Нација или Етничка заедница – предизвик на ромскиот идентитет

Flag_of_the_Romani_people.svg

Текстот е преземен од romalitico.wordpress.com

 

“Ако незнаеме за нашиот вистински идентитет како моќни креатори, тогаш сме подложни да бидеме користени и манипулирани.”  

Брајант МекГил – Автор и активист

 

Една од многуте антрополошко политичките теми е изучувањето на историјата на нациите, нивната посебност во културата и идентитетот. Европските народи низ историјата опстојувале и надминувале предизвици зачувувајќи го својот суверенитет и територија. Функционирањето на субјективниот политички свет зависи од интересите на државите и моќта за доминација во меѓународната сцена. Ромите како нација се населуваат во европскиот континент во XII век[1] без можност и тенденција за територијално унифицирање, со своја различна култура и идентитет од европската. Додека “белиот” континент континуирано низ историјата се развива, групите на народи се унифицираат во нации заштитувајќи се низ своите национални држави и културолошки се унапредуваат за заедништво и обединување, ромите како и сите други народи коишто се населиле како “другите” во веќе конструираните национални држави морале да се приспособат на условите поставени од страна на мнозинството.

Овoј текст има за цел да ги анализира и деконструира концептите на формирање на нација, културен развиток и идентитет со осврт на ромите во процесот на создавање на повеќедржавна нација со унифицирана култура и идентитет. Исто така ги претставува и аргументира фактите и литературата кои ја креираат нормативноста на широко прифатените разбирања за горенаведените концепти.

 

Во првиот дел на овој текст се анализираат темелните концепти на национална креација на државите поткрепени со емпириски примери на национални држави кои низ историјата ја стандардизираат својата територија врз основа на теоријата базирана на етнос и демос како источно европско и западно европско креирање на државите. Во продолжение на првиот дел исто така се анализира миграцијата на ромите, политичкото организирање и “ромството”. Во вториот дел се анализираат темелните концепти на културолошката стандардизација во предложена рамка [културен почеток (потекло); културна зрелост; културен екстремизам] со емпириски примери од европските култури со рефлексија на ромската култура од миграцијата до 1971. Третиот дел се базира на алатки кои го евалуираат идентитетот и креацијата на идентитетот врз основа на предрасуди, генерализација на индивидуални искуства, медиумите и едукативниот систем како неизбежни и најмоќни генератори на описи коишто се прифатени како “стандардни”. Во продолжение на третиот дел следи деконструкција на идентитетите [Цигани и Роми]. На крајот од ова дело следи заклучок во кој се сумирани главните аргументи во рефлексија на ромите.

 

Креација на нации и национални држави

При дефинирањето на нациите и државите пред ерата на модернизмот[2], дебатата се насочува кон главното прашање кое има за цел да ја олесни класификацијата на народност и националност, што е конструирано порано, дали државата и територијата како политички актер или народот односно народноста со своите карактеристики (традицијата, обичаите, идеологијата и др.)[3]. Идејата за создавање на национални држави паралелно се развива во модернизмот и е една од водечките идеи за дефинирање на денешните нации[4].

Во рамки на Европа постојат два вида на конструкција на модерните држави кои се темелат на етнос и демос или на културно унифицирани и политичко унифицирани држави[5]. Според поделбата на Џон Пламенац постојат источно европско и западно европско формирање на држави. Во западно европското креирање на држави најчест пример се реферира позицијата на Ерик Хобсбаум и создавањето на Франција како модерна држава. Според неговиот концепт, територијата го создава идентитетот и нацијата. Пред да постои Франција како држава, постоеле народи кои се унифицирале со креирање на националната-државата, различните народии религии во Франција се идентификуваат со една националност[6]. Франција какои други западно европски држави претставуваат пример за креација на држава врз основа на демосот односно од различни народи (племиња) кои заедно ја создаваат државноста, граѓанството и постоењето на националност. По овој пример западно европските држави се креираат во различен период со сличен метод низ историјата.

