Можноста на младите Роми како лидери на ромските политички партии во РМ

Текстот е преземен од http://romalitico.wordpress.com

 

Ние мора да направиме се што можеме, за да го понудиме најдоброто образование и социјално воспитување на нашите деца – затоа што тие се млади,  лидери на утрешнината

– Џон Ф. Кенеди
Американски Претседател
1917 – 1963
 

     Во потрагата по соодветна дефиниција за политиката, може да наидеме до различни дефиниции од различни периоди низ историјата. до XIX-от век филозофите политиката ја дефинирале како вештина за владеење која била поврзана со војување, освојување и супериорност на народите.[1] Од XX-от век започнува модерното дефинирање на политиката и се насочува кон институционално владеење и одржување на ред и мир во државата.[2] Различниот вид на политички режими и идеологии влијаел врз сфаќањето и дефинирањето на политиката и политичките процеси. Низ историјата на општествениот развој, се појавува поделба на идеалите и начинот на политичко убедување. Организираните групи на истомисленици за политичките процеси, начинот на владеење и разбирањето на општеството се институционализираат преку политички партии.

Според Schreyer и Schwarzmeier политичките партии се развиваат во зависност од структурата на членството во изборните единици, социјалната структура, организациската структура, целите на партијата, идеологиите, пристапот кон политичкиот систем и пристапот кон владеењето.[3] Ваквата поделба во демократскиот систем на владеење како најефективен начин на владеење, ги унапредува сите профили на партии за да се натпреваруваат за довербата на граѓаните. Политичките партии користат различни методи за да ја добијат довербата на гласачите и да ги застапуваат нивните интереси.

 

Неромските политички партии уште од осамостојувањето на државата учествуваат во одлучувањето и влијаењето во прогресот на Република Македонија. Во државата македонските партии во коалиција со албанските партии ја креираат власта или преминуваат во опозиција.[4] Од горенаведеното класифицирање на партиите, македонските и албанските партии варираат во нивните идеологии, структури, пристап кон политичкиот систем и социјална структура, а тоа ја прави политичката сцена поквалитетна и покомпетентна. И во двата блока постојат идеолошки партии кои го имаат најголемото и постојано влијание и најголемиот дел од електорат им припаѓа на ваквите партии.

Ромите во процесот на демократизација во Република Македонија се здобија со право да учествуваат во политичкото унапредување на државата од осамостојувањето на Република Македонија. Ромите како заедница биле застапувани од политичка партија која низ годините се фрагментира во нови политички субјекти, но исто така се појавуваат и нови ромски политички партии со нови лидери во државата.[5] Во дефинирањето на политичките партии, ромските политички партии се дефинираат како етнички-базирани партии кои за главна цел имаат да ги промовираат идеалите и вредностите на заедницата со традиционално лидерство кое има за цел да коалицира со мнозинските партии. Искористувањето на капацитетот на младите претставува еден од долгорочните и одржливи планови за тоа како ромските партии да бидат компетитивни и постојани субјекти во политичката сцена на државата генерирајќи нови лидери и постојана структура.

 

Учеството на младите во политичките партии во Република Македонија 

Низ историјата на цивилизациите, младите отсекогаш претставувале надеж за опстанокот и иднината на општеството како клучен фактор за неговата стабилност и унапредување на постоењето. Иднината на општеството се смета дека најмногу зависи од следните генерации кои ја превземаат улогата на постарите.[6] Но сепак некои филозофи не го споделуваат истото мислење и критички коментираат на следните генерации во општеството аргументирајќи дека младите ако не бидат подготвени да ја превземат улогата на постарите и не покажат поголемо знаење и вештини за новите предизвици, тогаш се појавува голема опасност за продолжување на веќе започнатото или тоа што општеството бара од нив. Во демократско општество, од младите се очекува да ги превземат вредностите и традиционалните демократски практики со цел да учествуваат со постарите генерации во процесот на одржување на демократските процеси. Младите во демократијата претставуваат столб за регенерирање на граѓанските и општествени вредности.

Платон во делото “Република”[7] аргументира за успехот на државата во кој вели дека зависи и од образованието на младите кои понатаму треба да имаат за цел да го имплементираат соодветниот режим во државата, кој немора да биде демократскиот. Аристотел во делото “Политика”[8] укажува на важноста за човековото однесување во политиката и политиката како дел од човековото однесување, нагласувајќи ги добрите примери на човекови однесувања и политики. Демократијата како режим го поттикнува учеството на народот вклучувајќи ги и младите да учествуваат или влијаат во донесувањето на одлуки.

