Министерството за здравство ќе набавува дигитален подвижен мамограф

Mamograf

Министерството за здравство одлучи да спроведе постапка за набавка на дигитален подвижен мамограф, достапен за рано откривање на малигни заболувања на цела територија на државата.

 

Вредноста на мамографот е околу 13 милиони денари, а тендерот се очекува да заврши за десетина дена. Ова го најави министерот за здравство Никола Тодоров, по посетата на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“.

– Предноста на овој мамограф е што е мобилен, може да биде поставен онаму каде што е потребен. Врз основа на тоа може да се креира план за детекција и превенција на малигни заболувања во повеќе градови во Македонија, рече Тодоров.

Информира дека за оваа цел поголема група македонски доктори биле испратени на едукација во Клиничкиот центар во Љубљана. Македонските доктори, како што рече, се едуцирани и подготвени да работат во Македонија за скрининг за рак на дојка. Првично скринингот ќе се направи на жени на возраст од 50 до 70 години. Мобилниот мамограф ќе биде лоциран во повеќе градови, во различно време, а сите граѓани ќе бидат на време информирани преку медиумите и преку Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“. Прегледите ќе бидат бесплатни за сите жени.

Тодоров потенцира дека Министерството за здравство во изминатиот период силно е фокусирано на раната детекција и борба против малигни заболувања. Минатата година, во проектот за скрининг на рак на грлото на матката поканети биле 70 илјади жени, од кои 45 отсто направиле тест. Кај помал процент се детектирани определени промени на грлото на матката и рак. Со програмата за рак на дебелото црево, биле направени прегледи кај 10 илјади граѓани.

Биба Додева, претседател на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ најави заедничка соработка со Министерството за здравство со цел подигнување на свесноста за ракот на дојка во Република Македонија.

Таа информира дека како полноправен член на Европската коалиција за борба против рак на дојка „Еуропа Донна“ седми пат го одбележуваат октомври-светскиот месец за борба против рак на дојка. За таа цел ќе се спроведе едукативна кампања „Розов октомври“, која ќе опфати организирање Национална конференција за рак на дојка предвидена за 7 октомври, одбележување на светскиот ден на здрави дојки на 15 октомври, ВИП донаторска забава-Pink Night 2013 за собирање донации за обезбедување перики за жените подложени на хемотерапија, а се со низок социјален статус. Предвидено е издавање водич за пациенти со метастатски карцином на дојката, а од ноември ќе почне „Розов караван“. Во рамки на овој караван ќе бидат организирани 10-15 едукативни предавања за превенција, дијагностика и третман на ракот на дојка низ градовите во Македонија.

Извор: МИА

 

1,551 Comments