Илјадници граѓани во земјава легнуваат и стануваат гладни

unnamed5

Здружението „Банка за храна” веќе три години е на терен, со оние на кои помошта им е добредојдена. Идејата е да се собере што повеќе храна и таа да се дистрибуира до гладните.

 

 

Околу 4.000 граѓани, приматели на социјална парична помош секоја вечер легнуваат со празен стомак и со мислата „што ќе јадат утре”? Секојдневно зависат од топлиот оброк кој еднаш дневно, пет дена во седмицата го добиваат во една од вкупно 41 народна кујна, кои Министерството за труд и социјална политика ги отвори во рамките на четиригодишниот проект „Народни кујни“, со цел намалување на сиромаштијата. Но, што прават овие луѓе за време на викендот и за празници?

Во народните кујни, право на топол оброк имаат само лицата приматели на социјална помош, а кои се на списоците на центрите за социјални работи. Но, во земјава, постојат лица кои се лишени од ваквата заштитна мерка на државата, бидејќи немаат лични документи или имаат приходи кои ни оддалеку не ги задоволуваат ниту основните елементарни потреби на семејството.

Народните кујни, нивниот број и податоците за нивните корисници, не се реален показател за вистинската состојба на сиромашните луѓе во Македонија. На терен сликата е многу поинаква. Има многу гладни луѓе, кои не можат да си обезбедат ниту еден, а камоли три оброци во денот. Најтешко е за најмладите, децата кои се радуваат на секое парче леб, лисната кифличка или сокче.

Здружението „Банка за храна” веќе три години е на терен, со оние на кои помошта им е добредојдена. Идејата е да се собере што повеќе храна и таа да се дистрибуира до гладните. А, ги има многу!

„Банка за храна Македонија“ функционира од 2011 година, и тоа по согледувањето на реалната состојба која говори за алармантно висока СИРОМАШТИЈА на граѓаните. Создаден е систем кој континуирано, цела година ќе обезбедува храна за сите оние на кои таа им е потребна во Скопје, но и во другите градови низ Македонија. Со намера да изградиме единствен систем и центар, кој ќе ги прифаќа, регистрира и дистрибуира вишоците и донираната храна, а кои се резултат од производството во прехранбената индустрија – ланци на супермаркети, фирми, фабрики, ресторани, производители нашето здружение веќе ги постави основните темели на еден посебен механизам според кој функционираат сите Банки за храна ширум Европа.

Токму растот на цените, особено на храната, ја создаваат и перцепцијата за нискиот животен стандард и сиромаштија во која се живее. Состојбата на терен е повеќе од алармантна, но истата не е од денес – таа е последица на долгогодишната транзиција во која се наоѓа Македонија, а истата се одразува и секојдневно расте во поглед на изразената и сѐ поголема социјална исклученост и сиромаштија која е „рака под рака“ со економската криза која владее и во Република Македонија.

 

НРЦ – дел од Коалицијата за борба против гладот во Македонија!

 

По основните показатели, се доаѓа до податокот дека во Република Македонија има над 70.000 гладни и неухранети лица, а овој податок го темелиме на неколку параметри, а еден најистакнат е податокот за едногласното изгласување во Собранието на Република Македонија за дополнителна помош на социјално загрозените и сиромашни семејства уште по 100 денари на веќе одобрените 600 за справување со енергетската сиромаштија т.е. помош за плаќање на сметките за електрична енергија на 20.000 домаќинства. Ако се земе предвид дека едно домаќинство брои во просек 3 – 4 члена, тогаш податокот за бројот на сиромашни лица е над 70.000. Ако тие се финансиски немоќни да ја платат електричната енергија, тие се немоќни ни за обезбедување на „достојна“ храна за своите семејства.

Банката за храна Македонија од декември 2011 е придружна членка на Европската Федерација на Банки за храна (ФЕБА), семејството од 247 Банки за храна, од 22 држави од Европа и пошироко.

Преку неколку заеднички акции, Националниот ромски центар беше поканет да биде дел од една поширока и поголема организирана форма на делување против сиромаштијата „рН Достоинство! – Коалиција за борба против гладот!“ каде членуваат 15 граѓански организации од девет општини од Република Македонија.

Во заедничките акции едно ни беше и ни е заедничко – директна борба со гладот на избраната група граѓани од Куманово и околината и тоа преку обезбедување леб и лиснати производи од Компанијата ТИНЕКС, која својата општествена одговорност уште еднаш ја покажа на дело. Така, НРЦ „влезеˮ во оваа приказна.

Во период септември и октомври 2013 година, НРЦ од Куманово во соработка со Банката за Храна – Македонија, ангажирајќи двајца волонтери и верувајќи во солидарноста дека заедно можеме да им пружиме помош на оние на кои таа им е најпотребна реализира хуманитарна активност во две ромски наслеби каде повеќето се сиромашни без основна егзистенција.

Хуманата активност се состоеше од прибирање на лиснатите производи и лебот од 18 Тинекс маркети во Скопје еднаш. Во просек од сите 18 маркети во Скопје биле прибирани од 880 до 1.030 парчиња леб и други пекарски производи. За самото прибирање беа потребни од 4-5 часа за да се поминат сите 18 маркети, каде после прибирањето, лебот и калото се делеше во двете населби каде живее голем процент на сиромашно ромско население.

 

Повеќе за целта на мисијата на Банката за храна Македонија, може да прочитате на http://bankazahrana.org/

Текстот е подготвен во соработка со Душко Христов од здружението „Банка за храна“.

 

[galleryview id=26]

1,475 Comments