Мојата цел е да ја покажам вистината

PICT0036- copymk

НРЦ во 2006 година организираше изложба на фотографии „Ромите низ Европа“ на англискиот фотограф Најџел Дикинсон. Оттогаш со голема почит го следиме неговото творештво.

 

Важно е да се овозможи информација преку емоција, забележување ситуации во соодветен историски и современ контекст, наместо да се третираат настаните сами по себе. Или да се потпираат на стари лаги коишто често ги отргнуваат можностите за Ромите кои треба да им бидат достапни како и на секоја личност, вели Најџел Дикинсон, документарен фотограф по потекло од Британија, фоторепортер и филмски режисер кој работи 30 години во оваа област. Неговата работа е фокусирана на околината, човековата состојба, маргинализираните заедници, оддржливиот развој, идентитетот и културата. Дикинсон живее на линија Париз – Лондон. Тој е исто така застапуван од Поларис во Њу Јорк. Работи на долгорочни проекти низ Европа, Азија, Северна и Јужна Америка. Неговата работа е објавувана во магазинот National Geographic, Figaro, Mare, Geo, Stern, Paris Match, D-Republicca, La Vanguardia, The New York Times, Marie Claire, Vogue, Spiegel, Focus, Time, Animan, Terre Sauvage, Grand Reportage, VSD, Newsweek, New Scientist, The Guardian, Sunday Times, The Independent.

 

ЕДНО: Што Ве мотивираше да фотографирате Роми? Постои ли зад тоа некоја приказна?

Дикинсон: Имам работено со маргинализирани луѓе и измачени заедници целиот мој работен живот. Еден мај во раните 90-ти бев поканет да го посетам ромскиот аџилак во Saintes Maries de la Mer. Не знаев што да очекувам. Но, јас бев толку топло пречекан од ромските (Roma, Gitan и Manouche) семејства за време на фестивалот, што пак отидов и следната година. Во текот на неколку години запознав разни семејства и индивидуалци и бев поканет да ги посетам и надвор од фестивалот, каде што документирав свадби и секојдневен живот кои беа објавени во весници низ целиот свет. Денес сум кум на неколку ромски деца поради мојата долгогодишна врска со Ромите. Некои од нив ми се најдобри пријатели.

„Смешно е што моето име Најџел е тешко да се изговори за Французите, па Gitan-ите и Manouche-ите ме викаа Ангел или Ангело, понекогаш Anglais (француски збор за “aнглиски”), тогаш некој реши да ме вика Нигло (ромски збор за еж) и оттогаш тоа е мојот прекар тамуˮ.

После неколку години се заинтересирав за Ромите во разни земји и во доцните 90-ти повремено живеев и ги документирав животите на традиционалните англиски ромски семејства кои патуваат со коњи и каравани. Како фоторепортер бев и во Босна и Косово за време на војната на Балканот и го документирав ужасниот егзодус на косовските Роми низ Црна Гора, Македонија, Србија и Италија.

Дотогаш имав три различни документи за Ромите кои требаше да се спојат. Прво одлучив да ги фотографирам Ромите низ Европа, но тогаш ги посетив двете Америки каде што има милиони Роми, па така ги фотографирав и таму. Исто така, имав можност да ја посетам Турција и Грузија, па дури и Раџастан, така што обемот на мојот проект доби светски рамки и стана покомплетен.

 

ЕДНО: Како реагираат луѓето (не-Роми) кога ќе ги видат овие фотографии?

И не-Ромите и Ромите се често изненадени од тоа што ќе го видат и ги доведуваат во прашање нивните однапред утврдени мислења за тоа кои се Ромите. Секако дека има слики кои ги потврдуваат нивните мислења за Ромите, но, има и многу коишто се спротивни на тоа и ја покажуваат другата страна на паричката, како што се вели. Така што е невозможно да се каже дека Ромите се едно кога ќе се покаже спротивното. Исто и широкиот опсег на работата, низ многу земји и ситуации, покажува работи кои дури и некои Роми не ги знаат, а тоа е дека Ромите живееле во оваа или онаа земја, или биле многу богати, дека се образовани, познати, сиромашни или дека биле предмет на прогонувања низ историјата…

 

ЕДНО: Има ли порака што сакате да ја испратите со фотографирањето на Ромите?

Мојата цел како фоторепортер и документарен фотограф отсекогаш била да ја покажам вистината (како што јас ја гледам). Во оваа работа јас покажувам што значи да се биде Ром, да се трпи расизам и прогонување, не само денес туку и во минатото, во древните времиња и во помодерната историја, вклучувајќи ја преселбата низ Персија од Индија кон Константинопол, геноцидот за време на Холокаустот (porajmos), етничкото чистење од Косово на Балканот, проблемите со европските граници, во и надвор од Шенген зоната, континуираната дијаспора и депортација дури и во Америка. Но, мојата цел исто така, беше и да покажам позитивни и разновидни примери на Ромите во различни ситуации, некогаш многу сериозни, а некогаш хумористични, секогаш со сочувство и гордост, како на религиски и традиционални фестивали. Да покажам успешни, образовани Роми или уметници, дипломати и политички амбасадори или борба на обични луѓе, каде Ромите се предмет и не секогаш објект на историјата. Такви слики и извештаи се спротивни на често невистинитите и негативните слики прикажани во најпознатите медиуми. Важно е да се овозможи информација преку емоција, забележување ситуации во соодветен историски и современ контекст, наместо да се третираат настаните сами по себе, или да се потпираат на стари лаги коишто често им ги отргнуваат возможностите на Ромите кои треба да им бидат достапни како и на секоја личност.

Оваа длабока документација значеше да се биде вклучен со и во ромските заедници. Така што, крајниот продукт не беше само мојата перспектива, но и колективно претставување за тоа што значи да си Ром. И не само да се комуницира со не-Роми, туку и со Роми. Имам прекрасна можност да бидам сведок на ромскиот животот и искуство во многу различни ситуации, повеќето Роми го немаат ова, а да не зборуваме за не-Ромите (Gadje). Но, не беше отсекогаш лесно да се освои довербата на претпазливи луѓе, понекогаш ми требаа недели, месеци, па дури и години да се приближам доволно за да го фотографирам она што ми треба. Работам на книга, изложба и интерактивна веб – страница за да ја споделам оваа работа со поширока публика и се надевам дека информациите кои што ќе бидат понудени ќе помогнат за разбирање на Ромите и за нивната потреба за самоопределба.

 

На овој линк можете да ги најдете галериите со слики на Најџел од Роми, сликани низ целиот светhttp://nigeldickinson.photoshelter.com/gallery-collection/Roma-Gypsies/C0000xoHIe1NBd9E

 

2,321 Comments