Бремени жени до болница пешачат еден час

800x600800x600DSC_0105

Иако признаваат дека добиваат совети од нивните матични гинеколози, има жени од ромската населба во Кочани кои што не одат ни еден од задолжителните контроли за следење на нивната бременост.

 

Повеќето не слушнале дека имаат право на бесплатен ПАП – тест еднаш годишно. Сите гинеколошки услуги ги плаќаат, не знаејќи што е бесплатно, што со партиципација со сини картони, а што треба да се плаќа од нивен џеб. Иако признаваат дека добиваат совети од нивните матични гинеколози, има жени кои што не одат ни еден од задолжителните контроли за следење на нивната бременост. Ова се дел од сведоштвата на група жени од ромската населба во Кочани кои во понеделникот се собраа да слушнат зошто е важно редовно да одат на гинеколошки контроли во текот на нивната бременост.

Меѓу нив, имаше жена која е во нејзината четврта бременост.

-Во четвртиот месец од бременоста сум и досега не сум била на лекар, на контрола. Не сакам да одам зашто не сакам да го знам полот на бебето. Имам три сина. Јас сакам ќерка. Тоа е единствената причина зошто не сакам да одам на лекар, сведочеше една од присутните жени.

Сите рекоа дека се здравствено осигурани, имаат сини картони и сите имаат матичен гинеколог. Ниедна од присутните не е вработена. Само две од нив од нивниот гинеколог добиле покана да извршат бесплатен ПАП – тест. Искуствата на другите покажаа дека ПАП – тестот го плаќаат по 500 денари. Прегледите со ехо пак, ги плаќале по различни цени, некоја по 200, друга по 300 денари. Се случило да се плати и превоз со болничко транспортно возило до Скопје. Тоа чинело 800 денари. Една од жените сведочеше дека за царски рез платила 2.000 денари. Додека не го подмирила долгот, не можела да ја напушти болницата.

Најголем дел од нив се социјално загрозени и се наоѓаат во тешка финансиска состојба.

-Имам пет деца. Кога имам пари, плаќам и за прегледи и за таблетите за терапии. Но, на крајот на денот, ако моето семејство нема што да јаде, парите ги трошам на храна, а не на моето здравје, рече една од жените.

Се наметна прашањето што кога тие немаат пари да ги платат прегледите, а мора да ги направат?

-Матичните гинеколози во Кочани нѐ познаваат и ни ја знаат ситуацијата. Кога нема да платиме, велат да платиме кога ќе имаме пари, рече една од жените.

-Ја оставам мојата здравствена книшка или лична карта или и двете, па кога имам пари плаќам. Ако немам, ги оставам документите и вадам нови, рече друга.

Во последно време, според нив, се случувало многу бремени жени од кочанската болница да ги праќаат испитувањата, посебно микробиолошките и специфичните гинеколошки прегледи да ги прават во Државните клиники во Скопје. Трошокот велат е на нивен терет. Некои дури до Скопје треба да одат и по неколку пати.

И општата болница во Кочани е далеку од ромската населба.

-Бремените жени од населбава што немаат автомобил и пари за такси превоз, принудени се да пешачат до болницата. Дотаму се пешачи и до еден час, коментираа жените.

Една олеснителна околност во целата ситуација, според нивните информации е што прегледите со гинеколозите од тоа Одделение во болницата во Кочани се закажуваат брзо. За закажаните прегледи не се чека многу.

Новото време носи и нови навики. Така, помладите жени за разлика од повозрасните, кажаа дека имаат поддршка од нивните мажи во текот на целата нивна бременост. Тие дури со нив оделе и на прегледи.

 

Единаесет милиони денари годишно за ПАП – тестови

Околу 400.000 жени лани немале матичен гинеколог и со тоа се довеле во опасност да не може да си го остварат правото на бесплатен ПАП тест еднаш годишно. Вака пишуваше дневниот весник Дневник точно пред една година. На први април 2012 година првпат почна скринигот – гинеколозите на преглед прво ги повикуваа жените на возраст помеѓу 24 и 35 години. Но, преглед требаше да добијат само тие што имаа избрано специјалист. Матичен гинеколог, според Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) може да одберат и девојчиња на 12-годишна возраст. За три години со скринигот треба да бидат опфатени жени од 24 до 60-годишна возраст.

Годишно се предвидени 11 милиони денари. Ќе бидат поканети 100.000 жени, а се планираат околу 25.000 ПАП – теста во целата земја, иако има повеќе пациентки. Според Дневник, ако има поголем број заинтересирани, ќе се зголеми и бројот на ПАП – тестовите.

Ракот на грлото на матката е втора причина за смртност кај жените во Македонија. Годишно заболуваат повеќе од 250 жени, а околу 30 од нив умираат бидејќи болеста е доцна откриена.

 

[galleryview id=22]

2,062 Comments