ДЕЦА ВО ГРАДИНКА – БЕНЕФИТ ЗА МАЈКИТЕ

image-0-02-05-c9340cb48134fa7a4e2bca0b0013405669331e3129059dbf767c82d0052cad06-V-800x600

Двете деца, момче и девојче на 31 годишната кумановка Џенифер Асановска, изминативе години посетувале градинка во Куманово.Таа имала време да се посвети на личното надградување, така што запишала бизнис и администрација на Државниот Тетовски Универзитет. Вели, дека нејзините деца биле згрижени, се едуцирале, подготвувале за упис во прво одделение, а таа имала доволно време да се посвети на себе. Затоа одлучила да се запише на факултет, а потоа кога ќе го заврши се надева дека ќе најде соодветно вработување.

„Можам да кажам дека бев сигурна кога децата ми беа згрижени по неколку часа во градинката. Девојчето почна да оди во градинка на три години, а момчето на пет години. Прекрасно беа прифатени, иако, девојчето побргу се прилагоди, а момчето поспоро. Сепак, и двајцата научија да зборуваат македонски јазик, што е навистина предност, а воедно се стекнаа со одредени хигиенски навики, некои мали навидум, незначајни работи како раскревање на маса, диплење на нивната облека“- раскажува младата мајка.

Таа препорачува на мајките од ромската етничка заедница да ги запишат децата во градинката, затоа што, децата се социјализираат што е многу корисно за нивното понатамошно образование и воопшто интеракција со другите деца.

„Бенефитите за мајката се уште позначајни, бидејќи добиваат слободно време кое можат да го искористат да најдат работа или пак оние кои веќе се вработени да се посветат на градење на кариера или да се дообразуваат“ -додава Асановска.

Дел од родителите ги запишуваат децата преку проектот „Инклузија на Роми во предучилишна установа“, но дел и плаќаат за уписи во градинката „Ангел Шајче“. На месечно ниво родителите одвојуваат по 1500 денари, сума која покрива згрижување, два оброци и две ужинки.

20170706_105905-800x600

Меѓу вработените со кои првичен контакт остваруваат децата од ромска етничка заедница е Анета Демировска, вработена како неговател во градинката. Таа објаснува дека заедно со новопримените деца ја поминуваат првата фаза на адаптација.

„Имаме деца кои веднаш се вклопуваат, имаме и оние на кои им е потребно малку време да се прилагодат, бидејќи не знаат друг јазик освен ромски,и поради тоа најчесто контактираат со мене. Сепак, многу им е забавно се дружиме, се смееме, понекогаш и плачеме“-вели, Демировска.

Објаснува дека на мајките им е потребна помош во подигањето на семејствата. И таа апелира до мајките Ромки да ги запишат децата во градинка.

„Одлично е за целото семејство. Мајките се сигурни дека нивните деца се згрижени, а тие ќе имаат можност без грижи да работат“- додава Демировска.

И мајката Асановска и негователката Демировска, како и останатите вработени во градинката коментираат дека досега немало случај на дискриминација на децата Роми.

„Во овој период, единствена подвоедност е во однос на полот, момчињата се дружат со момчиња, а девојчињата со девојчиња“ -објаснува Демировска.

 

Психологот во кумановската градинка Лидија Николовска Георгиевска ги охрабрува мајките да бидат трпеливи првите неколку дена кога ги оставаат децата во градинка.

„Секое дете е индивидуа за себе, секое на поинаков начин регаира на новата средина, но важно е родителите и останатите членови од семејството да бидат сложни и да го остават детето во градинка“- изјави Николовска -Георгиевска.

Имало случаи кога одредени членови на семејството и покрај желбата на родителите, да вршат притисок детето да не оди во градинка. Обично станува збор за баби и дедовци кои во традиционалните семејства не дозволуваат за децата да се грижи друга личност, надвор од семејството, што индиректно ја оневозможува мајката да бара работа или да напредува, бидејќи, останува таа која најмногу се грижи околу децата. Вакви случаи имало и кај другите етнички заедници, не само кај ромската.

