Не-Ром меѓу Ромите во Средорек

trkalo

Во очи на меѓународниот ден на Ромите, 8 април, овој празник не може подобро да се прослави, од тоа да се биде во заедницата и да се слушне заедницата. Да биде обсервацијата уште поразлична, не-Ром беше меѓу Роми во ромската населба Средорек во Куманово. Ги сретнавме од сите возрасти, социјални статуси, со различни погледи за исти работи…

 

Долго време размислувавме како да го одбележиме меѓународниот ден на Ромите, 8 април. За историјати, пресеци на минатото, анализи на иднината, осврти на сегашноста на Ромите веќе е пишувано и допрва уште ќе се пишува. Она што нè натера овој ден да го одбележиме поинаку беше начинот за пронаоѓање на одговорот на прашањата: „Како фактички живеат Ромите и што во пракса добиле од процесите кои ги почнале да речеме, земји-потписнички на Декадата за вклучување на Ромите, меѓу кои и Македонија? Дали државата нешто реално направила за нив, дали локалните власти биле меѓу Ромите да видат во какви услови тие живеат и со колку пари преживуваат?“.

Така, во очи на меѓународниот ден на Ромите, овој празник не може подобро да се прослави, од тоа да се биде во заедницата и да се слушне заедницата.

Да биде обсервацијата уште поразлична, одговорот на ова прашање го побара не-Ром меѓу Роми во ромската населба Средорек во Куманово. Влеговме во нивните домови, во нивните дворови, работни места. Се напивме кафе, сок, вода, помуабетивме, слушавме ромска музика. Си посакавме добар ден на доаѓање, добро здравје на одење. Ги сретнавме од сите возрасти, социјални статуси, со различни погледи за исти работи…

-Ромите се заборавени, ставени се последни на листата. Освен за избори, никој тука не стапнал да види како живееме, вели еден жител на населбата.

– Никој не се грижи за Ромите. Ние сме како топка која често и многу ја шутираат, вели негов сожител.

Во Средорек разговаравме и со мажи и со жени и со стари и со млади, вработени, невработени, пензионери, корисници на социјална помош. Ретки се тие што имаат плати според просекот во Република Македонија (просечната бруто плата во државата во јануари 2012 година според Државниот завод за статистика била 30.591 денари).

Останатите со кои разговаравме живеат на работ на сиромаштија, од 1.400 денари до најмногу 5.000 денари од семејство. Најчесто само еден заработува во семејството. А, неколку генерации живеат во еден дом. Голем број ромски семејства во населбата немаат ни од што да живеат, па мора да се снаоѓаат, претежно собираат пластични шишиња и ги продаваат. Така, дневно најмногу што може да заработат е 500-600 денари. Вообичаената дневна заработувачка е 200-300 денари. Иако животот на многумина им е тежок, како ништо да не може да им го сруши нивниот дух.

-Како што е Господ, никој не е. Некогаш е подобро, некогаш е полошо, но барем во заедницата си помагаме, велат средоречани.

Тие чувствуваат екстремно голема лојалност кон Република Македонија.

-Многу ми е жал, живеам во Република Македонија, граѓанин сум на Република Македонија, но не можам да си ги платам долговите кон државата. Немам од каде да земам за да плаќам за струја, вода, ѓубрарина. Постојано се случува да ни ја исклучуваат струјата, но нема каде да се жалиме, па сами си ја приклучуваме струјата. И тоа мора да го кажам, вели 48-годишниот С.И и додава:

– Пратениците, премиерот, министрите, па и претседателот на државата треба да поведат поголема грижа за социјалците, треба да знаат дека никој не може да живее со 1.800-2.000 денари и во исто време да ги подмири долговите кон државата. Ние сакаме да плаќаме, ние не сме против државата, ние не сакаме посебна држава, ние сме многу мирен народ.

Но, за возврат барем засега не добиваат ништо или многу малку. Тие велат дека локалните власти, како и претставниците на политичките партии доаѓаат во населбата само за избори, кога треба да се мобилизираат гласачите. Но, средоречани најавуваат дека следниот пат, работите нема да одат така „подмачкано“. Еве зошто:

– Не може џамијата да ја доизградиме во населбата. Почнавме да ја градиме и ни рекоа дека локацијата не е урбанизирана, ќе ни ја рушат. Зошто ние Ромите тука да немаме џамија кога имаме право на тоа? прашува еден жител на населбата.

Повеќето со кои разговаравме немаат доверба во медиумите зашто како што велат, за Ромите се информира само кога треба да се направат приказни за сиромаштија, да се прикажат Ромите во негативно светло или во последно време, кога се создаде слика дека сите Роми бараат азил за да си одат од Македонија. Време е велат, да се отвори медиум на ромски јазик.

Ова се сведоштва на Роми и слика на нивниот секојдневен живот. Скромни во нивните барања, отворени во своите ставови, расположени да помогнат…како такви ќе останат врежани во сеќавањето на еден не-Ром кој помина еден ден меѓу Ромите. Но, нема да остане само на еден ден. Како што меѓународниот ден на Ромите, 8 април не треба да биде само еден ден на кој Европа и светот ќе се потсетат дека Ромите се најголемата етничка заедница. Деновите треба да се искористат за да се направи нешто реално и опипливо за ромската заедница. Да си зададеме работни задачи за од овој до следниот 8 април да имаме и некакви резултати. И средоречани да ги најдеме позадоволни.

 

Државен завод за статистика

Во Македонија има 30,9 отсто сиромашни луѓе

Процентот на сиромашни лица во 2010 година бил 30,9 отсто, покажуваат статистичките податоци. Анализирано по профили, најранливи групи се повеќечлените домаќинства имајќи го предвид фактот дека 47,3 отсто од сиромашните живеат во домаќинства со пет или повеќе членови. Стапката на сиромаштија кај невработените е 41,8 отсто, односно 44,8 отсто од сите сромашни се невработени лица. Образовението на главата на домаќинството исто така влијае на бројот на сиромашните лица. Вкупно 54,7 отсто од сиромашните лица живеат во домаќинства во кои носителот на домаќинството нема или има завршено најмногу основно образование.

Според дефиницијата на заводот за линијата на сиромаштија, таа е дефинирана како ниво на животен стандард што треба да се достигне за едно лице или едно домаќинство да не биде класификувано како сиромашно. Релативната линија на сиромаштијата пак, е релативен стандард на опстојување определен како неопходно ниво на трошоци. Врз основа на утврдените нивоа на линијата на сиромаштија е пресметан процентот на лица чии трошоци се под нивото од 70 отсто.

 

 

[galleryview id=14]

998 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.