Политичките партии најчесто ги вклучуваат младите во младински актив или организации на млади каде што ги практикуваат политичките вештини и ја унапредуваат визијата на политичката партија. Младинските организации ја играат главната улога во креативноста и инвентивноста на партиите во нивните одлуки за младинските политики и влијанието на идните политики врз младите. Политичките партии, истотака ги вклучуваат младите и во академии за политички вештини каде што ги практикуваат вредностите на идеологиите или профилот на политичката партија. Академиите ги зајакнуваат демократските способности и капацитети за користење на алатките за управување во демократија. Академиите имаат за цел да генерираат нови лидери кои ќе бидат спремни за политички ангажман во иднина. Мнозинските партии во Република Македонија успешно ги реализираат своите политички академии (школи) и ја промовираат својата идеологија кај новите капацитети во нивните партии. Политичката академија за социјална демократија[9] во покровителство на фондацијата Фридрих Еберт ги промовира социјал демократските вредности и политички ги образува идните капацитети на партиите кои се лево ориентирани, додека пак политичката академија за демо-христијанската и конзервативна идеологија[10] во покровителство на фондацијата Конрад Аденауер и институтот Павел Шатев исто така ги промовира конзервативните и демо-христијанските вредности и политички ги образува идните капацитети на десничарските партии во Република Македонија.

 

Учеството на младите Роми во ромските политичките партии во Република Македонија

Ромите во Република Македонија низ годините по осамостојувањето на државата биле застапувани од повеќе партии. Ромските политички партии се претставени како етнички базирани партии кои за цел треба да ги имаат потребите на електоратот односно заедницата. Повеќепартискиот систем во Република Македонија ги охрабри ромските лидери да ги практикуваат своите демократски вештини на политичката сцена а народот да избира кој ќе ги застапува нивните барања. Етнички базираните партии имаат поголема слобода во дефинирањето на своите цели и приоритети затоа што електоратот го креира правецот на партијата а лидерите се гласноговорници на нивните приоритети. Фрагментирањето и креирањето на нови ромски политички партии покрај поделбата на електоратот исто така предизвика и поделба на интересите и приоритетите. Ромските политички партии покрај своите конгреси кои се случуваат еднаш во годината (а кај некои и воопшто), младинските организации кои се активираат пред избори и нивните митинзи не покажуваат други активности за да го придобијат интересот на граѓаните. Традиционалните лидери го знаат рецептот на успехот во изборите и наоѓаат начин како да ја обезбедат посакуваната функција. По изборите, функцијата и обемот на работа ги прави лидерите недостапни за интересите и потребите на гласачите. Недостигот на соодветна анализа и истражувања за работата на ромските политички партии и нивните младински организации, програми, структури, идеологии и статути ја намалува заинтересираноста на гласачите, посебно младите гласачи кои не се вклучени во процесите на донесување одлуки или влијаење на одлуките од партиите.

Младите Роми се ограничени во нивните политички активности и дејствувања поради партиската незаинтересираност за обновување и одржување на политичкиот капацитет. Ромските политички партии ги контролираат амбициите на младите Роми кои треба да ја превземат улогата на лидери во Република Македонија. Начелата на Охридскиот Рамковен договор ненамерно ги „овласти“ ромските политички партии да раководат со капацитетите и да бидат најголемиот „работодавец“ на младите перспективни Роми. Со тоа, ромските политички партии вработуваат млади Роми кои мораат да бидат послушни на  одлуките на лидерот од партијата што ги вработила.

Поради стравот од 29,9% невработеност во државата[11], младите Роми ја прифаќаат понудата на партиите да бидат вработени како државни службеници а за возврат тие учествуваат во предизборните кампањи на партиите. Креативноста и инвентивноста на ромските партии ја утврдува лидерот, коалицискиот партнер од мнозинските партии го утврдува лидерот на ромските партии, коалиционите интереси и приоритетите ги утврдува лидерот на мнозинската партија. Тогаш младите Роми во младинсите организации се потребни како механизам за кампањи и генератор на гласови за ромските политички партии со надеж за работно место. Традиционалното лидерство на ромските политички партии во државата создаде монопол на гласачи кој гласаат затоа што мораат а не затоа што сакаат. Од осамостојувањето на државата ромските партии „успешно„ коалицираат со мнозинските партии и во сенка биле присутни во донесувањето на одлуки. Низ годините се развиваа нови капацитети и нови партии кои го нудеа истото.

