Нема државјанство, нема социјална помош и нема од што да живее

119_0876-1

Поради немањето документи, институциите во 2008 година и ја укинале социјалната помош од 1.000 денари. Оттогаш пита пред џамијата во Штип, а зимава се греела така што палела стари чевли. Мометно останува фактот дека Фатиме е затворена во процедурален вакуум простор, од кој барем засега нема излез. Останува прашањето како државата и давала социјална помош без лични документи?

 

Кревка, мала старица, на која и влегол студот во коски зашто суровата зима ја поминала во својата мала и запуштена шупа, греејќи се со запалени стари чевли, најдени во контејнери низ Штип. Тоа е 64-годишната Фатиме Реџепова. Родена во Приштина, во градот под Исарот  дошла пред 30 години поради брак со македонски државјанин.

Фатиме нема државјанство на Република Македонија иако во земјава е три децении. Од лични документи има само венчаница и здравствена книшка во која пишува дека нема основа под кој таа е здравствено осигурана. Но, барем има сини картони и со нив може да се лекува. Кога разговаравме со неа, се жалеше на болки во едното уво. Потоа, така низ муабет, кажа дека има болки во нозете, а боледува и од висок притисок. Вели најчесто од насобрани нервози. Но, со сините картони барем може да зема лекови. Тие од позитивната листа. Но, за многу од нив треба да доплаќа. Вели по 50 или по 100 денари. Пари кои ги нема. Затоа со години наназад, секој петок питачи пред џамијата во Штип. Не е корисник на социјална помош. Институциите велат дека нема основа за тоа. Но, до 2008 година истите институции ја имаат заведено дека користи социјална помош. И тоа нецели 1.000 денари. Од 2008 наваму, Фатиме ги нема ни тие 1.000 денари.

-Не ми е арно. Доаѓам да питам и на ладно и на топло. За тие пусти пари. Живеам во шупа, немам ни леб, ни за компир, ни за масло за јадење. Никој не помага, ниту соседите помагаат. Луѓето што доаѓаат во џамијата ми даваат по некој денар, вели Фатиме со солзи во очите.

До пред неколку месеци Фатиме се хранела во народната кујна отворена во градот. Но, поради слабото здравје и староста, не можела секој ден да оди и да го зема оброкот кој и следувал. А, немало кој да и ја зема храната. Според правилата на кујната, ако некој не се појави неколку пати, го губи правото на таква помош, така Фатиме ги изгубила оброците еднаш на ден.

Мајка е на пет деца. Но, откако сопругот ја напуштил и заминал во странство, таа останала да се грижи за себе и за децата. Немала можност да ги школува. Има снаа, зетови, внуци.

-Не сакам да одам кај ќерката, ниту кај другите деца. Иако вака ми е многу тешко, не сакам да им пречам, а ниту тие мене. Имам син кој е во странство. Ми рече дека ќе ми прател пари кога ќе умрам. Имал пари за мојот погреб. Што ќе ми се пари тогаш?, прашува Фатиме.

Секој ден оди во Центарот за социјални работи во Штип со надеж дека ќе оствари некаков основ за добивање социјална помош. Центарот пак, ги прави сите напори да и обезбеди законска основа по која Фатиме би добила некаква помош. Шансите за такво нешто засега се еднакви на нула. Останува институцијата да и дава еднократна помош одвреме-навреме.

 

Што вели Законот за социјална заштита?

Член 15 од Законот дефинира дека корисници на социјална заштита се  државјани на Република Македонија кои имаат постојано живеалиште во Република Македонија и странците кои имаат регулиран постојан престој во Македонија, согласно со закон. Фатиме не е државјанин на Република Македонија, но не е ни странец со регулиран престој. За да биде странец со регулиран престој треба да има дозвола за привремен престој и лична карта за странец издадена од Министерството за внатрешни работи. За да ги добие тие документи, таа треба да почне постапка за издавање на дозвола за привремен престој, која дозвола ќе и обезбеди оригинали документи и тоа, извод од извод од матична книга на родени, државјанство на странска држава, странска патна исправа со легален влез во Македонија, доказ за здравствено осигурување, доказ за живеалиште, доказ за средства за издршка, доказ за основот по кој се бара привремен престој – венчаница, семејни врски и сл.

 

[galleryview id=9]

531 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.