МЛАДИТЕ РОМКИ НЕВРАБОТЕНИ И ПОКРАЈ АКТИВНИТЕ МЕРКИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

IMG_20170616_162339

Двете другарки од Куманово, 20 годишната Ајше Алиловска и една година постарата Ајсена Елези, неколку години бараат работа како продавачки во бутик, во трговски дуќани, келнерки, општи работнички, но безуспешно.Двете, објаснуваат дека и покрај многубројните мерки за вработување и поволности кои ги добиваат компаниите од државата не можат да најдат вработување, поради како што велат, нивната етничка припадност.Зачудени се што токму во ова време се уште постои дискриминација при вработување на Роми, иако, нагласуваат никогаш директно не биле одбиени по тој основ.Ниту една од нив не пријавила во соодветна институција за оваа дискриминација.

Алиловска пред две години завршила средно образование во кумановската гимназија и во овој период е практикант во Националниот Ромски Центар.За оваа мерка дознала од вработените во организацијата.Таа се пријавува како активен барател на работа во кумановскиот Центар за вработување веќе две години.Раскажува дека како практикант во организацијата, учи нови вештини и знаења кои ќе и овозможат во иднина полесно да се снајде на пазарот на трудот.Претходно постојано барала работа како продавачка во бутик, келнерка, како општ работник.

 

„Мислам дека ме одбиваат на работа поради мојата етничка припадност.Иако, за себе сметам дека сум добар и послушен работник, кој може, умее и сака да се надогради и усоврши“-изјави Алиловска.

Таа раскажа дека во еден случај побарала работа во бутик во Куманово.Таму и кажале дека немаат потреба од нов работник, по што за неколку дена примиле друга вработена -Македонка.

„Тогаш помислив дека сум одбиена поради мојата етничка припадност“-додава Алиловска

Барала работа и на други места, секаде каде што имало оглас за вработување.

„Ќе отидам да прашам и единствено што ми одговараат е да оставам телефон за контакт, за потоа никогаш да не се јават.Имало случаи кога наместо мене примале девојки Македонки кои ми се другарки “-вели младата Ајше.

Сепак, додава нема да се откаже од барање работа.Планира и да се доусоврши и размислува да се преквалификува за физиотерапевт или козметичарка, или да продолжи да студира на право.

Нејзината другарка, Ајсена Елези завршила средно образование во „Наце Буѓони“ како медицинска сестра. И таа постојано бара работа како продавачка, општ работник на секое отворено работно место.Додава дека има искуство и со работа во невладиниот сектор, а учествувала и на семинари.Освен во Куманово барала работа и во Скопје, насекаде каде што имало достапно работно место.

„Секаде каде што побарав бев одбиена, мислам дека тое е поради мојата етничка припадност“-изјави Елелзи.

Screenshot from Dzine0947_01.MP4 - 1

Таа додава дека Центарот за вработување треба да биде поотворена институција за младите.

„Сите отворени работни места ги наоѓав преку другарки, не преку вработените во Центарот.Дури и самата слушнав за бесплатен курс по германски јазик и се пријавив.Вработената во Центарот каде што се пријавувам не ме информираше за овој бесплатен курс“-додава Елези.

Досега не барала работа во приватните здравствени установи, а во јавните, како што е болницата вели не помислува, бидејќи, додаде за таму е потребно партиска книшка која таа ја нема.

Елези кратко време била и во Германија каде и била понудена работа како медицинска сестра во старечки дом.

„Таму никому не му пречеше мојата етничка припадност.Но, имав проблем со закажување термин во македонската амбасада во Германија, така што го испуштив договорот да започнам со работа од мај годинава.Сега чекам нов терин во нашата амбасада и се надевам дека работата ќе се придвижи онака како што треба и конечно ќе работам по моја струка за солидна плата“-изјави Елези.

И двете млади девојки бараат вработените во Центарот за вработување да бидат транспарентни во односот со невработените, навреме да ги информираат за сите достапни мерки и да им помогнат при пронаоѓање на работа.

Од Центарот за вработување Куманово, информираат дека како активни баратели на работа се пријавуваат 438 Роми од кои 128 се жени.179 се пасивни баратели на работа, од нив 93 жени.Од вкупниот број невработени има двајца Роми со високо образование.

Преку оперативниот план за вработување се нудат голем број можности за компаниите, ослободување од даноци, плаќање придонеси за одредени категории невработени, со акцент на младите, жените, ранливите категории.Младите Роми се заинтересирани за користење на мерките од оперативниот план за вработување, како што е случајот на двете другарки, едната ја користи мерката практиканство, втората, бесплатните курсеви за странски јазици.Мерката практиканство за млади до 29 години е во тек и ќе трае се до исполнување на квотата од 1000 млади лица на ниво на Македонија. Во Куманово има пристигнато 194 апликации од млади, 145 од фирмите, а досега се ангажирани 103 млади невработени лица кои добиваат по 6.261 денар месечно, со вклучен персонален данок на доход и ослободување во случај на повреда при професионално заболување.

