НАМАЛЕН БРОЈ НА АБОРТУСИ – ЖЕНИТЕ ПРОТИВ СОВЕТУВАЊЕ

13529001_999157546870453_8854391515927171533_n

Се намалува бројот на абортуси во Куманово, информираат од општата болница Куманово. Надлежните од оваа установа, од одделението за  гинекологија и акушерство, велат дека минатата 2016-та година имале 227 абортуси. Бројот на абортуси се намалува последниве години, особено изминативе десетина. Што се однесува до жените од ромската етничка заедница, лани абортирале само 19 жени од кои 14 од нив веќе биле мајки на три деца. Причините за абортусот се различни, но најчесто, жените се одлучуваат на ваков чекор кога веќе се реализирале како мајки и кога немаат услови за проширување на семејството.

Нашите две соговорнички се веќе реализирани мајки, жени кои се вработени, успешни во своите професии, едната Ромка, втората Македонка.

42 годишна жена од Куманово, вработена, инаку мајка на две деца, абортирала пред извесно време во седмата недела од бременоста. Не сакаше многу да зборува за детали, но рече дека лекарите биле коректни и ја прашале дали сака да го задржи бебето. Тие и ги дале сите информации за абортусот, вклучително и за  ризикот. Следела посета и кај психолог и советување два дена пред закажаниот термин. Психологот  и доставил материјали за ризиците, за начините и постапките за абортусот .Вели, дека наишла на разбирање кај психологот за нејзината одлука, кој ја прашал колку деца има.Кај психологот потпишала согласност, по што разговарала и со анестезиолог.

Потоа, платила 4.000 денари и со целокупната документација тргнала кај гинеколог.

„Лично сметам дека ова советување кога жената е решена да абортира е малтретирање и воопшто не е потребно.Врши психолошки притисок.Морав да излегувам од работа, да чекам, ми одзема многу време да ги завршам обврските.И воедно, повеќе размислував за мојата постапка“ -изјави 42 годишната кумановка.18718141_682986811888390_216091199_n

И по завршување на абортусот имала поддршка од гинекологот, од анестезиологот, од целокупниот медицински персонал.

34 годишна мајка на две малолетни деца и сопруга од Куманово која воопшто не сакаше да и се спомене името, раскажува дека доста се двоумела дали да абортира.Останала бремена како што вели, сосем случајно.Вработена е и исто како и нејзиниот сопруг, но приходите едвај им стигнуваат за покривање на егзистенцијалните потреби на четиричленото семејство со две малолетни деца.

„Тешко ми беше да одлучам, но навистина немам средства да одгледувам три деца.Додека се мали, некако може да се живее, носат облека едно од друго, но сепак, потребни се средства за да се израсне дете, трошоците растат како што растат и децата“-изјави кумановката.

Објаснува дека по утврдувањето на бременоста  кај матичниот лекар, разговарала со сопругот и одлучиле да абортира.Била на советување кај психолошкиот тим во болницата.Вели дека се двоумела цело време и било жал за губењето на плодот.

„Навистина многу се двоумев, ме грижеше совеста зошто да абортирам кога знам дека многу жени не можат да зачнат, имаат проблеми со бременоста. Но, навистина, од друга страна веќе имам две деца кои се живи и здрави, некогаш и ним немам што да им пружам, иако работам, а за трето не доаѓа во предвид“-изјави кумановката.

Не се поколебала ниту поради додатокот за трето дете, вели дека средствата се доволни само кога децата се помали, не и кога растат. Истовремено, вели  и било страв од компликациите кои можат да настанат по абортусот. Бременоста ја прекинала во шестата недела.

Биљана Ивановска, психолог од општата болница Куманово, објаснува дека по утврдувањето на бременоста кај матичниот лекар, согласно протоколот, тој ја упатува пациентката во психолошката служба во болницата.

„Овде се пополнуваат два формулари издадени од Министерството за здравство од кои во едниот, жената се запознава со ризиците од прекинувањето на бременоста. Се обидуваме да ги предомислиме пациентките, но обично цврсто се решени за прекин на бременоста“-изјави Ивановска.

Додава дека имало случаи кога жената се разубедува.

„Тоа е навистина ретко, но е голем успех и за нас и за мајката“- изјави Ивановска.

Дел од психолозите кои се вклучени во овој тим, пак објаснуваат дека не сакаат дополнително да ги оптоваруваат пациентките со протоколите кои се налагаат при вакви интервенции.На жените, велат и онака им е тешко, така што не притискаме да се предомислат, нагласуваат психолозите.

Началникот на одделението за гинекологија и акушерство, Др. Нисо Тасов, раскажува дека непосредно пред интервенцијата, некогаш и самата пациентка се откажува од абортусот.

„Најчесто абортираат жените над 35 години кои веќе се мајки, имаат големи деца, случајно остануваат бремени“- изјави др.Тасов.

Обично, додава кога мајката е здрава ја разубедуваме.Во добар дел случаи, објасни и партнерот помага во разубедувањето или некој друг член од семејството.Сепак, додава, се согласуваат со абортус, доколку жената имала два царски реза или кога жената има одредени здравствени проблеми, заради здравјето и следењето на бременоста, но, битно е нагласува жената да има барем две деца.

„Во 99 проценти ги советуваме да не абортираат“-дециден е доктор Тасов.

Тој се присети дека  пред петнаесет-дваесет години во 1998, 99, 2000, 2001, 02 кога вели имало и по 800-тини абортуси на годишно ниво.

„Сметам дека сега жените се поинформирани, користат контрацепција, внимаваат на своето здравје, оти секогаш кажуваме дека секој абортус, колку и да е медицински успешен си носи свои последници“-додава доктор Тасов.

Освен што жените се информирани како да се заштитат, според доктор Тасов, улога има и психолошкото советување, воведено од Министерството за здравство, како и родителскиот додаток за трето дете.

„Мислам дека и тоа има големо влијание“-изјави Тасов.

Битно е жената да се советува навреме.Тој информира дека компликациите од абортусот се сведени на минимум,но појаснува дека во медицината не секогаш „два плус два се четири“.

„Абортусот може да предизвика компликации од коагулација, запаленија“-изјави доктор Тасов.

Ризиците и компликациите од абортусот растат со секој подоцнежен период на бременоста, зависат од методата која се применува од искуството на гинекологот, од однесувањето на жената по абортусот. Тие ризици се поголеми при прекинување на првата бременост. Дел од нив можат да се случат за време на интервенција и четири часа по неа: силни крварења, повреди на грлото на матката (пробивање), компликации од анестезијата, шок, смрт и друго. Меѓу задоцнети компликации влегуваат крварења кои се должат на оставено парче од бременоста, воспаление на гениталните органи, бременоста може да не е прекината, да постои вонматерична бременост, која за време на интервенцијата не е утврдена, воспаление на длабоките вени на нозете и друго. Доцни компликации настануваат еден месец по абортусот и подоцна: не можност од повторно забременување, зголемен ризик од спонтани абортуси и предвремени раѓања, RH – сензибилизација (ако жената која има негативен RH фактор не примила заштита по абортусот), различни пореметувања на менструацијата, бел исцедок и друго.

Доктор Тасов препорачува дека по абортусот, жената треба да обрне посебно внимание на своето здравје, да одмара, да биде заштитена со антибиотик, ако забележи крвавење да се обрати кај лекар.

13592285_999157476870460_3105608218834541595_n