„Да зборуваме, моето здравје е мое право“- тренинг со дваесетина девојки

DSC_0212-800x600

Како да се препознае разликата помеѓу дискриминацијата и предрасудите, но и можност за запознавање на младите Ромки со своите права и обврски во однос на сексуалното и репродуктивното здравје, беа темите на кои се едуцираа 20-тина млади девојки од Куманово на тренингот „Да зборуваме моето здравје е мое право“ кој се одржа неодамна во градот.

Младите девојки од Куманово ги пренесоа искуствата кои самите ги доживеале и кои тие ги перцепираат како дискриминација, најчесто како што велат, поради етничката припадност, но пренесоа и искуства на нивни блиски, другарки, членови на семејството. Младите девојки беа мошне искрени, велат дека во детството, често се соочувале со дискриминација по однос на етничката припадност. Обично, учениците од оваа етничка заедница, раскажаа учесничките, во минатото, често седеле во последните клупи во училиштата, а учителите не преземале никакви мерки за да ја надминат оваа состојба и да направат да се чуствуваат попријатно на часовите. Учесничките на обуката и самите признаваат дека често имаат предрасуди по повеќе прашања, понекогаш занемарувајќи ја и истата етничка припадност на лицето кое го дискирминираат.

DSC_0174-800x600

На истиот тренинг младите Ромки се обучуваа за правата и за обврските во однос на сексуалното и репродуктивното здравје.

Велат дека овие тренинзи им ја зголемуваат самодовербата, а тоа впрочем е и целта на тренинзите – да се мотивираат и изградат вештини кај девојките и жените Ромки како да станат идни лидери во ромската заедница, кои ќе се залагаат да се подобри пристапот до здравствени услуги во ромската заедница во Р.Македонија.

Оваа активност, објаснуваат организаторите, има за цел да ги мотивира и да идентификува нови генерации кои ќе сакаат да работат во ромската заедница и со ромската заедница, во насока на подобрување на пристапот до здравствена заштита на Ромите во Р.Македонија. Посебно внимание на тренинзите се обрнува на важноста на пристапот до здравствените права и здравствена заштита, во репродуктивниот период и подигнување на свеста за важноста на превенирање на непосакувани здравствени проблеми.

21 годишната Ресмије Асановска, вели дека секогаш со задоволство ги следи овие обуки, иако студира медицина трета година, додава дека секогаш може да се научи нешто повеќе во однос на здравјето на жената. Интересна за неа е и обуката за човекови права. Раскажа дека самата не почуствувала каква било диксриминација, а нагласува дека понекогаш и самата имала предрасуди во детството, како ученик во однос на ученици кои помалку знаеле од неа.

„Главната причина за дискриминација според мене, мислам дека не е етничка припадност, туку економскиот фактор. Обично се дискриминираат сиромашните, немоќните“-изјави младата студентка.

DSC_0133-800x600

20 годишната Мелиса Идиќ, го дели мислењето и смета дека кон одредени личности, луѓето имаат предрасуди.

„Се зависи од карактерот. Лично, никогаш немам почуствувано дискриминација“-вели Идиќ. Таа раскажа дека завршила средно медицинско образование. Додава дека ваквите обуки се позитивно искуство кое само може да им послужи на младите девојки во понатамошното градење на кариерата.

„Тука имаш можност да размениш искуства, да стекнеш нови знаења иако, понекогаш мислиме дека имаме доволно познавања од некоја област“- изјави Идиќ.

Советничката при Обединетите Нации за човекови права, г-ѓа Силва Пешиќ, ги обучуваше младите девојки за родовата рамноправност, чии што права, одговорности, статусот, пристапот до ресурси, одговорности не зависат од тоа дали некој е роден како маж или жена. Полот се добива со раѓање, родот се учи, се стекнува по пат на социјализација – се формира во родов идентитет.

Принципот на недискриминација е камен – темелник и основа за промоција на родовата рамноправност.

Таа ги обучуваше младите девојки за бројните човекови права.

DSC_0013-800x600

„Дел од нив не разликуваат предрасуда и дискриминација. Имаат чуство, но не можат да го препознаат. Предрасудите се корен на дискриминацијата, но не значи дека е повредено некое право. Одредена девојка може да мисли дека и е повредено некое право, на пример дека не ја вработиле, бидејќи е Ромка, без да провери дека можеби на нејзино место е вработена друга Ромка, со квалитети кои одговараат на бараната работна позиција“- објаснува Пешиќ.

Во најголем број случаи пасивноста е клучна во однос на дискриминацијата. Затоа е значајно да се идентификува и отворено да се зборува за неа. Институциите се тие кои мора да реагираат, бидејќи човековите права се универзални и неотуѓиви. Државите имаат обврска да ја забранат и елиминираат дискриминацијата по сите основи и да обезбедат еднаквост на сите во врска со сексуалните и репродуктивни права. Но, многу значајно за младите е да научат да се грижат за своето здравје, како да се заштитат од несакана бременост, од сексуално преносливи заболувања, да ги знаат своите права, но и да знаат да бидат одговорни.

Салија Љатиф, предавач вели дека младите мислат дека се запознаени со заболувањата кои можат да ги добијат доколку се однесуваат неодговорно. Но, обично додава не се докрај информирани и можат многу да научат на овие предавања.

„Како да се однесуваат одговорно, како да постапат, кои се нивните загарантирани права од областа на здравјето, кога да посетат лекар“- објаснува Љатиф.

DSC_0132-800x600

На предавањата, младите девојки се информираат за заштита од несакана бременост, користењето на кондоми, дијафрагми, антибеби пилули… Посебен акцент се става на заштита од сексуално преносливите инфекции.

Секое лице, додава Љатиф, има загарантирани здравствени и сексуално- репродуктивни права, но секое лице е одговорно за грижа на своето здравје.

Целта на предавањата е да се подигне свеста преку информирање за сексуално преносливите инфекции и начини за заштита од истите, редовни посети на гинеколог (за жени)или друг лекар (уролог за мажи), матичен лекар, Клиника за инфективни болести. Посебен сегмент е начинот на планирање на семејството.

Таа смета дека институциите треба да размислат за воведување на предмет во основното образование, со многу информации кои ќе ја информираат најмладата популација за правата и обврските во однос на здравјето.

Засега, додава има одредени теми кои се обработуваат, но најверојатно, согласно степенот на знаење кое го покажуваат младите девојки е недоволно.

Младите учеснички велат дека ваквите предавања се клучни за нивниот понатамошен развој, не само за развојот на кариерите, туку пред се како индивидуи кои планираат да допринесат за развој на ромската етничка заедница во локалната средина и воопшто во државата.