Си го нашла вистинскиот идентитет по 22 години

Дваесет и шестгодишна кумановка и нејзиното право

Султана Саљихи има 26 години и до пред извесно време за институциите во Македонија едноставно не постоела. Немаше идентитет.
Немаше право на социјална помош, на образование, право на глас, на лекување.

Живее во Куманово и е мајка на три деца. Во потрага по своето вистинско име и идентитет тргнала пред четири години. Цели 22 години Султана мислела дека се вика сосема поинаку.

– Родена сум во Скопје. Но, родителите ме оставиле и заминале во странство. Откако знаев за себе, знаев дека се викам Тема, раскажува Султана.

И самата станала родител. Грижата околу нејзините деца, нивното здравје, образование и опстанок на семејството се главните, реални причини поради кои Султана решила да го најде нејзиниот вистински идентитет.

– По институциите по кои одевме под името Тема и според податоците кои што ги имав, беше заведено дека тоа е мртво родено девојче. Кога ги прашав, ниту моите родители не се сеќаваа како ми било вистинското име. Во текот на мојата потрага, дедо ми ми укажа дека моето име воопшто не било Тема, туку Султана. Кога проверивме, излезе дека информацијата е точна, вели 26-годишната кумановка.

Со помош на Националниот ромски центар (НРЦ) од Куманово, Султана е запишана во книгата на родените, има свој извод и лична карта, а во постапка е процедура да добие и државјанство.

– Многу сум среќна бидејќи сега имам право. Имам право на социјална помош и на здравствена заштита. Пред се, заради моите деца. Следен чекор е да извадам документи за моите деца зашто и тие не фигурираат никаде во системот, иако се запишани во училиште, додава Султана со радост.

 

[galleryview id=2]

Leave a Reply