Деца раѓаат деца

F942CBD556BEAF4CB0D7648ACB62AF42

Според Државниот завод за статистика, во 2011 година 23 девојчиња на возраст под 15 години станале мајки, додека во 2012 година оваа бројка е 26 девојчиња

Се’ повеќе деца раѓаат деца, а загрижува и фактот што се намалува возрасната граница на девојчињата кои стануваат мајки. Одредени болнички податоци говорат дека има случаи и на 13-годишни девојчиња кои родиле дете. Официјалната статистика е уште поалармантна. Се зголемува бројот на мајките под 15-годишна возраст. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2011 година 23 девојчиња на возраст под 15 години станале мајки, додека во 2012 година дете родиле 26 девојчиња помлади од 15 години. Иако има благо намалување, ништо подобра не е состојбата и со тинејџерската бременост на возраст од 15 до 19 години. Во 2011 година на возраст од 15 до 19 години мајки станале 1.310 девојчиња, што е за околу 140 помалку од 2010 година кога биле регистрирани 1.455 мајки на возраст од 15 до 19 години. Во земјава лани се родиле 22.700 бебиња.

Стручњаците велат дека во 2012 година стапката на малолетна бременост од 15 до 19 години во земјите во регионот е над просекот од земјите во ЕУ. Во Македонија стапката бременоста кај тинејџерите е 13 на 1.000 жени, што сепак е намалување во однос на 2010 година кога според извештајот на ОН била 20 на 1.000 жени.

Од Клиниката за гинекологија каде што најчесто се пораѓаат девојчињата поради високата ризична бременост велат дека во последните две години најмладата родилка имала 14 години. Клиничките гинеколози, пак, се сеќаваат дека пред околу три-четири години во нивната установа се породило 13-годишно девојче, кое потоа го дала бебето на посвојување. Според податоците од клиниката, во 2012 година се породиле 48 девојчиња, од кои три пациентки имале 14 години, а 45 пациентки биле на возраст помеѓу 14 и 17-годишна возраст. Тринаесет тинејџерки завршиле со абортус, од кои две на возраст од 16 години и 11 други малолетни пациентки.

Од почетокот на годинава досега бременоста ја прекинала една пациентка на 14 години и други 7 малолетнички. „Со вакви бројки на малолетни родилки нашата држава веројатно не е единствена, а бројката покажува дека има потреба од дополнителни мерки во образовниот систем“, укажуваат од Клиниката за гинекологија.

Оттаму додаваат дека најчести случаи на малолетничка бременост се девојки од ромската популација кои многу ја износуваат бременоста и се породуваат, но има пациентки и од други етнички заедници.

„Она што е заедничко е недоволната информираност пред стапување во сексуални односи, што е значајно поради последиците, како што се непланирана бременост и сексуално преносливите заболувања“, укажуваат од клиниката. Во државава има повеќе советувалишта, но советувањето треба да биде еден континуиран процес кој ќе го следи истовремено развојот и на момчињата и на девојчињата. „Посебно што последиците од една таква рана бременост можат да бидат сериозни не само за нивното физичко здравје, туку и по психолошкиот развој на младата личност“, потенцираат од клиниката. Уште повеќе што овие бремености се проследени со висок степен на ризик од предвремено породување, застој во растот кај плодот и хипертензија во бременоста.

Од Гинеколошката болница „Чаир“ не информираат колку малолетнички останале бремени и се породиле. „Кај нас има малолетнички на 15 години кои се раѓаат, сите што се под оваа возраст се третираат на клиника поради високата ризичност за здравјето на мајките“, кратко ни изјави директорот на специјалната болница „Чаир“, д-р Мендух Егени.

Гинеколозите, но и невладиниот сектор велат дека проблемот со малолетничката бременост не е проблем само на Македонија, туку и на развиените земји, но треба да се работи системски на нејзиното намалување, пред се’ за да се заштити здравјето на младите. Врз проблемот влијаат повеќе причини – покрај ниската едукација на младите како да се заштитат од несаканата бременост, влијание имаат сиромаштијата и недостапната контрацепција. Како една од мерките што ја предлагаат гинеколозите е советување на девојките со свој лекар гинеколог. Посебно што законската регулатива дозволува и 12-годишни девојчиња да имаат матичен гинеколог.

„Младите да одат на гинеколог и да се консултираат какви контрацептивни средства да користат, и кои се најдобри за нив. Видот на контрацепцијата е индивидуален и најдобро е заедно со родителот младата девојка да отиде на гинеколог за да и’ се даде идеален совет за тоа како да се заштити од несаканата бременост“, објаснуваат матичните гинеколози.

Бојан Јовановски, директор на ХЕРА, невладина организација која со години работи на подигање на сексуалното образование на младите, вели дека треба да се преземат повеќе системски организирани мерки за унапредување на сексуалното образование и репродуктивното здравје на младите и тинејџерите.

„Треба да се работи на подигање на нивото на сексуалното образование по училиштата. Очигледно дека преку предметот животни вештини не е доволна едукацијата на младите. На образование му понудивме еден прирачник со кој ќе се зголеми нивото на едукација и ќе се отвори поголеми дискусии на оваа тема“, ни рече Јовановски и додаде дека тие работат во два центри за советување на младите во Скопје. Но, според Јовановски, тие не се доволни, а не е сигурен и како и колку функционираат центрите за репродуктивно здравје по Центрите за јавно здравје во земјава кои ги има околу 14.

Според статистиките, помалку од 2 проценти од младите мајки посетиле советувалиште, а за бременоста на родителите им кажале кога е веќе доцна.

За Јовановски не е сигурно и колку функционира советувањето кај матичните гинеколози, кои откако се приватизираа имаат големи обврски, а несоодветни примања, па немаат многу време за младите.

„Место само реклами за наталитет и против абортус потребни се и спотови за контрацепција и друга заштита од несакана бременост“, вели Јовановски и додава дека за 10 години не се донесе добра стратегија за репродуктивното здравје на младите.

Опасност од абортуси на црно

Нема прецизни процени колку од абортусите се прават на црно. Едни велат дека колку што има официјални абортуси, толку се прават и на црно.

„Не загрижува само бројка на малолетничката бременост, туку и тоа што голем број од овие бремености завршуваат со криминални абортуси по приватни ординации. Од страв од родителите, односно поради срамот и стигмата најчесто се одлучуваат на абортуси на црно кои се ризични. Самата бременост кај тинејџерите е бременост со висок ризик. Абортусот за нивното тело е агресивна метода, зашто кај нив може да дојде до потешки компликации отколку кај повозрасните жени. Опасноста од абортусот е пред се’ сепса, пробивање на матката, стерилитет, како и смртност“, укажуваат гинеколозите.

Поразителна контрацепција

Во извештајот на Обединетите нации нема податоци до 2010 година колку се користела контрацепцијата во Македонија. Во 2011 година е направено истражување на УНИЦЕФ, спроведено во земјава со помош на ресорните министерства. Според оваа студија, само 13 отсто од жените во земјава користат некаков вид модерна контрацепција.

Најпопуларниот метод е повлекување кој го користат една од четири од овие жени во Македонија. Следниот најпопуларен метод е машки кондом, кој го користат 8 проценти од овие жени. Два проценти од жените се изјасниле дека користат ИУД (интраутерен уред) и периодична апстиненција, 2 проценти користат пилули и 0,7 проценти примениле женска стерилизација. Помалку од 0,5 проценти од нив користат инјекции, импланти или машка стерилизација.

 

Информацијата е преземена од

http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=10A960947E17B242987FC247456C8558

 

906 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.