На бремените жени им требаат информации и психолошка поддршка

Denis-naslo

Планираме да почнеме и со активности во рурални средини, затоа што поголем ефект ќе постигнеме ако ние им се доближиме до граѓаните од тие средини, каде што има многу мал контакт со важните информации за бременоста, за прегледите, за исхраната, најави Ал Кхалили.

 

 

Иницијативата за формирање на Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца „Лулкаˮ беше токму за организирање на поддршка и едукација, бидејќи во општеството недостигаше таков тип на едукација и комуникација. Нашата цел и визија е не само бремената жена, туку и генералната популација да биде информирана за овие значајни работи, бидејќи жената треба да добие поддршка и во рамки на семејството. Вака Денис Ал Кхалили, доктор на медицина и претседател на „Лулкаˮ, ја дефинира оваа организација, која почнала да функционира во 2009 година. Бесплатните обуки за едукација и поддршка на бремените жени се заштитен знак за „Лулкаˮ.

ЕДНО Зошто се одлучивте за бесплатни обуки за бремени жени?

Д-р Денис Ал Кхалили: Зошто бесплатни? Затоа што денес за сè се плаќа, економската ситуација е таква каква што е и затоа што досега во Македонија немало активности за поддршка за бременоста во форма на едукативни средби и групни неформални средби со стручни лица. „Лулкаˮ веќе две години нуди и психофизичка подготовка за породување. Решивме обуките да бидат бесплатни затоа што дотогаш не се сметаше дека ваквата едукација воопшто е потребна. Се пробивавме и го промовиравме тоа како можност и како начин на пренесување на информациите и увидовме дека повеќе граѓани ќе дојдат ако едукацијата е бесплатна. За нас беше значајно и тоа што некои компании ја поддржаа оваа активност и ги промовираа своите производи и услуги на самите обуки и на тој начин ја финансираме оваа програма. И благодарение на тоа, до ден денес едукацијата е бесплатна и за неа има голем интерес. Нашата основна цел е да опфатиме што повеќе жени кои се бремени и да пренесеме колку што е можно поголем број информации за здрава бременост.

ЕДНО Ако претходно немало доволно информации за текот на бременоста и породувањето, а денес, по две години тие се достапни, кои информации недостигаат сега? Дали има промена на потребите и согласно тоа, на информациите?

Д-р Денис Ал Кхалили: На едукацијата пренесуваме информации и за породувањето. За жал, во Македонија голем број бремени жени со прва бременост одат на породување, без искуство, не знаејќи за знаците за породување и фазите на породувањето, не знаејќи што се контракции, а што напони, како да соработуваат со акушерката и со гинеколот и да му помогнат на своето бебе полесно да се роди. Значаен број компликации се поврзани со неинформираноста во текот на бременоста и со неподготвеноста на бремената жена за породување. Затоа големо внимание посветуваме на знаците за породување, за тоа кога треба да се оди во болница, што се контракции, како да се постапи кога тие пред време ќе започнат, да знаат да ги препознаат, што да прават ако прсне воденикот и сл. Верувајте дека реакцијата на бремените жени и на нивните партнери е многу позитивна, се вклучуваат во дискусијата, прашуваат, разговараме, од овие средби се произлезени и неколку пријателства. На едукациите пренесуваме информации и за предвременото породување. „Лулкаˮ преку својот клуб на родители на предвремено родени деца „Премноваˮ нуди едукација и поддршка на оние родители кои имаат предвреме родено дете, дете кое престојува или престојувало во инкубатор, во неонатална интензивна нега. Тоа се 10 до 15% од сите бремености. Многу значајно за нас и за посетителите на секоја едукација е делот со психолог/психотерапевт, кој пренесува важни информации за психичката состојба на бремената жена и за препознавање на постпородилната депресија. Се смета дека постпородилната депресија е застапена со околу 15%.

ЕДНО Спомнавте дека дел од таа едукација е и здравата исхрана за бремените жени. Можно ли е со малку пари/мал семеен буџет да се обезбеди здрава исхрана?

Д-р Денис Ал Кхалили: За здрава исхрана во наши услови не требаат многу пари. Погрешно е тоа што се мисли дека квалитетната храна чини многу. Препораките на сите медицински лица и на нутриционистите е да се јаде голема количина свежа храна (овошје и зеленчук). А, свежата храна може секојдневно да се купува на пазар и редовно да се внесува. Значајни се и протеините, месото. Бремената жена треба да има избалансирана исхрана и да внесува од сите групи на хранливи материи, протеини, масти и јаглехидрати. Сметам дека за социјално загрозените ранливи групи е многу важна и едукацијата за исхраната, бидејќи многу често се даваат пари за нешто што не спаѓа во групата на здрава храна, давајќи предност на храна која е поевтина, а значајна за здравјето на бремената жена и за нејзиното бебе.

ЕДНО Имате ли стратегија како да стигнете до економски ранливите групи?

Д-р Денис Ал Кхалили: „Лулкаˮ повеќе од една година соработува со СОС Детско село и со нивните Советодавни центри за родители и деца во скопските општини Гази Баба и Шуто Оризари. Тука „Лулкаˮ спроведува обуки за родители за одржување на здравјето на нивните деца и за квалитетно одржување на бременоста за бремените жени. Планираме соработка и реализирање на обуки со други организации кои работат со ранливи групи на граѓани, но планираме да почнеме и со активности во руралните средини. Очекуваме поголем ефект ако ние се приближиме до луѓето од овие средини, каде што има многу помал контакт со важните информации за бременоста, за прегледите, за исхраната во текот на бременоста и за правилното одгледување и воспитување на детето.

1,476 Comments