Од друга страна, источно европскиот концепт на национални држави се базира на етносот односно народноста на луѓето кои се идентификуваат со заедничката култура, митови, фолклор и др. Поимот народност е исто така конструкција на источниот блок, односно комунизмот како режим кои ги класификува народноста (народно административна група) и националноста како различен интерес со цел за еднаквост и единство на државата како политички актер[7]. Концептот на источно европско креирање на држави е елабориран од страна на Ерик Хобсбаум и Џон Пламенац се поврзува со миграцијата на старите Словени од карпатите низ целиот источен дел на Европа[8]. Формирањето за национални-држави во Источна Европа се базира на народите кои делат сличен концепт како западно европските држави но со поголем акцент на заедничкото потекло и единственоста (етноцентричноста и доминацијата) на народот во рамки на територијата каде што се населиле. Старите Словени по населувањето низ територијата на Источна Европа ги формирале своите држави а воедно и националности.

Дистинкцијата на eтнос и демос во Европа сеуште постои а народите кои се дел од националностите во државите се сеуште во потрага на заеднички живот. Во големиот бран на населување и креирање на националности, се бележи дека ромите веќе мигрирале во XII век во Европа. Ромите се народ кој има индиско потекло и заедничка историја која започнува од големата имиграција од Канауч, Индија се до Европа и другите континенти[9]. При мигрирањето во државите каде што веќе европските националности биле развиени, ромите како народ не биле добре дојдени поради расното профилирање во “белиот континент”. Ромите иако не биле доволно свесни за своето потекло и заедничка историја никогаш не претендирале за територијална унификација и националност во Европа. Веќе во ерата на модернизмот[10], кога териториите биле дефинирани а и народите развиени, ромите биле распостранети низ целиот континент без политичка, културна и економска агенда за својата идентификација, додека пак европските државите веќе го развиваат процесот за изградба на нација и заедничко обединување. Ромите низ историјата, посебно во ерата на европските царствата, биле асимилирани и служеле како робови се со цел да не бидат протерани од териториите каде што се населиле но и да бидат дел од европските народи кои ја сочинуваат државноста на истите[11].

“Ромството” или ромското движење започнува со одржувањето на првиот ромски конгрес во 1971 година во близина на Лондон (Орпингтон) каде што присуствувале 23 претставници од 9 држави[12]. Најголемите достигнувања во ромското движење се токму во првиот конгрес каде што за прв пат се дискутираат социјалните проблеми на ромите, образование, јазик, култура и воените злосторства. На првиот конгрес исто така е усвоена химната “Gelem Gelem” од страна на Жарко Јовановиќ, знамето кое ќе ги претставува ромите како национален симбол и употребата на терминот “Ром”[13] (на ромски јазик “човек”). Покрај првиот конгрес, следеа уште 7 (вкупно 8) конгреси на кои се дискутираат главните проблеми со кои се соочуваат ромите во Европа. Исто така се етаблира Меѓународна Ромска Унија, која повика за препознавање на ромите како национално малцинство во европските држави, се усвои декларацијата на Ромската не-територјална нација и акционен план за изградба на ромската нација[14]. Со оглед на развојот на настаните и континуираната историска пресија од страна на европските народи станува јасно дека глобалните трендови и центри на моќ го намалија значењето и политичкото влијание на конгресите. “Ромството” после добриот старт во 1971 од крајот на 80-тите почна да го губи колосекот на заедничко делување и единствена европска агенда на ромите како транс-национална заедница. Универзалноста на ромите како идентитет застапен во речиси сите европски држави ја отежнува видливоста и агендата на народот затоа што ромите се малцинства во сите држави а демократијата е игра со бројки. Денес, ромите како идеално решение го сметаат колективното застапување коего остваруваат преку институции од невладин карактер додека пак на индивидуално ниво, ромите имаат свои претставници во владини тела и пратеници во легислатива кои не ги познаваат интересите на својот народ или работат за максимизирање на персоналните интереси во прв план. Во очекување на подобар и стабилен живот ромите се надеваат дека Европската Унија ќе реагира односно ќе ги вклучи ромите во процесите и високите политики на Унијата. Сепак ромите секогаш биле жртвено јагне за неуспехот на европските политики насочувајќи ја вината преку медиумите[15] кои повторно, хранејќи ја јавноста со стереотипи и предрасуди, прават обид да ги оправдаат неуспесите на политиките кон ромите.

