Мамографот во Куманово не функционира, пациентките се праќаат во Скопје, болницата бара дигитален мамомат

22835373_752086281645109_511311596_n-800x600

Поради дотраеност и дефект не функционира стариот мамограф во кумановската болница.Пациентките од Куманово и петте соседни општини се препраќаат на прегледи на скопските клиники, информираат од кумановската болница.

32 годишната К.М., мајка на две деца со препорака од матичниот гинеколог и упат за преглед, вели дека ќе мора да оди во болницата „8 Септември“ во Скопје.Претходно не била на преглед, а дошла да се информира од лекарите во Куманово за целата постапка.

„Малку ми е страв за прегледот, иако претходно доста читав на форуми. Сакам лично од лекарите да се информирам дали постапката е болна.Но, се изненадив кога слушнав дека апаратот е стар и дека воопшто не се користел за скрининг, туку само за пациентки кои поради одредени симтоми биле упатувани тука“-изјави, кумановката.

Лекарите од рентген дијагностика велат дека апаратот е стар повеќе од две децении.Мамографот го донирала невладина организација, а почнал да се користи далечната 1996 година, ане се знае колко претходно се користел.

„Мамографот престана да работи, поради дотраеноста, се појави траен дефект и по последните мерења на зрачењето се покажа дека апаратот мора да се стави вон функција.Се користеше само тој мамограф за пациентите од Куманово, Кратово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Липково и Ранкове“-изјави доктор Славица Јакимовска, специјалист по радиодијагностика.

22835290_752085801645157_1652747039_n-800x600

Таа објаснува дека тие не работеле скрининг, иако е задолжителен, бесплатен, бидејќи апаратот бил дотраен се користел исклучиво за пациентки кои поради одредени симтоматологии се праќани на преглед во болницата.Дневно во болницата се прегледувале само од пет до шест пациентки.Јакимовска вели дека постојано барале нов мамограф, а дека веднаш е побарано од надлежните инстанци да се набави нов мамограф.

Директорката на кумановската општа болница доктор Снежана Захариева, изјави дека веднаш по нејзиното назначување, болницата упатила барање и до Министерството за здравство и до Владата на Р.Македонија.

„Точно е дека е побарано од Министерството за здравство за набавка на дигитален мамомат и барањето е проследено до Владата, и тоа веднаш по назначувањето.Но изборите веќе беа распишани и за жал постоеја законски пречки за измена на годишниот план за јавни набавки “-изјави Захариева.

Таа информира дека во измените на годишниот развоен план за 2018 година, приоритет е ставе на набавка на апаратура за повеќе оддели, но оти набавката на дигиталниот мамомат е на прво место.

„Жално е што една деценија Куманово бара обновување на целокупната рентген апаратура, која е дотраена, небезбедна и за пациентите и за вработените, но Министерството ги игнорирало тие барања.Многу помали здравствени установи добивале нова апаратура, а Куманово е оставено настрана, иако, пружаме услуги на околу 200.000 пациенти.Се надеваме на помош и од Министерството и од Владата, бидејќи граѓаните на Куманово ги имаат истите права како и останатите од Македонија“-вели Захариева.

22834320_752087498311654_1431857192_n-800x600

Кумановската болница опслужува голем број пациенти, но поради дотраеноста на мамографот на пациентките им бил оневозможено да користат скрининг кој е бесплатен за пациентки од 50 до 69 години и воведен е лани во април.

Во кумановската болница, како и на ниво на Македонија нема регистар на вкупен број заболени лица од карцином на дојка.Според статистиката, на болницата во Куманово, најмладата пациентка имала 22 години, а највозрасната 90 години.Најмлада почината пациентка од рак на дојка од Куманово имала 28 години, најстара 86.

„Ракот на дојка не бира возраст, тоа е малигно заболување со висок морталитет, но значајно е навреме да се открие.Секоја жена над 40 години мора да се прегледа, а оние кои имаат генетски предиспозиции, треба и порано.Од пет до 15 проценти од заболените на светско ниво веќе имале член од семејството кој бил заболен од карцином на дојката“-вели Јакимовска.

Според истражувањата на Јакимовска 12 проценти од заболените во овој регион имаат фамилијарна анамнеза на заболени.Оваа година, додава имаше голем број на пациенти кај кои болеста повторно се вратила после неколку години по извршена операција.

„Многу е значајна и редовната контрола на оперираните пациентки“ –вели Јакимовска.

Таа објаснува дека одредени пациентки кои доаѓаат од социјално ранливи категории дека немале средства да ја платат партиципацијата за мамографијата која изнесува 80 денари.Тука голем број од пациентките се од ромска етничка заедница.

„Дел од пациентките, поради социјалниот статус не можеа да ја платат партиципацијата, доаѓаат, прашуваат и не се јавуваат на преглед, поради социјалната криза.Скринингот е бесплатен“-изјави Јакимовска.

Лани на ниво на државата со скрининг биле откриени 1200 заболени од рак на дојка.Македонија е меѓу првите држави во Европа со најголема смртност од рак на дојка.

Раното откривање на карциномот е многу важно за пациентките.Колку порано се открие, полесно може да се третира во однос на откривањето во понапредна фаза.Редовните прегледи ултразвучен и мамографски преглед се исклучително значајни за пациентките, исто како и самопрегледот на дојките.