ЕУ го објави првиот „правен инструмент” за интеграција на Ромите

Flagcombo

ЕУ ги повикува земјите – членки да преземат акција за интеграција на Ромите според последниот договор во Брисел.

 

Од Paul Ciocoiu за Southeast European Times во Букурешт – 21/02/2014

Образованието на Ромите е една од четирите главни области на којашто владите мора да се фокусираат, согласно со договорот на ЕУ за интеграција на Ромите. Ромските заедници очекуваат конкретни чекори од членките на ЕУ за подобрување на нивната социјална и економска интеграција, засновано на договорот постигнат во декември 2013 година, кој е поздравен како првиот „правен инструмент”.

„Договорот е силен сигнал дека земјите – членки сакаат да се справат со тешката задача на интеграцијата на Ромите,” рече Вивиан Рединг, потпретседател на Европската Комисија (ЕК) и ЕУ комесар за правда, права и граѓанство, на веб страницата на европското извршно тело. „Министрите направија едногласна заложба за подобрување на состојбата на ромските заеднициˮ.

Засновано на претходни репорти на ЕК, договорот повикува на конкретни мерки за ефективна ромска интеграција и еманципација, со фокус на пристап до образование, вработување, здравствени услуги и домување.

Според договорот, од земјите – членки се бара да ги заштитат ромските заедници, да преземат посебни мерки против дискриминација на ромски жени и деца и намалување на сиромаштијата. За да се постигнат овие цели, ЕУ препорачува 28 земји – членки да не се потпираат исклучиво на европски фондови, туку и да користат државни и приватни фондови.

„Сега е време земјите – членки да распределат значителни ЕУ фондови за периодот 2014 – 2020, заедно со национални пари, за да им помогнат на ромските заедници да го реализираат својот целосен потенцијал и да покажат политичка волја на сите нивоа за да се осигураат дека парите се добро потрошени“, рече Ласло Андор, комесар за вработување, социјални работи и вклученост.

Marian Daragiu, лидерот на Граѓанската Демократска Ромска Алијанса, кажа дека за да бидат ефективни, политиките за ромската вклученост треба да бидат повеќе од говори.

„Одлуката на Советот и препораките на Комисијата треба да станат европски директиви и така да станат задолжителниˮ, изјави тој за SETimes. „Во спротивно, ќе се соочиме со истиот недостаток на политичка волја и професионализам во справувањето со проблемот на ромска интеграцијаˮ.

Marian Mandache, извршен директор на Romani Criss, водечка НВО во Романија, рече дека: „Договорот е добар чекор, но ние се прашуваме дали е доволно артикулиран за да произведе ефектиˮ.

„Нема јасни и задолжителни индикатори за да се измерат резултатите… слабата точка на овој договор е дека тој не обврзува судскиˮ, Mandache рече за SETimes.

Намерата на ЕУ никогаш не била да усвојува судски обврзувачки одлуки, рече Nele Meyer, експерт за Ромите во Amnesty International во Брисел.

„Овој договор е претежно заложба за да се охрабрат земјите – членки да делуваат поцврсто во областа на ромската интеграцијаˮ, кажа Meyer за SETimes. „Сега треба да видиме како земјите ќе ги преточат овие препораки во делаˮ.

„Законски принудни мерки, како што се прекршочни постапки, може да биде добар начин да се убедат земјите да донесат реформи за интеграција на Ромитеˮ, рече таа.

“Во суштина, дискриминација постои затоа што земјите – членки не се прогресивни во борбата против неа, освен со јавни изјави,” рече Meyer.

 

Текстот е преземен од:

http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/en_GB/ features/setimes/features/2014/02/21/feature-02

1,632 Comments