 

Креација на култура и културни нивоа

Со цел да се елаборира поимот култура и елементите кои ја создаваат културата и културните специфики, во науката постојат повеќе дисциплини и правци кои ја дефинираат културата. Културата како поим во овој текст се анализира со цел да ја олесни компарацијата помеѓу европските народно стандардизирани култури и ромската култура. Поимот култура најчесто еупотребуванод страна на антропологијата и академиците кои започнале да го конструираатразбирањето на поимот. Едвард Тајлор, еден од првите научници кој влијае врз дефинирањето на култура, ја дефинира културата како комплексна целина која ги вклучува знаењето, верувањето, уметноста, правото, моралот, обичаите и други навики на човекот како дел од една заедница[16]. Оваа дефиниција претставува една од првите обиди да се стандардизираат спецификите на народот во една целина која ќе го олесни разбирањето на културата. Низ социјалниот развиток во XIX век, Херсковиц[17], Мид[18] и Малиновски[19] тогашни врвни антрополози го редефинираат поимот и се базираат на артефакти, обичаи и однесување на членови на заедницата.

Со понатамошното анализирање на поимот и елементите, авторите продолжуваат да ја стандардизираат културата од когнитивен, филозофиски, политички и други аспекти.  Модерната и широко прифатена дефиниција на културата ја темели Вилијам Хавиленд[20] како збир на правила или стандарди кои, кога се постапува од страна на членовите на општеството, резултира со однесување кое потпаѓа во рамките на соодветнo и прифатливо од страна на другите членовите од општеството. Во други зборови, културата не се реферира само на однесувањето на членовите како единечен елемент, туку вредностите и верувањата на членовите кои го генерираат тоа однесување. Исто така и интернационалните институции како што е УНЕСКО ја стандардизираат употребата на поимот култура[21]. УНЕСКО поимот култура го дефинира како збир на специфични духовни, материјални, интелектуални и емоционални особини на едно општество или општествена група, која покрај уметноста и литературата ги вклучува и начинот на живеење, заедничкиот соживот, вредносните системи, традиции и верувања. Погоре наведените дефиниции се само еден мал дел од широкиот опсег на дефиниции од научници кои што се занимаваат со изучувањето на кулутрата како социјален феномен присутен кај народите.

Секој народ признат во една држава поминува низ 3 фази на културен развиток и тоа:

1) културен почеток (потекло) развивајќи ја државноста го стандардизира обединување на народот и заедничките цели, вредности и интереси,

2) културна зрелост која претставува фаза на агрегатни широко прифатени сетови на вредности кои ги уредуваат начинот на живот и секојдневното функционирање (познато како “прифатливо” однесување на член во групата) и

3) културен екстремизам кој претставува фаза на супериорност кон другите, неприфатливост кон различните култури и предрасуди кон “нечистиот” народ присутен во истата територија.

Европските народи фазата на културен почеток ја започнаа во ерата на ренесансата. Ренесансата како период понуди развој во повеќе сфери, но најголемиот развој се бележи во уметноста, книжевноста, науката, религијата и самосвеста[22]. Овие атрибути ја сочинуваат културната револуција низ Европа и фазата на културен почеток. Британската гордост за Вилијам Шекспир, Француската за Пиер ду Росард, Италијанската за Леонардо да Винчи се само дел од големата палета на луѓе што се познати како креатори на културните вредности на европските народи. Транзицијата од фазата на културен почеток во културна зрелост се спроведува преку неколку последователни европски движења.

