Ќе се истражува достапноста до здравствени услуги и работници

majka-te

Владата ја донесе Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Македонија за 2015 година на 21 декември минатата година

 

Теренски посети, патронажни служби, ромски здравствени медијатори, истражувања за тоа колку се достапни услугите за репродуктивно здравје, посебно за граѓаните од ранливите групи, колку се достапни здравствените работници, како и инфорамтивни и едукативни кампањи за граѓаните, со акцент на руралните средини и ромските заедници. Ова ќе бидат главно мерките што се предвидени во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Македонија за 2015 година. Владата ја донесе оваа програма на седница одржана на 21 декември 2014 година, а стапи на сила, веќе следниот ден, по објавување во Службен весник. Во Програмата меѓу другото за годинава се планира и:

„Изготвување информација за здравствената состојба и заштита на мајките и децата со предлог мерки за унапредување на состојбата, со акцент на социјално-екомонските варијабли. Функционирање на Државен центар за репродуктивно здравје, изработка на софтвер за внес на податоци и подготовка на перинатален извештај. Евиденција на податоци за секоја смртност на доенче и родилка од страна на здравствените установи и достава до Државниот центар за репродуктивно здравје. Активности за промоција – информативно-едукативни материјали, брошура и совети за новите родители, печатење мајчина книшка и брошура за здрава бременост, едукација на населението и промотивни кампањи – едукација на семејства во рурални средини и ромски заедници за унапредување на здравјето кај децата, вакцини, безбедно мајчинство и адолесцентско здравје од страна на ромските здравствени медијатори и патронажна служба”.majka-te

Во делот за јакнење на капацитетите на здравствените работници кои обезбедуваат здравствени услуги и заштита на деца и жени во репродуктивен период, во Програмата пишува дека ќе треба да се зајакнат капацитетите на општата болница во Струмица, на одделението за гинекологија и акушерство во Чаир – Скопје, од каде еднаш неделно ќе треба да опслужуваат на подрачјето на општина Шуто Оризари. Во текот на 2015 година, планирано е да организираат и неколку регионални работилници за здравствените работници.

Програмата предвидува и активности за рано откривање на заболувања кај новороденчиња, доенчиња и мали деца.

„Спроведување тироиден скрининг кај сите новородени деца во Република Македонија, детектирање на метаболни болести кај 2000 деца кои амбулантски и болнички се третираат на Клиниката за детски болести, неонатален скрининг за слух на новороденчиња. Превентивни систематски прегледи на доенчиња (3 прегледи по доенче во трет, шести и деветти месец), превентивни систематски прегледи кај деца на две и четири години, патронажни посети кај доенчиња – во просек по 5 од доенче и дополнителни две патронажни посети на семејства со висок социјален и здравствен ризик и на семејства во ромски заедници”.

Според пресметките посочени во Програмата, активностите ќе чинат вкупно 9, 5 милиони денари. Тие ќе се обезбедат од буџетот на Република Македонија.

1,205 Comments