Четворица идни доктори Роми

doktori2

Сèуште постои скриена дискриминација кон студенти и средношколци Роми и скриени стереотипи дека нема голем број Роми што напредуваат во образованието. Сепак, ова се четири примери дека националноста не е важна, туку дека знаењето е тоа што се важи!

 

Маризела Исенова, Мелиса Мемиш, Дехран Асановски и Дехран Рамовски се дел од десетиците студенти Роми кои што студираат на некој од факултетите по медицина, стоматологија и фармација во Македонија. Овие стипендии се обезбедени од страна на Фондацијата Отворено oпштество Македонија и Ромскиот образовен фонд од Будимпешта. Се обидовме одблиску да го доловиме значењето на стипениите и нивната мотивација за овие млади луѓе да се вбројат во првите десетици доктори Роми во земјава.

Дехран Асановски од Куманово има 25 години и е петта година на Факултетот за општа медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методијˮ во Скопје.

– Причината зашто се одлучив да студирам медицина е прераната смрт на мојата баба која боледуваше од рак. Сметав дека единствен начин за да помогнам на луѓето кои се болни како што беше баба ми е студирањето на медицински факултет. Тогаш добив желба да станам лекар и да им помогнам на истите такви луѓе со нови методи, или со сегашните, но сепак да биде од моја страна. Одлучив да студирам на Медициниски факултет поради тоа што сакам да им помогнам на луѓето да ги победат болестите, да придонесувам за нивното здравје и продолжување на нивниот живот, вели Асановски.

Неговиот сограѓанин, Дехран Рамовски (23) исто така студира медицина и е петта година на Факултетот за општа медицина, но, при Универзитетот „Гоце Делчевˮ во Штип.

– Имам завршено средно медицинско училиште, но тоа не беше единствената причина за студиите по медицина. Не можам да замислам да студирам на некој друг факултет и да работам некоја друга струка, како што е случај со многу мои школски другари од средно. Исто така, знаејќи го фактот дека медицинари Роми (лекари, сестри) има малку или воопшто нема во мојот град и пошироко, ми беше поттик да бидам човек кој во иднина, како дипломиран лекар ќе помогне на ромската популација во однос на здравствените проблеми со кои се соочува, коментира Рамовски.

Маризела Исенова има 20 години, од Скопје е и е втора година на Факултетот за фармација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Студира за лабораториски биоинженер.

– Завршив средно медицинско училиште, отсек фармацевтски техничар и секако, продолжив со образувањето на Факултетот за фармација бидејќи не се пронаоѓав во друга професија. Се одлучив да студирам во оваа насока поради желбата и интересот за изучување на областа поврзана со медицината и фармацијата, но и поради можностите за вработување кои се нудат по завршувањето на професијата, смета Исенова.

Скопјанката Мелиса Мемиш има 22 години и студира на Факултетот за стоматологија на Скопскиот државен универзитет. Таа е трета година на студиите.

– На оваа насока, доктор по стоматологија се определив бидејќи претходно имав завршено во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ како забен техничар, па затоа во моментот на одлучување и избор на факултет немав никакви дилеми во однос на тоа што сакам да студирам. Стоматологијата, како професија е она што ме исполнува и која никогаш нема да ми здодее, вели Мемиш.

На прашањето како тие ќе придонесат за подобрување на здравствената заштита на Ромите во Македонија, кога еден ден ќе станат доктори, секој во својата област, еве што договорија:

Дехран Асановски: Јас како поединец и иден лекар ќе и помогнам на мојата заедница онолку колку што ќе имам услови и колку што дозволува законот. Во насока на здравствено советување, здравствени прегледи во домовите на ромските семејства, обука за правата на Ромите во здравствениот систем, би придонел за олеснување на пристапот кон здравствените услуги во улога на медијатор и се надевам дури дека можеби ќе отворам ординација блиску до ромската заедница. Со тоа би ја засилил довербата на Ромите пациенти кон лекарот и тоа би служело како поттик за навремена посета и барање здравствена помош. Би ангажирал дел од своето време за формална едукација преку училишни установи и невладини иницијативи за подобрување на здравствената едукација во ромските заедници. Тоа би го направил преку предавања кои ќе се однесуваат на промената на стекнувањето на здрави навики и подобрување на здравствена животна средина и правилната исхрана кои се исклучително важни и потребни за ромскиот народ, смета Асановски и додава:

