Пироска Остлин: Одговорни механизми за здравствена заштита за сите

piroska-ostlin-2

„Сигурна сум дека има неколку мерки за кои не се потребни многу пари, туку е потребна политичка волја”, вели Остлин.

 

Пироска Остлин е менаџер на здравствената програма за ранливи категории во регионалната канцеларија за Европа при Светската Здравствена Организација (СЗО). Таа беше дел од тренингот за преориентирање стратегии, програми и активности за Милениумските цели за развој 4 и 5 кој се одржа во Скопје, а беше наменет за четири пилот-земји. Целта на тренингот беше обезбедување поголема здравствена еднаквост, со експлицитен, но, не и ексклузивен фокус на ромската популација. Тренингот беше организиран и раководен од страна на регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа во соработка со Интеруниверзитетскиот Институт за социјален развој и мир, Универзитетот на Аликанте (Центар кој соработува со СЗО на социјалната вклученост и здравство) и шпанското Министерство за здравство, социјални услуги и еднаквост.

ЕДНО Магазин: Која е целта на работилницата? Дали имате информација дека Ромите и другите маргинализирани групи немаат еднакви права на здравство споредени со мнозинството или?

ОСТЛИН: Ние го организираме тренингот за повеќе земји Бугарија, Црна Гора, Македонија и Србија и четирите земји учествуваат во пилот – тренинг со кој сакаме тие да научат како да ги преориентираат стратегиите и активностите поврзани со Милениумските цели за развој 4 и 5, кои се однесуваат на подобрување на здравјето на децата и мајките. Важно е дека овие стратегии и правила се чувствителни на потребите на социјално исклучените граѓани, како што е ромската популација. Ние би сакале овие стратегии, програми и активности да се насочат кон поголема еднаквост.

ЕДНО Магазин: Вие се фокусирате на граѓански организации кои работат на прашања за здравството или, исто така, се фокусирате и на државните институции?

ОСТЛИН: Кога работиме, ние сакаме да ги вклучиме граѓанските организации што е можно повеќе. На пример, за овој тренинг ние од Владите побаравме да назначат и претставници на ромски организации затоа што мислам дека е многу важно да го чуеме нивниот глас и дека тие навистина може да имаат влијание врз процесот во којшто сме вклучени во моментот.

ЕДНО Магазин: Што покажуваат Вашите податоци, дали Ромите и социјално исклучените граѓани во овие земји имаат еднакви права на здравство како и другите граѓани? Постои ли дискриминација?

ОСТЛИН: Тие треба да имаат еднакви права, но тоа не се почитува и е проблем во цела Европа. Ромската популација често е дискриминирана и тоа се гледа на различни нивоа и во различни области. Исто така и во здравствената заштита. Тие немаат еднаков пристап до здравствената заштита и тоа секако има последици врз нивниот здравствен статус.

ЕДНО Магазин: Спомнавте ревизија на стратегиите и можеби, на регулативи коишто треба да ја зголемат еднаквоста на здравствените права. Што мислевте со тоа? Што предлагате?

ОСТЛИН: Мислам дека Владите и нивните институции, посебно здравствените институции, апсолутно треба да го подобрат пристапот до здравствена заштита, за да им се овозможи на најранливите популации да добијат еднаква и квалитетна здравствена заштита. Не треба да е важно колку си богат, образован и колкави приходи имаш, твоите здравствени потреби треба да бидат задоволени во секој случај. Мислам дека е многу важно да се осигура да изградите програми со одговорни механизми, така што тие права ќе бидат обезбедени. Исто така, многу е важно тој прогрес да се мониторира, за да може да се следи развојот на здравството во различни сегменти на населението. Мислам дека е многу важно Владите кога известуваат за здравствениот статус на населението, да не известуваат само за националниот просек, затоа што зад националниот просек се кријат големи разлики. На пример, во случајот со Милениумските цели за развој, многу земји може да известат дека ќе ги постигнат целите на Милениумскиот развој до 2015 користејќи го националниот просек како индикатор во извештајот. Но, кога информациите ќе се разгледаат според социо-економски статус, пол и етничка припадност, ќе се видат големи разлики кои се скриени со националниот просек. Затоа мислам дека е многу важно Владите да равијат системи за мониторинг кои ќе ја земат предвид социјалната слоевитост на општеството, за да може да ги откриеме разликите и јавно да ги посочиме.

ЕДНО Магазин: Владите често велат дека им се потребни многу пари за да ги имплементираат тие механизми. Тоа е вистина или се кријат зад оправдувања?

ОСТЛИН: Сигурна сум дека има неколку мерки за кои не се потребни многу средства, туку е потребна политичка волја. Но, за некои мерки требаат пари. На пример, развивањето национални мониторинг системи и собирање информации за здравство за најмаргинализираните социјални групи чини пари, но мислам дека многу мерки кои треба да се превземат не чинат ништо. На пример, да се проба да се промени односот на вработените во здравствената заштита, како да се сретне и како да се разговара со маргинализираните групи граѓани. Не чини многу пари процесот на вградување на некои културно чувствителни прашања во образованието на здравствените професионалци.

ЕДНО Магазин: Има различни здравствени системи во секоја од европските земји одделно и поради светската економска криза многу сиромашни луѓе немаат пристап до здравствена заштита бидејќи не може да си дозволат да купат лекови. Имате ли некој пилот-проект за здравствена заштита за сиромашни луѓе?

ОСТЛИН: Во многу земји, здравствената заштита за бремените жени или заштитата за жени и за деца е бесплатна. А, ако ова не е возможно, тогаш цената за овие услуги треба да е многу ниска, за цената да не биде пречка за достапноста на здравствената заштита. Мислам дека едно од барањата за постигнување на еднаквост во пристапот до здравствена заштита е токму тоа, да не се става финансиска пречка за сиромашните луѓе. Знаеме дека има многу високи надоместоци за корисниците па дури и за информирање. Надоместоците „под маса” за жал се чести во некои земји и тие се вистински пречки за најсиромашната популација при пристапот до здравствената заштита која им е потребна. Мислам дека менаџерите на здравствениот систем треба да создадат механизми, некој вид на системи за контрола кои би го спречиле ова. Не треба да создаваме посебен систем за здравствена грижа за сиромашните затоа што тој нема да биде со добар квалитет. Посоодветно е да се осигураме дека здравствената заштита којашто им се нуди на поголемиот дел од населението е достапна и за сиромашните луѓе под истите услови.

1,479 Comments