Дискриминација на пазарот на труд – Ромите и нивните перспективи

2a52e59f-a346-4919-b38f-c4d3f785e227

Текстот е преземен од romalitico.wordpress.com

 

Секој ден, луѓето работат макотрпно со цел да обезбедат чесна заработувачка за себе и своите семејства, и да го помогнат растот на нашата економија… Но многумина одат на работа со страв дека ќе ги загубат своите работни места врз основа на фактори кои се базираат на полот, расата, етничката припадност…. (Houston Business Journal)

 

Заклучок и препораки

Иако дискриминацијата на пазарот на труд е тешко да се докаже, нееднаквиот третман кон Ромите прикажан преку многу јавни примери го потврдуваат присуството на овој феномен. Мое лично видување е дека оваа појава значително придонесува за високите стапки на невработеност, како и за застапеност на ромската заедница во профилот на ниско доходни позиции. Несомнено, образованието и работно искуство во голема мера влијаат на пазарот на труд. Во овој контекст аргументите одат во прилог дека ромската заедница има помало ниво на образование и помало работно искусвто, па токму затоа и произлегува високиот процент на невработеност и сегрегирање на работните позиции. Спротивно на овие аргументи, постојаните примери укажуваат на постоење на дискриминација на пазарот на труд но и во образованието, па токму затоа Ромите влегуваат на пазарот на труд со веќе стекатни разлики кои поради истиот фактор се манифестират во ниска вработеност на ромската заедница.

Во прилог се следните препораки кои се однесуваат на креирање на социјален и човечки капитал како одговор на проблемите на пазарот на труд. Сепак во однос на сузбивање на постоечките примери на дискриминација неопходна е и стратегија на реакција која што има за цел да ги обедини засегнатите страни кон една дефинирана цел.

1. Креирање социјален капитал

Она што и недостасува на ромската заедница e социјален капитал. Што всушност претставува овој термин и зошто е битно една заедница да поседува социјален капитал? Суштината на социјалниот капитал лежи во креирањето на социјални врски и вредности насочени кон колективна акција. Упростено и адаптирано на ромскиот случај, ова значи поврзување на 12 милиони Роми низ Европа низ взаемни интереси и вредности насочени кон отварање на бизниси и вработување на Роми. Потенцијалот на ромската дијаспора од Македонија која е во странство е значајно голем; ова комбинирано со поволните можности за отварање бизнис во Македонија би значело полн погодок на целокупното општество во Македонија. Ова искуство не е невозможно, низ историјата има различни успешни примери  и тоа:  Афро – Американците, Евреите, Турците, Албанците итн. Иако претставува долг процес кој бара креирање на вредности базирани на доверба, силно чувство на припадност, идентитет, сепак не е невозможен. За да сето ова погоре стане реалност, прво треба да се започне со градење на односи на Ромите што се во странство; да се развива комуникација и истата да се продлабочи и пренасочи од роднински врски во креирање врски на взаемен економски интерес; креирање на партнерски врски со останатите заедници, процес на инвестирање и механизам за одржување на врските. Ваквата социјална поврзаност значи економска моќ, која меѓусебно поврана може да резултира во отварање прво на фамилијарни бизниси, а понатаму и на работни позиции за останатите ромски семејства.

2. Креирање и Одржување на човечки капитал

Знаењето, искуството, вештините на една индивидуа, или на група на индивидуи го отсликува потенцијалот на човечи капитал на одредена заедница во едно општетво. Во конкретниот услов, имајќи ја предвид ромската заедница, креирањето на овој капитал започна да се гради многу подоцна од останатите; време каде што повеќето заедници веќе имаа стекнат капитал и го практикуваа во однос на развивање индивидуалниот и групниот напредок во општеството.

Сепак за да се изработи долгорочна стратегија за креирање и одржување на човечки капитал потребно е да се задоволат следните предуслови:

  •   Развивање на околината која влијае на креирање на човечки капитал

Домашна околина – Во оваа област неопходна е долгорочна стратегија за соработка со родителите и нивната мотивација и заложба за подршка на ромските студенти/ ученици. Несомнено, од особена важност е да се всадат определени вредности во идните студенти за вредноста на образованието и социјалната одговорност кон нивната заедница.

