Помалку е повеќе

zdr-prava

Од премногу реформи во секоја област, па, така и во здравството, ги заборавивме наједоставните, а најважни работи во секојдневниот живот на еден обичен граѓанин

 

Точно, потребни се повеќе гинеколози по глава на жител, потребни се систематски промени во здравството, потребни се нови апарати, но, и обучен кадар којшто ќе може да ги ракува, потребна ни е студиска размена заради дообразување и специјализација… Но, од премногу реформи во секоја област, па, така и во здравството, ги заборавивме наједоставните, а најважни работи во секојдневниот живот на еден обичен граѓанин. А, обичните граѓани во Република Македонија го сочинуваат мнозинството. А, многу од нив живеат од социјална помош, некои дури и немаат ни минимални, па, дури ни никакви приходи!

А, сите тие имаат право на глас, мора да плаќаат за лични документи, за здравствено и пензинско осигурување (доколку исполнуваат услови), данок на имот (доколку го имаат), данок на додадена вредност, радиодифузна такса, одредена цена на чинење за бесплатни електронски здравствени книшки (иронија)… Од набројувањево не е многу тешко да се воочи дека досега зборувавме за обврските на обичниот граѓанин во Република Македонија. А, кои се обврските и одговорностите на државата кон истиот тој обичен граѓанин?

Сѐ е толку едноставно и вградено во Уставот, во законите, во програмите, акциските планови од областа на здравството… Да не усложнуваме повторно. Сѐ е така едноставно и загарантирано во Уставот и во законите! Така, добро е често да се потсетиме дека државата не треба да треба, сака или да може. Државата МОРА зашто здравствената заштита е човеково право.

Така пишува и во Членот 39 од Уставот на Република Македонија:

„На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.”

Добро е почесто да се потсетуваме на едноставните работи кои се вградени во темелите на нашето општество и конечно да почнеме да мислиме како да ги решиме основните потреби на обичниот граѓанин. Откако ќе го направиме тоа, може да почнеме да ја градиме структурата. Вака, освен хаотичност во реформите во кои не се знае кои се приоритет, а кои не, може само да ја поткопаме едноставноста на основната здравствена заштита која му е потребна на секој човек во земјава. А, многу лесно се доведуваат на граница на живот и смрт тие што живеат со помалку од 100 денари дневно. Ако сме се декларирале како социјална држава, време е да почнеме и така да се однесуваме!

 

4,813 Comments