– Најважно од сè мислам дека би било иницирање на фонд кој би имал за цел да им помогне на најзагрозените ромски семејства. Причините за лошиот здравствен стандард се слабата социо-економска состојба на Ромите, лошата животна средина, неправилната или слаба исхрана, лошите здравствени навики и доцното барање на здравствена помош. Овие се проблемите на Ромите во поглед на здравството и има само два начини да се подобри – со пари и со директна едукација.

Дехран Рамовски пак, коментира: Најпрво, би направил анкета по ромските населби за најчестата патологија кај луѓето, од што најмногу боледуваат, ризик факторите, за да се открие етиолпатогенезата (исхрана, епидемиолошка анкета) и дали е достапна соодветна терапија за тие болести и колку тие ја забележуваат. Во соработка со Институтот за јавно здравство би формирал една група на општи лекари и епидемиолози кои ќе ја проверуваат водата за пиење, која во ромските населби претежно е контаминирана поради блискост на реки, канализациски одводи и слично и решавање на проблемот со загадената вода, која е главниот фактор за инфективни и алергиски болести (колера, ентероколити, дизентерија, контактни дерматити и друго). Во соработка со Министерството за здравство и невладините организации би сакал да учествувам во решавањето на проблемот со здравствените легитимации, како и главниот проблем – борбата против дискриминацијата и нееднаквиот пристап кон здравствената заштита на Ромите преку организирање трибини и семинари за едукација. Периодични прегледи на деца и возрасни, преку скрининг тестови, со цел навремено откривање на болести и превенција, со посебен акцент на бремените жени, кои не се добро едуцирани за тоа кои се можните компликации во бременоста, ризик факторите, исхраната, крвниот притисок, глукоза во крв и слично.

Маризела Исенова смета дека со поголем број на медицински лица Роми може да се смени досегашната состојба на Ромите во однос на здравствената заштита во земјава.

Мелиса Мемиш, пак, посочува – Главните проблеми на Ромите сметам дека се во  информираноста, односно неинформираноста, дефицитот на финансиски средства како и сèуште (помалку или повеќе) постоечката дискриминација во здравствените установи.

Неинформираност постои во однос на здравствените права (пример: право на второ стручно мислење), во однос на последиците од одделни интервенции и услуги (пример: прерано екстрахирање на забите) како и за компликациите кои што можат да настанат со нередовна посета на стоматолог. Решенија кои сметам дека би придонеле за подобрување на ситуацијата се вработување на ромски здравствен кадар во установи каде има поголема фреквентност на Роми. Со тоа ќе се надмине и јазичната бариера која често пати претставува проблем, дури и понекогаш предмет на манипулација кога доаѓа до недоразбирање помеѓу докторот и пациентите. Исто така, тоа ќе придонесе за надминување на проблемот со неинформираноста до одредена мерка, како и недозволување на дискриминација по било каков основ.

Вака смета Мемиш, но и додава:

– Организирањето информативни кампањи за нивните здравствени права и пристап при прекршување на истите, би  придонело до зголемување на информираноста и знаење за потребната последователна реакција. Организирање на едукации со цел промовирање на оралната хигиена, последиците од нередовна посета на стоматолог со акцент за навремено превенирање уште на најмала возраст итн.

Сите се сложни дека со медицинските стипендии полека, но сигурно се рушат стереотипите за Ромите. Сите велат дека со стипендиите добиле можност да го студираат тоа што го сакаат и оти полесно може да дојдат до асистентите и до професорите на факултетите каде што студираат. Но, и покрај тоа, посочуваат оти сè уште постои скриена дискриминација кон студенти и средношкоци Роми и стереотипи дека нема голем број Роми што напредуваат во образованието. Сепак, ова се четири примери дека националноста не е важна, туку дека знаењето е тоа што се важи.

 

2,074 Comments