Младите лидери немаа можност да следат добри примери на однесување во политиката и да ја разберат каузата за политиката на Ромите како човеково однесување. Ромските политички партии забораваат на академиите како потенцијален генератор на нови лидери во партиите, каде што младите Роми ќе имаат можност да ги практикуваат демократските вредности, да дебатираат за политичката програма на партијата, да влијаат на одлуките од повисок ранк и сето тоа го прикажат на транспарентен начин. Тогаш ромските партии би вложиле на одржливоста и успехот на нивните партии, обемот на работа би се споделил а младите Роми ќе придонесуваат  значително во развојот на политичката култура.

 

Заклучок

Политиката претставува неопходен елемент во општеството за одржување на општествена хармонија во државата, додека пак, младите претставуваат надеж за продолжување, одржување или промена на веќе започнатите процеси во општеството. Одржувањето општествена хармонија во државата ја креираат политичките партии, а посебно оние кои се застапени во парламентот. Политичките партии исто така имаат за цел да ги застапуваат интересите и барањата на гласачите кои се определиле за дадената политичка опција. Политичките партии во насока на политички долгорочен план, за да го задржат континуитетот на нивното влијание и моќ, инвестираат во капацитетите на младите кои ќе бидат спремни да ги продолжат политичките процеси на истите партиите. Додека мнозинските политички партии во Република Македонија го негуваат механизмот на креирање и одржување на нов капацитет во нивните политички структури, преку: политичките академии, младински организации, стипендирање на успешни студенти со тенденции за политички ангажман, ромските партии се изгубени во политичкиот простор и најчесто нивните предизвици се насочени кон идеолошката оска и програмското работење кое треба да се претстави на електоратот на транспарентен и видлив начин. Недефинирањето на вредностите и интересите на ромските политички партии во Република Македонија претставува најголем товар во сите овие минати години од кој неможат да се ослободат. Политичката култура на мнозинството дозволува свесно потценување и ингорирање на демократските фаули врз севкупната демократија на државата затоа што и ромскиот политички блок е дел од тоа миље. Политичката култура на ромите дозволува ниво на разбирање на политиката и идентификување на ромските политички партии, како дел од коалиција кои имаат малo влијание врз државните “високи” политики, со тоа гласачите очекуваат мали резултати кои ќе ги заситат потребите на “најактивните во лепењето предизборни плакати“. Традиционалните ромски лидери треба да бидат спремни да ги исполнат барањата на новите генерации на млади Роми кои се спремни да ги унапредат своите политички вештини и во иднина политички да се ангажираат со цел да се генерира нов капацитет кој ќе биде компетентен да се натпреварува за довербата на граѓаните практикувајќи ги демократските вредности. Но сепак рудиментарниот макијавелизам останува и понатаму присутна одобина на ромскиот политички блок објаснуваќи ги амбициозните политичари како лидери кои најпрво си ја осигуруваат својата позиција па потоа почнуваат да ги елиминираат сите конкуренти за лидерската позиција.

 

 


[1] Повеќе информации на http://www.constitution.org/mac/prince.pdf (последен пат проверено на 27.07.2013)

[2] Повеќе информации http://online.sfsu.edu/sguo/Renmin/June2_system/Political%20System_Easton.pdf(последен пат проверено на 27.07.2013)

[4] [4] Daskalovski, Zidas, (2006) “Between the political convenience and equal opportunities” Association for Democratic Initiatices, pages  45 – 56

[6] Utter, H., Glenn (2011) “Youth and political participation”, ABC-Clio, LLC

[7] Повеќе информации http://www.idph.com.br/conteudos/ebooks/republic.pdf (последен пат проверено на 27.07.2013)

[8] Повеќе информации http://socserv.mcmaster.ca/econ/ugcm/3ll3/aristotle/Politics.pdf (последен пат проверено на 27.07.2013)

[11] Државен завод за статистика, (2013) “Активно население во Република Македонија Резултати од Анкетата за работна сила” I тромесечје од 2013 година

Leave a Reply