И натаму бариери за сини картони за невработените

sini-kartoni600x374

Невладините организации тврдат дека невработените остануваат без сини картони ако не достават пријава за приходи еднаш годишно, што е неуставно

 

Невработените остануваат без сини картони за лекување ако не достават пријава за приходи, иако оваа одредба е неуставна и создава само административни бариери. Невладината организација РОМА СОС од Прилеп реагира дека одлуката на Уставен суд од ноември 2012 година државните институции не ја применуваат во целост. Според оваа одлука на граѓаните со закон не може да им се наметнуваат вакви обврски, бидејќи тие може да ги спроведат надлежните државни институции, односно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни органи и институции за социјално осигурување.

Во јануари годинава државните институции направиле измени во Законот за здравствено осигурување, и при тоа, како што велат од РОМА СОС биле избришани некои одредби на кои укажал Уставниот суд, но не и оваа за пријавување приходи.

А поради недоставување изјава за приходи веднаш по рокот за пререгистрација, во април околу 100.000 невработени останале без здравствено осигурување, што е околу половина од вкупниот број невработени во земјава. Во меѓувреме, повеќето од нив успеале да добијат сини картони, бидејќи како имале потреба од здравствена помош, така се пријавувале.

За овој проблем од април годинава досега во невладината организација од Прилеп се обратиле околу 280 случаи кои се пожалиле дека не можеле да се лекуваат на товар на државата, иако претходно биле здравствено осигурани.

„Поради недоволна информираност овие граѓани не доставиле изјава за приходи, туку за тоа дознале во моментот кога им била потребна здравствена помош. Така имаше една бремена жена која кога ја напуштила прилепската болница по породувањето и’ соопштиле дека треба да плати 13.000 денари“, објаснува Несиме Салиоска, извршен директор на РОМА СОС. Таа потенцира дека оваа обврска не е одговорност на граѓаните, туку на државните институции, посебно што има одлука на Уставниот суд.

Невладината организација побарала објаснување од надлежните институции, министерствата за финансии и за здравство зошто не се почитува оваа одлука. „Државните институции не го признаваат согледувањето дека нецелосно се применува одредбата и пријавувањето на приходите. За институциите оваа обврска не е голема. Според Народниот правобранител неуставно е да се пријавуваат приходите и затоа треба да се направат измени во Законот за здравствено осигурување“, објасни Тање Тренкоска.

Според Уставниот суд, обврската за поднесување изјава не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност, и не е соодветна, зашто контрола и увид во остварените приходи треба да имаат Управата за јавни приходи. И таа треба да доставува докази од таков карактер, се вели во образложението од Уставниот суд.

Иако, Фондот за здравствено осигурување во неколку наврати јавно повикуваше дека ако невработените не се пререгистрираат, ќе бидат избришани од евиденција за сини картони, недоставувањето на изјавите за приходи за Салисока не е граѓански бојкот. За неа ваквите повици се неуставни, и одговорноста не треба да се префрла на граѓаните, кога веќе има одлука на Уставен суд.

„Сакаме овој проблем да го превенираме и затоа ќе поведеме иницијатива за законски измени кои ќе бидат во функција на здравствените реформи, ’здравствено осигурување за сите граѓани‘“, додава Салиоска.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека мора да ја почитуваат законската регулатива, која предвидува невработените секоја година да се пререгистрираат и да доставуваат изјава дали имаат приходи во изминатата година.

Од Министерствата за финансии и за здравство не објаснија дали ја испочитувале во целост одлуката на Уставниот суд.

Во одговорите кои ресорните министерства ги доставиле до РОМА СОС се вели дека со изјавата се олеснува пристапот кон здравственото осигурување и сите граѓаните се изедначуваат пред законот. Изјавата се бара зашто Управата за јавни приходи може да задоцни со обработка на податоците за приходите и лицата да останат неколку месеци без сини картони, стои меѓу другото во одговорот на Министерството за финансии до РОМА СОС.

За Министерството за здравство изјавата не е големо оптоварување за невработените ако се земе предвид дека здравствено осигурување е на товар на државата.

 

Извор: http://www.utrinski.mk

 

405 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.