како што е Кратово, Делчево, Виница, Пробиштип е 100 проценти. Во Куманово опфатот изнесува 60 проценти. Лекарите објаснуваат дека профилактичката ХПВ вакцина има најголема здравствена корист ако се даде на младата популација пред да се заразат со вирусот, односно да се стимулира создавање на имунитет пред да започнат да имаат активен сексуален живот. Во Република Македонија задолжителна ХПВ вакцинација се воведе во 2009 година.

vakcina-HPV-1200x545_c

Хуманиот папилома вирус (Human Papiloma virus,HPV) е најчесто сретнуваниот сексуално пренослив вирус кој ги напаѓа кожата и слузокожата од различни делови од телото. Подеднакво ги погодува и мажите и жените. Најчесто ги засега младите лица веднаш по стапување во сексуални односи. Многу луѓе заразени со ХПВ може да не покажуваат никакви знаци или симптоми, а се пренесува преку сексуален однос. Досега се откриени над 130 различни типови. Високоризичните генотипови 16 и 18 се одговорни за повеќе од 70 проенти од цервикалните карциноми и преканцерозните лезии – ЦИН 2 и 3, аногенитални карциноми. Нискоризичните генотипови најчесто предизвикуваат генитални кондиломи, на надворешните гениталии и во пределот на анусот. Во 90 отсто од случаите, овие промени се поврзани со ХПВ типовите 6 и 11.

Ракот на грлото на матката е на второ место по зачестеност малигно заболување кај жените во светот, со околу 500.000 новорегистрирани случаи секоја година. Преку 80 прценти од случаевите на рак на грло на матка и смрт од оваа болест се регистрирани во земјите во развој. Во Европа се уште од рак на грло на матка заболуваат околу 65.000, а умираат околу 32.000 жени годишно. Во Македонија стапката на новорегистрирани случаи на рак на грло на матка се движи се движи од 22,5 на 100.000 жители

Вакцината е препорачна за девојчиња и девојки на возраст од 9-26 години. Во Македонија воведена е во редовниот календар како задолжителна вакцина за девојчиња на 12 годишна возраст и ја вршат службите за вакцинација од Здравствените домови. Вакцинацијата се врши во училиштата или во службите за вакцинација според изготвени планови за вакцинација.

СТАМЕНКОВСКА

„Во централните градски училишта во Куманово има послаб интерес за вакцинирање, а во руралните и приградските населби има речиси 100 проценти опфат. И самите знаете дека ова се должи на силната антивакцинална кампања која трае веќе една деценија, не само за ХПВ, туку генерално за сите вакцини. Со првата доза која се прима на 12 години во училиштата опфатот е 64, 7 проценти, а со втората доза која се прима после шест месеци изнесува 59, 8 проценти“- изјави, епидемиологот од Центарот за јавно здравје, доктор Јадранка Стаменковска.

Од Центарот велат дека на почетокот воопшто немало интерес за оваа вакцина и покрај апелите на лекарите и надлежните.

„Се случуваше, девојчињата да не ја примаат во училиштето, а по извесен период нивните родители да се предомислат и да се вакцинираат. Во Куманово вакцината се дава во „Тоде Мендол“. Некои родители, оние кои заминуваат во странство во Германија, веќе се информирале дека во западно-европските држави се наплаќа оваа вакцина, па се одлучуваат нивните деца да ја примаат вакцината која нас е задолжителна“-изјави Стаменковска.

Што се однесува до безбедноста, лекарите објаснуваат дека на светско ниво, според податоците на Светската Здравствена Органзиација, се дадени над 50 милиони дози и при сите испитувања и спроведени вакцинации, вакцината била добро поднесена од сите пациенти. Студиите докажуваат ефикасност за пет и пол години а, за имуногеност го продолжуваат овој период и до 10 години. Препорака од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји е да се прими вакцината.

Лекарите од Куманово, апелираат девојчињата навреме да се вакцинираат, но и за да се превенираат од рак на грлото на матката укажуваат дека мора да се спроведуват и превентивни скрининг прегледи како што се: редовни гинеколошки прегледи и ПАП тест – како секундарна превенција.