Фазата на културна зрелост, европските народи ја развиваа веднаш по револуцијата што ја предизвика ерата на ренесансата. Романтизмот, реализмот и раниот модернизам претставуваат периоди кога европските национални-држави веќе го унапредија нивото на своите сплотувачки вредности и развиваат чувството на припадност. Во овие периоди големо внимание се посветува на етносимболизмот и агрегирање на народот во заедници креирајќи ги јазикот, историјата, традицијата, симболите, обичаите легендите и митовите[23]. Културната зрелост како период во историјата се смета за најголемиот двигател затоа што народите добиле можност за унификација на заедничките вредности на луѓето од исто потекло кои ги сплотува во една територијата.

Културниот екстремизам како трета фаза на културен развиток, претставува фаза на наметнување и супериорност на идентитетот. Како противтежа на супериорноста на нациите во Европа која се развивала уште пред Првата светска војна, Европската Унија го претстави Европскиот идентитет и заедништво на народите за заеднички прогрес[24]. Од една страна, Европската Унија го намали интензитетот на супериорност и доминација на големите национални држави и иницира заедничка кооперација за да ги одбрани принципите на Унијата, но од друга страна, европската криза и големиот бран на имигранти, ја зголемија нетрпеливоста и незадоволството во сите европски земји. Евроскептицизмот во европските држави го достигнува врвот додека екстремно националистичките партии добиваат повеќе доверба од народот и креираат наратив кој се поврзува со “чистотата” и потеклото на народот[25].

Културното богатство на ромите останува мистерија за многу етнографи и културолози. Големата миграција на ромите во XII[26] век предизвикува потрага за постојан дом и адаптација на културните вредности со мнозинството во државите каде што се населиле. Процесот на адаптација и соживот со мнозинството се бележи како долг и нецелосен поради етноцентричноста на европските народи како сопственици на територијата во која што живееле. До перидот на Првата светска војна ромите мигрирале во Европа и биле поделени според нивните традиционални занаети. Ковачи, Џамбази, Калдераши, Кале, Синти, Ромунгро и други групи на Роми добиле имиња како резултат на поделба помеѓу нив според нивните занимања[27]. Вештите Роми кои имале занает биле прифатени од мнозинството поради нивната продуктивност во државите каде што се населиле. Во периодот до Првата светска војна, ромите биле воглавно населени во повеќе европски национални држави и биле сегрегирани.

Во 1907 за прв пат се бележи поимот “Цигански политики”, кој се однесува на сегрегираните кампови за Роми, каде што морале перманентно да работат и живеат [28]. Веќе во 1926 се воведува “Циганскиот индекс” кој што се однесувал на ромите кои живеат во Австрија. Федералната полициja во Ајзенштат, Австрија[29] го воведува овој систем и ги евидентира сите Роми со нивни отпечатоци. Овој систем бил воведен поради честото мигрирање и ограничување на ромите во кампови кои живеат во Австрија[30]. Оваа практика била широко прифатена и имплементирана од другите држави за “чистотата” на територијата. Во овој период ромите биле оневозможени да ги практикуваат своите културно-симболични вредности поради доминантноста на мнозинството во државите каде што биле населени. Во периодот до Втората светска војна, ромите биле третирани како робови, ограничени и евидентирани како криминалци или потенцијални девијанти на општото добро во Европските национални држави. Во периодот на Втората светска војна, ромите се соочуваат со најсвирепиот третман и геноцид во рамките на Хитлеровиот Рајх. Ромите до 1971 година не добиле начин да се организираат и да ги унифицираат своите вредности како нација која што живее во Европа.

Ромите како народ, сеуште не се во ситуација да ги поминат трите нивоа на културен развиток поради колатералната штета, агонија и тортура која била нанесена со векови врз нив како поделен и разнобоен народ. Историски, за ромите се бележи дека се народ кој се адаптира односно асимилира кон мнозинството и нивните вредности[31], тоа претставува процес којшто го иницира губењето на јазикот, традицијата, обичаите, симболите и др. Сепак, во надежна оралното пренесување на културните вредности на ромите од генерација на генерација останува како еден од најголемите извори за зачувување и опстојување на ромската култура. Исто така новите генерации се посветуваат на зачувување на идентитетот и исто така на историографијата, истражувањето и унапредувањето на знаењето за ромите.