Мира Трајковска, соработник во Центарот за вработување вели дека невработените млади ја користат оваа мерка за да се стекнат со одредени знаења и вештини и да добијат првично искуство.

„Оваа мерка е наменета за млади со најмалку средно образование, иако се појавува интерес и кај оние со завршено основно образование, кои за жал не можат да бидат вклучени во оваа мерка.И годинава како и на самиот почеток од имплементацијата на мерката има интерес кај младите од ромската заедница.Обично се вклучуваат во невладините ромски организации, кои работат на повеќе полиња.Годинава имаме вклучено млади во три невладини организации, кои пак мора да имаат минимум еден вработен“-изјави Трајковска.

Дел од младите, особено Ромките се вклучуваат во мерката практикантство во козметички или фризерски салон.Трајковска додава дека ниту една од нив не се пожалила на дискриминација.

„Многу добро се прифатени, рамноправно како и останатите практиканти“-изјави Трајковска.

Фризерското студио „Нела“ од Куманово често ангажира млади Ромки преку мерката практиканство.Дел од нив работеле извесен период како вработени фризерки, дел по стекнувањето на вештините отвориле сопствени фризерски салони некои во Македонија, а некои во странство.

„Слободно можам да кажам дека се вредни работнички, дел од нив мајстори на својот занает“- изјави, сопственичката на салонот, Нела Захариева.

Успешни примери при користење на мерките од оперативниот план за вработување, пренесува и соработникот од Центарот за вработување, Младена Јаќимовиќ.Мерката самовработување е една од најатрактивните за кумановци.Невработените можат да аплицираат со креативна идеја и изводлив бизнс план и да отворат своја фирма, да добијат 4000 евра неповратни средства во фактура.Во Куманово има голем интерес, бидејќи нема голема компанија која може да вработи поголем број на лица.

„Ромите се пријавуваат за оваа мерка и според нашите податоци учествуваат со 3 до 4 проценти од апликациите кои се доставуваат до Центарот за вработување, обично за занаетчиство, мали работилници,она што е вообичаено за оваа мерка.Сме имале успешни приказни.Пред две години невработена Ромка аплицираше за самовработување, доби грант и отвори текстилна производна компанија во Скопје, каде успешно опстојува“-изјави Јаќимовиќ.

На минатиот оглас во Куманово беа доставени 100-тина апликации, на тековниот педесетина.Во изминативе години преку оваа мерка на ниво на Куманово отворени се 730 фирми, а учествувале над 1700 лица.

„Основно е редовно да се пријавуваат како активни баратели на работа, тое е примарен критериум.Апелирам до граѓаните воопшто и особено до невработените Роми, редовно да се пријавуваат и да аплицираат за сите мерки, не само за оваа“ –додаде Јаќимовиќ.

И раководителот на Центарот за вработување, Милорад Тренчевски вели дека Ромите од Куманово не се пријавуваат редовно како активни баратели на работа, но дека во последно време, невладините ромски организации им помагаат при мотивирање на Ромите активно да бараат работа.

„Имаме учесници во мерките од активните баратели, мерките важат апсолутно за сите граѓани.Како една од оние кои се поволни за компаниите кои ги користат е мерката за ослободување од плаќање придонеси.По однос на оваа мерка имаме 36 Роми кои се ангажирани во кумановските компании во текот на 2016 и 2017-та година“-изјави Тренчевски.

Невработените Роми мошне се заинтересирани и за мерката за побарувани занимања која Центарот ја спроведува со средните училишта во градот, каде што невработените имаат теоретска и практична обука за дефицитарни занимања, барани на пазарот на трудот, како што се бравари, монтери, во минатото, чевлари, козметичари, фризери.Лани, преку оваа мерка се обучиле три лица од кои една девојка за сметководство.

„Многу барана кај невработените Роми е обуката за странски јазици, најголем дел млади посетуваат бесплатна обука за германски јазик.Во овој момент пет невработени жени од ромска етничка заедница посетуваат бесплатен курс по германски јазик“-изјави Тренчевски.

Барањето работа е предизивик за сите невработени, но посебно за младите Роми.На ниво на Куманово има 18.833 невработени лица, од кои 9.742 активни, а 9.091 пасивни баратели на работа.Во овој период има отворено педесетина работни места на ниво на Куманово.