Документарец за еден необичен бенд од Шутка

Cd Sutka Roma Rap dokumentaren film

Шутка Рома Рап. Домашни, а светски. Ролетари, продавачи, градежници, кројачи преку ден… хип – хоп музичари преку ноќ.

 

„Me Sijum Underground (Јас сум андерграунд)”. Ова е насловот на првиот документарен филм во продукција на веб порталот Балкон 3 (http://balkon3.com/mk/). Филмот е посветен на еден необичен хип – хоп бенд од скопската населба Шуто Оризари. Бенд за кој малкумина слушнале во Македонија, а се познати и ценети надвор од границите на земјава. Настапувале на едни од најпознатите светски музички фестивали во Унгарија, Данска… Ролетари, продавачи, градежници, кројачи преку ден… хип – хоп музичари преку ноќ. Документарецот беше промовиран на трети април, во просториите на Кинотека на Македонија во Скопје.

За нив, за нивната музика, за поводот за документарецот, разговаравме со новинарите, автори на овој документарен филм – Александар Манасиев и Мирко Трајановски. Продуцент на филмот е новинарот Дарко Чекеровски. (http://balkon3.com/?p=9410).

 

ЕДНО: Зошто документарец за Шутка Рома Рап? Што сакавте да покажете?

Александар Манасиев: Идејата за документарен филм произлезе од еден краток видео прилог кој беше објавен кон крајот на 2012 година на повеќејазичниот интернет портал Балкон 3. Тогаш го презентиравме бендот и неговата музика, а потоа заедно со Мирко Трајановски и продуцентот Дарко Чекеровски одлучивме да отидеме и чекор понапред, да направиме филм за овие исклучителни музичари. Откривме дека Шутка Рома Рап и Балкон 3 имаат многу сличности. Пред сè, во идејата, односно во рушењето на бариерите и поместувањето на границите. Шутка Рома Рап тоа го прави преку музиката. Ги руши границите помеѓу традиционалното и модерното, помеѓу етното и хип-хопот, но и го руши јазот помеѓу генерациите, спојувајќи искусни музичари со млади хип-хоп артисти. Тоа е уникатен проект, исто како што е уникатен и проектот Балкон 3. Ние се обидуваме да ги срушиме границите кои политиката ги создава на Балканот. Се обидуваме на културно ниво, преку нашите текстови и видео прилози, да ги доближиме Македонија, Грција, Турција, Албанија и останатите земји на Балканот. Истовремено, сакавме да исправиме и една своевидна неправда, а тоа е бендот да стане познат и во земјата во која е „роден” бидејќи контрадикторно е тие да се познати надвор, а во Македонија безмалку никој и да не чул за нив.

 

ЕДНО: Да, групата е позната надвор од границите на Македонија (Франција, Унгарија, Србија, Словенија…)? Како е дома, тешко ли е да се пробие на македонската музичка сцена?

Мирко Трајановски: За жал, како и многу други македонски артисти, Шутка Рома Рап се попознати во странство отколку во сопствената земја. За време на разговорите со членовите на бендот, со кои морам да кажам дека развивме пријателски однос, забележав дека тие се зачудени, но и малку револтирани од ваквата ситуација. Веројатно, тоа е некој македонски синдром, но според мене, тоа и не е толку трагично. Сепак Шутка Рома Рап се едни од ретките музичари од земјава, кои имаат настапено на светски реномираните фестивали Зигет во Унгарија и Роскилде во Данска. Нивната музика е одлична и пред сè оригинална, така што, мислам дека е најважно таа да стигне до вистинската публика. До оние луѓе кои што навистина ќе уживаат во нивните песни. Исто така, се надевам дека токму нашиот документарен филм ќе им помогне во промоцијата пред македонската публика, но и ќе им ги отвори вратите на фестивали во странство, на кои сè уште немаат настапено.  

 

ЕДНО: Документарецот сте го подготвувале една година. Велите со низа перипетии и заплети…зошто?

Мирко: Ова е наш прв документарен филм. И како автори, но и како продукција на веб – порталот Балкон 3. Генерално гледано, во оваа авантура влеговме подготвени, но како и кај секој посериозен проект, во текот на реализацијата се јавуваат низа препреки, се отвораат еден куп дилеми. Дел од прашањата се решаваат во ôд, но за некои се потребни посериозни дискусии. Знаете, кога работите на еден ваков проект, што ви е особено драг, сакате да го извлечете најдоброто од него. Снимањето на материјалите траеше неколку месеци. И Шутка Рома Рап како бенд, но и Шутка како населба се навистина инспиративни и во текот на снимањето често добивавме нови идеи. Едноставно, приказната се развиваше сама од себе. Морам да кажам дека уживавме во текот на снимањето, во дружбата со членовите на Шутка Рома Рап и за мене лично, тоа беше најинтересниот дел од работата. Потоа следуваше монтажата, која е исто така еден макотрпен и креативен процес, на кој посветивме многу време. Сè на сè, по сите перипетии и заплети, задоволни сме од финалниот производ. Но, за мене е најважно што целата екипа уживаше и одлично се забавуваше при изработката на филмот.

 

Музика „родена” во подруми, изведена на светски фестивали

 

ЕДНО: Што е она што е специфично за Шутка Рома Рап?

Александар: На прво место е музиката. Таа е неверојатен спој на етно со хип-хоп, џез и други елементи што ја прави навистина уникатна. Додека го правевме филмот, не можевме да престанеме да ја слушаме, навистина е заразна. Не треба да се заборави дека музиката е „родена” во подрумите на Шутка, а се изведува на светски фестивали. Но, она што нам посебно не заинтригира беше фактот дека безмалку сите членови на Шутка Рома Рап се музичари само во слободното време. Секојдневно имаат друга работа преку која се обидуваат да заработат за да преживеат, но и за да можат потоа да се занимаваат со нивната пасија – музиката. Некои од членовите на бендот продаваат облека на највеселиот пазар во земјава, пазарот во Шутка каде што доаѓаат да пазарат и сиромаси, но и поимотни. Друг има свој кројачки салон каде повеќе од 10 часа работи на машина за шиење. Други се градежници, мајстори за ролетни и прозорци, работеле на печка во Железара, снимале свадби и слично. Колкумина музичари кои настапувале на светски фестивал како Зигет можат да кажат дека имаат ваков живот?

 

ЕДНО Ќе остане ли промоцијата само во Македонија или планирате балканска турнеја?

Александар: Пред да го промовираме филмот во Кинотека на Македонија имавме проекција само за членовите на бендот во едно кафуле во Шутка. Навистина беше неверојатно да се гледа нивната реакција кога по една година од снимањето за прв пат го гледаат филмот. Промоцијата во Кинотека помина неверојатно добро, филмот беше одлично прифатен и доби аплаузи исто како што добија и членовите на Шутка Рома Рап. За негово прикажување заинтересирани се повеќе домашни и странски фестивали и се надеваме дека ова е само почеток на патот на првиот документарен филм во продукција на Балкон3. Не само што планираме балканска турнеја, туку и прикажување на филмот во држави надвор од балканските граници. Документарецот не се обраќа само на ромската популација или на љубителите на музиката, туку е навистина една приказна за секого, многу поинаква од сите приказни кои што досега се направени за Шутка или за некој што доаѓа од оваа населба.

2,603 Comments