НЕДОВОЛНО ИСКОРИСТЕНИ ПОТЕНЦИЈАЛИТЕ НА СОВЕТУВАЛИШТЕТО ЗА СЕКСУАЛНО И РЕПРОДКТИВНО ЗДРАВЈЕ

FD0_2146

Последниве три-четири години, рапидно се намалил бројот на посетители на советувалиштето за сексуално и репродуктивно здравје кое е едно од најстарите во државата и функционира веќе седум години во рамки на Центарот за јавно здравје Куманово.Намалениот број на пациенти се должи на фактот што во советувалиштето работат само лекари по социјална медицина, но не и гинеколози.Поради укинувањето на средствата, одобрени преку проект, гинеколог во советувалиштето нема веќе неколку години, па затоа нема ниту пациенти.

„Мора да признам, дека тогаш кога имаше гинеколог имавме значително  поголем интерес за услугите на советувалиштето и имавме доста голем број особено пациенти од ромска етничка заедница, но и  средношколци кои го посетуваа советувалиштето.Во последно време, тој број рапидно опадна“-изјави, докторот  по социјална медицина од кумановскиот Центар за јавно здравје, Марјан Денковски.

20170622_105330

И граѓаните бараат гинеколог во советувалиштето.32 годишна кумановка вели дека би ги користела услугите на советувалиштето, особено за консултации за преносливи болести.

„Разведена сум и сменив неколку партнери во последнава година.Иако, можам да зборувам со гинеколог, сепак добро е да функционира вакво советувалиште за оние лица кои немаат можности да платат посета кај гинеколог, како што сум јас, така што секоја бесплатна посета и советување од стручно лице е добра опција за нас“-изјави кумановката.

Мајка на двајца тинејџери, која не беше информирана дека воопшто постои такво советувалиште објаснува дека би ги праќала своите деца од 16 и 14 години за која било информација која за нив е непозната во однос на сексуалното и репродуктивното здравје.

„Јас, лично доволно не сум информирана за одредени болести, од аспект што ниту сум имала потреба, па затоа сметам дека е одлично што постои таква институција во која младите би се едуцирале.И мора да признам дека во моето семејство, ниту јас, ниту сопругот, никогаш не разговараме со децата на овие теми“-изјави 44 годишната мајка.

Ниту младите од Куманово не се информирани дека постои вакво советувалиште.

„Никаде нема информација.Последно бесплатно предавање го имав во средно училиште.Потребни се поинакви форми на информирање и промоција кај младата популација.На пример, институцијата може да се промовира преку социјални мрежи“-изјави 22 годишна девојка.

Анкетираните бараат вработување на гинеколог во советувалиштето, негово промовирање особено кај ранливите категории, млади, лица со ниски или никакви примања.

Советувалиштето работи два пати неделно и е наменето за жени во репродуктивно здравје, млади, лица кои од различни причини не можат да добијат совет од матичните  гинеколози.Советувалиштето го посетуваат оние лица кои влегуваат во категоријата на социјално ранливи граѓани, кои немаат финансиски средства да посетат гинеколог, пациенти кои немаат здравствно осигурување, лица кои не поседуваат документација, имаат одредени здравствени проблеми кои не сакаат да ги споделат со матичните гинеколози.Услугите на советувалиштето ги користат и младите кои се во почетна фаза на сексуална активност и сакаат да се информираат како да се заштитат од несакана бременост, сексуално преносливи болести.

„Советувалиштето го промовираме кај овие категории граѓани, оние од пониските социјални слоеви, преку флаери, промоции во населени места каде живеат и кај средношколците и повисоките класови од основното образование, со тоа што на почетокот од учебната година ги посетуваме учениците и им нагласуваме дека функционира вакво советувлиште“-објаснува Денковски.

Возрасните кои ги користат услугите на советувалиштето се задоволни од лекарите, но и самите бараат гинеколог, но од Центарот додаваат дека нема класичен преглед, туку совети каде да се упатат и како да решат одреден здравствен проблем.Адолесцентите кои го посетуваат советувалиштето пак, добиваат информации за сите прашања врзани за сексуалното и репродуктивното здравје.

„Доаѓањето кај гинекологот им озвозможуваше да се запознаат со одредени процедури, затоа што социјалното, здравственото осигурување обезбедува услуги во бременоста, независно од тоа дали пациентката има или нема здравствено осигурување.Доаѓаа луѓе кои немаа документација, а преку невладините организации им се обезбедуваше документација, со која подоцна добиваа регуларна здравствена заштита“-вели Денковски.

При посетата на советувалиштето, граѓаните не треба да поседуваат ниту здравствена книшка, ниту документ за идентификација, едноставно може да се посети и да е добие одредена услуга.За граѓаните достапна е литература, брошури за сексуално-репродутивно здравје, за сексуално преносливи болести.Достапна е и одредена количина на презервативи, а во минатото достапни биле и антибеби таблети.

Советувалиштето е ставено на услуга на граѓаните, но потребна е поддршка за да се стави целосно во функција на пациентите.Според надлежните, советувалиштето не може да добие поддршка од државните институции, бидејќи, постои поинаков начин на регулирање на правата на пациентите, кои се обезбедени преку законите, а советувалиштето се однесува на оние лица кои поради свои причини сакаат нивната посета да остане анонимна, а сепак да добијат одредени услуги.Надлежните бараат одредени средства со кои ќе се субвенционира учеството на гинекологот во тимот кој ги нуди советите, бидејќи со своето присуство се подига степенот на квалитетот на услугите кои советувалиштето ги дава на пациентите.Самото присуство на искусни гинеколози ќе придонесе за поголема афирмација и подобра искористеност на потенцијалите на советувалиштето, а пациентите бесплатна здравствена помош.