 

Евалуација на идентитет и етикетирање

(базирано на предрасуди, генерализирање на индивидуални искуства, медиуми и едукативен систем]

Креацијата на идентитетот е процес кој се базира врз комбинација на  прикажување и верување во културните вредностите како што се симболите, обичаите, јазикот, митовите и традицијата. Предрасудите (шегите) исто така, претставуваат една од најмоќните алатки за зајакнување на верувањата дека народот е таков како што ќе го претстават другите. Генерализирањето на предрасудите од секогаш претставувало забава но и конструкција која се смета дека е вистина и општо прифатена за определена нација[32]. Покрај предрасудите, генерализирањето на поединечни искуствата исто така претставува моќна алатка која се пренесува на луѓе коишто немале индивидуално искуство со таа нација. Посебно внимание добиваат медиумите и едукативниот систем како најмоќни алатки за креација на индивидуална слика за некоја држава, народ, регион и слично.

Атласот на Јанко Цветков претставува еден од доказите дека трендот на стереотипизација на нациите станува се поголем и поактуелен[33]. Овој атлас ги прикажува стереотипите од различни луѓе за сите можни држави во Европа. Покрај стандардните широко познати позитивни стереотипи за точноста на Швајцарците, дисциплината на Германците, чајот во 5 часот на Британците и љубовниот карактер на Французите, овој атлас ги прикажува негативните стереотипи за народите низ Европа врз основа на индивидуални искуства на креаторите на мапите. Покрај другите начини за креација на слика за народ преку интернет, овој начин станува “забавен” и “вистинит” за некои луѓе коишто немале интеракција со припадник на таа нација или бил во таа држава.

Медиумите и едукативниот систем пак претставуваат најмоќни алатки затоа што се константни и неизбежни креатори на јавното мнение. Изучувањето на историјата и индиректно на другите предмети во основното образование креираат наратив за учениците во кој што веруваат дека е вистинит без испитување на аргументите. Секоја држава има свои “непријатели” во текот на историјата и “непријателите” се прикажани како окупатори, узурпатори или барбари. Ваквите ставови и пишан текст се пренесува генерациски и претставува “стандардна вистина” за масата која поминала низ едукативниот систем. Од друга страна медиумите се неизбежни и постојани во конструкцијата на реалноста и стереотипите за информациите што ги пренесуваат медиумите[34].

Овие алатки исто така придонесуваат и во генерализирањето и предрасудите за ромите. Во случајот за ромите се користи конструктцијата “Циган”, кој повеќето Европски земји и европската заедница[35] го сметаат овој термин за прифатлив за јавна употреба и јавни документи. Овој термин е широко употребуван од не-роми но и од Роми за репрезентирање на ромите во нивните држави или на Европско ниво затоа што терминот е поегзотичен и попрофитабилен. Терминот се поистоветува со идентитетот, вредностите и еманципацијата на ромите се до 1971 година кога се организира првиот Светски Конгрес.

Овој термин потекнува од грчкиот термин “Athinganoi” кој се однесувал на религиозна секта во IX век во Грција за која се сметало дека биле ромите. Овој термин добива варијанта “atsinganoi” кој се употребува за новодојдените “нечисти” луѓе во Византија. Овој термин се употребува долг период низ Византија за ромите како нечисти и луѓе со кои е забранета интеракција.

