Почна Националната скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка

mamo

Мамографскиот скрининг, кој е бесплатен за секоја жена, претставува периодично правење на мамографија на навидум здрава жена без присутни симптоми на рак, со цел откривање на заболувањето во неговиот претклинички стадиум.

 

Министерот за здравство Никола Тодоров на почетокот на април, на прес-конференција рече дека на почетокот скринингот се врши во 17 јавни здравствени установи низ државата кои се опремени со апарати за мамографија, меѓу кои се здравствените домови Железничар и Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, Здравствена станица Железара, здравствените домови во Неготино, Вевчани, Свети Николе, Кратово, Ресен, Берово, Пехчево, општите болници во Велес, Струмица, Струга и Кичево, како и во клиничките болници во Битола и во Тетово.

Посочи дека во проектот ќе бидат вклучени и Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и болниците во Охрид, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Штип, за кои веќе е во тек набавката на нови мамографи со средствата кои ги обезбедиле од остварените заштеди од набавката на инсулини и ленти за мерење на шеќер. Скринингот, појасни, го вршат обучени технолози и доктори-специјалисти во областа на радиологија.mamo

Од речиси 200 скрининзи на 7 април се извршени 92, а вчера 97 и тоа во Општата болница Струмица – 20 скрининзи, Клиничка болница Битола – 15 скрининзи, Клиника за радиологија – 17 скрининзи, Здравствен дом Ресен – 20 скрининзи, Здравствен дом Кратово – 19 скрининзи и Здравствен дом Вевчани – 20 скрининзи.

– Првично, со мамографскиот скрининг ќе бидат опфатени жените на возраст од 50 години (околу 14.000 жени), кои се асимптоматски (навидум здрави) жени и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. Планирано е до крајот на 2016 година на мамографски скрининг да бидат поканети околу 250.000 жени на возраст од 50-69 години, рече Тодоров.

За почеток, нагласи, повикувањето за мамографски скрининг го вршат установите телефонски, а понатаму ќе се воспостави практика на писмено известување со адресирана покана до секоја жена која спаѓа во предвидената возрасна група.

Тој потенцира дека прегледите се закажуваат во точно определени термини, и вообичаено во работните денови термините се после 14 часот, а во некои установи се дефинирани термини и за викенд.

– Во просек, во установите каде има поголем број доктори-радиолози дефинирани се околу 160 термини за мамографски скрининг месечно, додека во останатите околу 80 термини месечно. За оваа активност веќе се информирани и матичните лекари, а ќе бидат изготвени и едукативни материјали со цел поголем одѕив за скринингот кај оваа категорија жени. Секоја заинтересирана жена која спаѓа во оваа возрасна група може да се обрати до Министерството за здравство на телефонскиот број (02)15 444 или на маил-адресата:mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk  и да остави податоци за контакт, рече Тодоров.

1,735 Comments