„Сепак родителите се тие кои го имаат последниот збор во однос на одлуката за запишување на децата во градинка“- додава психологот.

20170706_104121-800x600

Децата од ромската етничка заедница се распределуваат согласно возраста по групи. Заедно со градинката, Министерството за труд и социјална политика креира повеќе проекти и за најранливите категории, мајки од ромска етничка заедница кои не се писмени и заедно работат на читање сликовници.

Директорката на кумановската градинка „Ангел Шајче“, Марина Алксовска, објаснува дека проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишна установа“ трае повеќе од петнаесет години и дава резултати. Вели, дека секоја година преку овој проект се запишуваат околу 30-тина деца. Има и родители од ромската етничка заедница кои ги запишуваат децата надвор од овој проект.

„Сите знаеме колку е значајно да се запишат децата во градинката, прво тука е нивната социјализација, второ имаат топли оброци прилагодени на нивната возраст, се дружат што е особено значајно за запишување во прво одделение. Ги повикувам родителите навреме да ги запишат децата во установата“- изјави Алексовска.

Градинката која опфаќа шест објекти, сепак се соочува со недостиг на простор. Интересот на родителите од Куманово  за згриживање на децата во шесте објекти на градинката „Ангел Шајче“ во Куманово е драстично  поголем од расположливиот капацитет, затоа, за да им се излезе во пресрет на родителите,советниците на седница на Совет на општината, донесоа одлука со која се дава согласност на детската установа да може да запише поголем број на деца во воспитните групи, за наредната година.

Директорката информираше дека овогодинешниот уписен рок заврши на 15 јуни и дека пристигнале 500 барања.

„Секој ден бројот на барањата расте, така што не можеме да кажеме колку деца ќе бидат примени се до септември. Сепак, се соочуваме со недостиг на простор“- изјави Алексовска.

Проблемот со капацитетот кој изнесува 1044 деца се провлекува со години наназад. Според податоците на градинката во шесте објекти и во двата дневни центри за ран детски развој во основното училиште „11-ти Октомври“ , каде се запишани поголем број деца од ромска етничка заедница и во подрачното училиште на „Христијан Карпош“ во населбата  Иго Тричковиќ има 1.804 деца.

20170630_111947-800x600-

„Се надевам дека Владата ќе има разбирање за овој проблем и ќе ни излезе во пресрет со преaдаптација, доградба или изградба на некоја нова градинка на локациите кои се неопходни за корисниците на нашите услуги“- изјави Алексовска.

За проблемот со сместувачкиот капацитет на градинката информирани се и локалната самоуправа и Министертвото за труд и социјална политика. Куманово е една од ретките општини во Македонија со постојан раст на млада популација .Од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека се информирани за недостигот на простор во кумановската градинка. Министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, неодмана при посета на Куманово рече дека е предивдено да се реконструира еден објект.

„Предвидено е да се реконструира постоечки објект во Куманово, со кој би се прошириле капацитетите за прием на деца во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Наскоро ќе ве известиме за тоа, во планот за јавни набавки постои реконструкција на постоечки објект во Куманово, за тоа ќе ве известиме дополително, вас медиумите за оваа тема, инаку постои во планот за јавни набавки потпишани договори кои си течат“ – изјави Царовска.

Според првичните согледувања има можност за реконструкција на поранешниот „Пионерски дом“ во центарот на Куманово. Родителите, особено мајките го поздравуваат овој проект. Децата ќе бидат згрижени, мајките ќе имаат можност да напредуваат. Мајките од ромска етничка заедница како што е Асановска кои одлучиле да ги запишат децата и да напредуваат се позитивен пример како се користат услугите на државните институции за поддршка на мајките од маргинализираните групи.