Заедница – Опкружувањето во рамките на една заедница подразбира креирање на културен капитал од страна на заедницата, каде што определни норми поврзани со напредок на заедницата, вредност на образованието, креирање на можности се искористуваат со цел стекнување на економска моќ и отварање на можностите на заедницата.

Образовни институции – Во овие рамки, значително е влијанието не само на физичката околина на образованите институции,  туку и на ресурсната околина каде што ромските студенти/ ученици учат. Тука пред се, се има предвид на квалитетот на наставничкиот кадар како и нивните ставови, односи и одговорност кон ромската заедница; застапеноста на Ромски кадар во истите, како и опременоста на училиштето. Овие фактори се детерминирачки за развој на учениците, и креирање на атмосфера каде што сите ученици подеднакво имаат исти можности и иста стартна позиција во текот на образованието.

  •   Перформанси/ достигнувања

Доколку се погледнат статистичките податоци за напредокот на ромската заедница во однос на останатите заедници, значителни се отстапувањата на ромската заедница во однос на останатите во полето на образование. Ваквата статистика не ги прикажува позитивните достигнувања на ромската заедница во полето на образование низ текот на годините. Ваквите статистики за кои делумно сме и самите криви во прикажувањето на извештаите со цел привлекување на донатори, не го истакнуваат напредокот и придонесуваат да се има негативен став дека не се забележани промени. НИЕ сме тие кои ја креираат сликата, моделите на успешни образовни Роми треба сами да ги промовираме и вреднуваме со цел младите генерации да црпат успешни примери.

  • Дистрибуција на човечкиот капитал

Во рамките на креирање долгорочна стратегија за креирање на човечки капитал треба да се имаат во предвид областите каде што ромските студенти се насочуваат. Притоа од особена важност е да се инвестира во приоритетните области каде што ромската заедница може да има најголема придобивка. Во поглед на ова, неопходна е да се има добра визија и проекција за тоа каде се движиме ние Ромите, и во која насока да се инвестира – економија, медицина, педагогија, политика, компутерски науки и сл.

3. Развивање на стратегија за реакција

Реакциите кон различни типови на дискриминација треба да бидат директно насочени за да го таргетираат коренот на проблемот. Во овие рамки неопходно е постоење на група Лидери/ Кооринативно тело, кои се подготвени да се носат со товарот и последиците од превземените акции. Во секој случај ваквите реакции треба да биде групни, не индивидуални. Индивидуалните реакции може да имаат тежина само доколку прераснат во групни насочени кон дефинирани цели и кон следните видови на акции:

  • Протест – Масовен протест кој укажува на сериозноста на сторената акција и кој укажува на алармантноста институциите на системот да се вклучат во решавање на случајот.
  •  Барање од надлежните институции да го решат случајот. Во овие рамки неопходно е добра координација помеѓу ромски правници кои ќе го превземат случајот и водат до крај во надлежните институции.
  • Развивање на партнери – Домашни и странски партнери/ актери/ граѓани/ НВО кои се спремни да ја изразат својата реакција и поддршка за да се искоренат негативните појави во општеството.
  • Мониторинг на случајот/ Протест – Овој процес опфаќа следење на процесот во рамките на надлежните институции, и правовремено известување на населението кое има за цел да ги врши притисок врз институциите за да се реши случајот.

Комбинацијата на горенаведените препораки придонесува во одредена рамка дискриминацијата на пазарот на труд да се надмине. Развивањето и поврзувањето на социјален и човечки капитал е од особена важност на долг рок. Во овие рамки, Светската Банка особено укажува на искористување на ваквиот потенцијал, дури и го помага процесот на креирање мрежи со цел подобрување на социо-економската положба. Сепак, непреземањето на акција во случаевите каде што дискриминацијата на пазарот на труд се јавува значи и нејзино одобрување. Од тука произлегува и фактот дека е неопходно да се реагира на демократски начин и да се искористат институциите на државата за решавање на ваквите ситуации.

Целосниот текст можете да го прочитате тука.

 

2,710 Comments