По ерата на Византиското царство овој термин ја достигнува последната варијанта “zigeuner”, “tzigan”, “tigan”, “zingari”, “cigan”[36] кој е наменет за “црните” во “белиот” континент. Од друга страна терминот “Gypsy”[37] потекнува од крстоносните војни во кои учествувал народ кој го бранел Египет но биле видливо различни од населението на Египет. Бранејќи го Египет се бележи дека крстоносците ги нарекуваат “gyptians” или “egyptiens”[38] населувајќи се во Европа. Овие термини кои оригинално не се однесуваат на ромите, се користат во адресирање на ромите во европските држави. Овие форми за навредливост и понижување на група луѓе се користи за ромите затоа што и ромите се населуваат во Европа.

Ромите со доаѓањето во Европа добиваат креиран идентитет со кој што билеидентификувани од не-ромите се до 1971, Првиот Светски Конгрес на ромите. Сепак медиумите, едукативните системи и стереотипите низ европските држави ја зајакнуваат оваа состојба за ромите затоа што е профитабилна и егзотична. Новите генерации знаејќи ги етнографските и историографските факти се стремат да ја сменат состојбата и да се борат против “циганизмот”

 

Заклучок

Овој текст ги аргументира научно поставените индикатори за анализирање на формирање на нација со посебен акцент на ромите како нација и нивните обиди за формирањекако транснационална нација. Важно е да се забележи дека европските народи многу порано и побрзо го развиваат процесот на формирање на нација и национална држава, нивното соединување и единство се смета за зачувување на “државниот” идентитет, додека пак ромите се во поразлична ситуација од мнозинството на народи во државите каде што се населиле. Ромите како нација се соочуваат со предизвикот на политичко организирање и лидерство се до првиот меѓународен конгрес на ромите во 1971. Сепак, ромите како ентитет кој опстојува во Европа после геноцид и секојдневно лишење од слобода се бележи како “движење” со надеж за поголема видливост наевропската сцена за ранливоста на проблемите со кои се соочуваат ромите денес.

Исто така, еден од аргументите кои се анализираат во текстот е и културата, со емпириско-теоретски појаснувања за процесот на културна стандардизација и зачувување на вредностите на “белиот” континент и рефлексија на истиот процес кај ромите. Ромите во периодот на мигрирање се соочуваат политичко-културолошки предизвик знаејќи дека ќе бидат оневозможени да ја манифестираат и зачуваат културата во веќе екстремната доминација на народите во Европа. Емпириските факти во ова дело ја зајакнуваат позицијата на аргументирање за историските предизвици на ромите како оневозможен народ да ги практикува и зачува своите културни вредности и одлики. Со оглед кулминацијата низ вековното развивање на европските култури, ромската култура сепак останува богата со свои специфики и посебна во својот начин на опстојување иако биле робови на “чистиот” континент.

Во овој текст се анализираат алатките со кои се формира и одржуваетикетирањето на народите односно на ромите. Деконструкцијата на термините кои се широко прифатени како “нормални” и “стандардни” во рамки на ромскиот идентитет покажуваат дека постои идентитет кои бил зачуван со легитимитет, политички коректен и одржлив додека пак исто така постои и форма којa билa историски злоупотребена и креираназа да ги ограничи можностите на “нечистите” луѓе во Европа.

Циганизмот во последните 10 години претставува термин против кој младите Роми се ставени во состојба да бидат спремни да го предизвикаат преку демократска дебата и академски методи секој фактор во општеството и да докажат дека не постои цигански идентитет и цигански народ туку ромски идентитет на ромската нација со културно богато минато и силна верба во иднината. Овој текст претставува антрополошко политичко гледиште коеможе да предизвика различно толкување и со други објаснувања за методолошкиот пристап кој се користи за прикажување на научните и емпириските факти и гледишта

 

[1]Courthiade, Marcel (2003) “The Gangetic city of Kannauʒ : original cradle-town of the Rromani people” Wydawnictwonaukowe Poznan

[2]Pericles, Lewis (2000) “Modernism, Nationalism, and the Novel” Cambridge University Press.

