Исхрана за новороденчето

hrana3-1

Храната за новороденчето секогаш мора да биде свежо подготвена! Исто така, многу е важно таа да се подготвува во чисти садови и со чисти раце!

 

Која е идеална храна? Идеална храна за вашето бебе во првите шест месеци од неговиот живот е мајчиното млеко. Ексклузивно доење значи исхрана со мајчино млеко без додавање други течности, како на пример, чај, сок, вода, друго млеко. Прераното воведување дополнителна храна може да предизвика алергија кај некои бебиња. Во исто време тоа придонесува бебето да не цица толку често, а тоа води до намалување на количината на мајчиното млеко. По шестиот месец детето треба да продолжи да се дои (пожелно е до втората година од животот) и тогаш да му се дава дополнителна исхрана.

Дополнителна храна…што и кога? Дополнителната храна треба постепено да се воведува, односно една до две кафени лажички дневно и не треба да се воведува кога детето е најгладно или кога тоа е болно. Храната не треба да се миксира, туку да се пасира или ситно да се исечка за да може детето да се поттикне да научи да џвака.

Дополнителната храна треба да биде разновидна, богата со енергија, со белковини и со витамини. Овошјето треба да биде свежо и излупено, во вид на овошни каши или рендано. Зеленчукот треба да биде во вид на сок или зеленчукови каши.

После првата година од животот на бебето, се воведува јајцето и тоа најпрво тврдо варена жолчка, па тврдо варена белка. Млечни производи, како на пример, јогуртот и киселото млеко, сирењето, урдата се воведуваат после шестиот месец од животот на бебето. Тогаш се воведува и по една кафена лажичка масло или путер во секој оброк приготвен со месо и со зеленчук. Медот пак, се воведува по првата година од животот на новороденчето.

Која храна треба да се избегнува? Треба да се избегнува храна богата со шеќер или храна со вештачки засладувачи, бисквити, крекери, газирани пијалоци, зачини, готови сокови, оцет, чај. Храната за новороденчето секогаш мора да биде свежо подготвена! Исто така, многу е важно таа да се подготвува во чисти садови и со чисти раце!

2,864 Comments