Новинари не смеат во вестите да ги делат луѓето по национална основа

istrazuvac-2

Проблемот за ваквата ситуација го гледам најмногу кај уредниците. Често се информира со ширење стереотипи за Ромите зашто можеби сметаат дека нема кој да застане и да ги брани нивните интереси, смета Елвис Шаќири, млад правник кој го анализирал известувањето на македонските медиуми во однос на Ромите

 

Елвис Шаќири е млад правник кој изминатата година будно ги следел македонските медиуми за да види како тие информираат за Ромите. И се шокирал, кога повеќето од нив ја потенцирале ромската националност во вести поврзани со кражби, убиства, чедоморства, па дури и несреќни сообраќајни незгоди. Во неговиот фокус биле македонски медиуми, бидејќи признава дека не го владее албанскиот јазик и нема увид како медиумите на албански јазик во земјава известуваат за Ромите. Се надева дека некој негов колега, правник Албанец, во иднина ќе може да му помогне во следењето и на тие медиуми. Она што за него е многу изненадувачки е што засега социјалните мрежи се единствените нови медиуми во кои нема говор на омраза и ширење стереотипи и предрасуди за Ромите.

-Новинарите не треба и не смеат луѓето да ги делат по етничка основа. Тоа никако. Ако ме прашате мене, јас ги делам луѓето на луѓе и нелуѓе. Како почнав да ги следам медиумите и како забележував непрофесионално известување, така праќав претставки со реакција до медиумите. Но, верувајте, никој досега не ми одговорил на нив. Единствена реакција беше таа кога ја тргнаа контроверзната колумна објавена на Журнал, вели Елвис.

Тој реагирал и во Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Со нив е во преговори за активности но засега е рано да се каже какви чекори ќе се преземат.

-Проблемот за ваквата ситуација го гледам најмногу кај уредниците. Често се информира со ширење стереотипи за Ромите зашто можеби сметаат дека нема кој да застане и да ги брани нивните интереси. И за жал, така е. Освен некои невладини организации, нема никој кој ќе ги брани интересите на Ромите во медиумите, коментира Елвис.

Тој нема да престане будно да ги следи медиумите. Но, од почетокот на годината досега тој констатирал дека нема известувања за Ромите, како што тоа било случај претходно.

-Можеби тоа е така затоа што фокусот се префрли на инцидентите во кои најчесто се спомнуваат Македонци и Албанци или нема некој специфичен случај во кој се вмешани Роми, а е потенцијално интересен за новинарите. Но, верувајте, штом тоа престане, се плашам дека известувањата ќе се префрлат кај Ромите, стравува Елвис.

Тој размислува да реагира дури и до Министерството за внатрешни работи поради билтенот со инцидентите кој овој ресор го објавува секојдневно, а во кој, според Елвис, МВР ја потенцира националноста на инволвираните лица во инцидентите.

 

Превземи текст:

Ромите се почести жртви на новинарска непрофесионалност

 

 

[galleryview id=10]

1,174 Comments