[3] Branch, Jordan Nathaniel (2011) “Mapping the Sovereign State: Cartographic Technology, Political Authority, and Systemic Change” (Ph.D.). Publication Number 3469226.University of California, Berkeley

[4]Breuilly, John (1993) “Introduction In Nationalism and the State” Manchester University Press

[5] Yack, Bernard (1999) “The Myth of the Civic Nation”, Beiner, Ronald (ed.): “Theorizing Nationalism”

[6] Simon, Patrick (2012) “French national identity and integration: Who belongs to the national community?”

[7]Hobsbawm, Eric (1990) ”Nationalism in the Late Twentieth Century”, Cambridge University Press

[8]Plamenatz John (1973) ”Two Types of Nationalism” Kamenka, Eugene (ed.): “Nationalism: The Nature and Evolution of an Idea”, Australian National University Press

[9] Ibid

[10]Pericles, Lewis (2000) “Modernism, Nationalism, and the Novel” Cambridge University Press

[11] Hancock, Ian (2002) “We are the Romani People. Amesam e Rromanedžene” Hatfield: University of Hertfordshire Press

[12] Ibid

[13]Kenrick, Donald (1971), “The World Romani Congress – April 1971″, Journal of the Gypsy Lore Society

[14] Ibid

[15]Повеќе информации: Глобал Пост (http://www.globalpost.com/dispatch/news/regions/europe/131118/14-unbelievably-racist-things-politicians-said-about-roma)

[16] Tylor, Edward (1871) “Primitive Culture: Researches in the Development of Mythology, Philosophy, Religion, Language, Art and Custom”, London: John Murray.

[17]Herskovits, Melville (1948) ”Man and his Works: The Science of Cultural Anthropology”, New York: Knopf.

[18]Mead, Margaret and Metraux, Rhoda (1953 eds.) “The Study of Culture at a Distance”, University of Chicago Press

[19] Malinowski, Bronislaw (1931) “Culture”, Encyclopedia of the Social Sciences, Vol. 4, New York: Macmillan

[20]Haviland, William (1995) “Cultural Anthropology” Mifflin Harcourt P

[21]UNESCO Universal Declaration on Cultural Diversity, 2001

[22]Jensen, Lamar (1992) “Renaissance Europe: Age of Recovery and Reconciliation” University of Michigan

[23] Smith, Anthony (1991) “The ethnic origins of nations”, Wiley-Blackwell; Reprint edition (January 8, 1991)

[24] McCormick, John (2010) “Europeanism”, Oxford University Press

[25]Повеќе информации: Standard Eurobarometer 80 / Autumn 2013 (http://ec.europa.eu/public_opinion/archives/eb/eb80/eb80_first_en.pdf)

[26]Courthiade, Marcel (2003) “The Gangetic city of Kannauʒ : original cradle-town of the Rromani people” Wydawnictwonaukowe Poznan

[27]Hübshmanová, Milena (2003) “Roma – Sub Ethnic Groups”. Rombase. Karl-Franzens-Universität Graz

[28]Baumgartner, Gerhard (1987) Sinti und Roma in Österreich. In: Pogrom 130, pp. 47-50.

[29]Baumgartner, Gerhard (ed.) (1995) 6x Österreich.Zur Geschichte und aktuellen Situation der Volksgruppen, Klagenfurt.

[30] Ibid

[31]Hancock, Ian (2002) “We are the Romani People. Ame sam e Rromanedžene” Hatfield: University of Hertfordshire Press

[32]Pelinka, Anton (2009) “Handbook of prejudice” Cambria Press

[33]Повеќеинформации: The Guardian (http://www.theguardian.com/artanddesign/2012/feb/17/stereotype-maps-tsvetkov)

[34]Ibroscheva, Elza, Ramaprasad, Jyotika (2008)”Do media matter” Journal of Intercultural Communication

[35]Повеќе информации: DG Justice – European Commission (http://ec.europa.eu/justice/discrimination/roma/index_en.htm)

[36]Hancock, Ian (2002) “We are the Romani People. Ame sam e Rromanedžene” Hatfield: University of Hertfordshire Press

[37] Ibid

[38] Ibid

158 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.