Минимум четири антенатални прегледи за сите социјално – загрозени бремени жени

DSC_0021-800x600

„Здравствената заштита обезбедена од државата за сите социјално-загрозени идни мајки ќе придонесе за едно поздраво потомство во Република Македонија и за зачувување на здравјето и благосостојбата на жената. Трошоците за таа намена се мали во споредба со добивките од здраво дете, иден здрав човек корисен за општеството“, рече доктор Глигор Тофоски од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

 

Оптимално е да се обезбедат четири рутински основни антенатални прегледи за сите мајки кои спаѓаат во социјално – економски загрозената група граѓани во Македонија, сѐ со цел да имаат побезбедна бременост и да родат здрави бебиња. Ова беше кажано на тркалезната маса „Антенаталната заштита во Република Македонија – можности и предизвици” од доктор Глигор Тофоски од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје,  која се одржа во Скопје на први октомври годинава. Настанот беше дел од проектот „Преку засилен глас до подобри здравствени услуги” чија цел е сите жени во земјата што се приматели на социјална помош да бидат ослободени од партиципативните трошоци за антенатални прегледи.

Според антенаталните упатства донесени од Министерството за здравство на  Република Македонија во 2010 година, бремените жени треба да имаат 10 антенатални прегледи. Наспроти тоа, податоците зборуваат дека просечно тие имаат по 5 прегледи, меѓутоа еден дел од популацијата има само еден до два прегледи во текот на бременоста, а дел воопшто не одат на гинеколог. „Дали се потребни 10 прегледи? Тоа во различни земји различно е регулирано. За дел од популацијата во Македонија овие прегледи се финансиско оптоварување, а дел од пациентките не се доволно здравствено едуцирани и не ја разбираат вредноста на прегледите во бременоста”, рече Тофоски.

Според последните медицински сознанија, најголем дел од неповолните исходи за мајката и плодот може да се спречат со минимумот од четири прегледи во текот на бременоста. Тие не ја чинат државата многу, а ќе помогнат многу.

 

Најмалку задолжително!

Првиот задолжителен преглед потребно е да се направи две до три недели од изостаната менструација (6 – 7 недела од бременост) за да се утврди и локализира бременоста со ехосонографски преглед, да се определи гестациската старост и веројатниот термин на породување. Се препорачува да се внесува фолна киселина во првите три месеци од бременоста.

Вториот преглед треба да се направи од 11 до 14 недела од бременоста за скрининг на хромозомски аномалии (ехо и PRISCA 1 тест). Од тој период, па до крај на бременоста, важно е матичниот гинеколог да обрне внимание и на крвниот притисок на пациентката, преглед на крв и на урина, да се утврди крвната група и RH факторот на бремената жена.

Д-р Тофоски посочува и дека гинеколозите треба да ги советуваат мајките за можните симптоми во текот на бременоста кои можат да бидат знак за загрозувачки состојби во бременоста, како вагинални инфекции, болки во стомакот (контракции на матката), главоболки, повраќања, кои се можни предзнаци за предвремено породување, прееклампсија и други ризични состојби во бременоста.

„Исто така, маана која што ја има и кај лекарите и кај пациентите е што лекарите немаат доволно време, а пациентите забораваат да прашаат. А, тие прашања се клучни и може да бидат загрижувачки за пациентката”, појаснува д-р Тофоски.

Со тоа се дојде до третиот задолжителен преглед, а тој треба да се направи од 21 до 24 недела од бременоста, каде се прави ехо преглед за конгениталните аномалии кај плодот, како и вагинален гинеколошки преглед, тест за откривање дијабетес, како и рутинските прегледи за телесна тежина, крвен притисок, преглед на крв и на урина.

И четвртиот преглед, според Тофоски, кој треба да се направи од 28 до 32 недела од бременоста опфаќа ехо за да се испита правилниот раст на плодот, како и состојбата на грлото на матката, телесна тежина, крвен притисок, преглед на крв и на урина, шеќер во крвта. Но, според него, исто толку важен е и разговорот со пациентката за движењето на плодот, евентуални контракции, отоци, чешање…

„Со овие прегледи се намалува ризикот од мајчина смртност, како и од доенечка смртност. Се намалува ризикот за сериозни последици кај мајката, а уште повеќе ризикот по плодот (бебето) кое ако се роди пред време, со конатална инфекција, или со мала родилна тежина може да биде катастрофален или со долготрајни последици”, рече д-р Тофоски за придобивките од редовните и задолжителни антенатални прегледи кај социјално загрозените бремени жени.

 

 

1,757 Comments