Потребна е поголема транспарентност и волја за напредок

brisel-asmet-web

Зарем треба во мојата земја да се борам против стереотипите само затоа што сум Ром, а во Европа да се борам против стереотипите затоа што сум и Ром и затоа што потекнувам од Балканот? Исправен пред овие прашања, се чувствувам како да се борам против ветерници!

 

 

Заложбите за интеграција на Ромите во Европа што се предлагаат сега, како и во последните неколку години се помалку или повеќе слични на тие што се предлагаа во раните 1990 години, кога Ромите почнаа да го креваат гласот за потребата од нивната интеграција во општествата низ Европа и светот. Но, ефекти од претходните заложби има малку. Малку има и континуитет на оние реформи, платформи и иницијативи кои вродија со плод и кои покажаа позитивни резултати и практики за подобар живот на Ромите.

Со години размислувам како да се надмине тоа. И како човек кој работи на терен, меѓу ромската заедница предлагам тоа да го направиме така што ќе бидеме искрени пред себе си, а со тоа и пред другите. Добро е да почнеме со тоа што ќе си признаеме дека ситуацијата на Ромите за жал, сé уште е лоша. Пред сé заради тоа што во 21 век, Ромите се протерувани, дискриминирани, понижени, етикетирани…

Секоја земја си има свој напредок и стагнација во однос на Ромите, секоја земја си има свои практики и искуства. Затоа е добро од сите нив да се искористат искуствата за да може оваа ромска платформа да биде поставена на добри темели, за да може да се зафатиме со конкретни чекори во блиска иднина. Велам во блиска иднина, затоа што нашите деца и децата на нашите деца не може повеќе да чекаат. Не може да го носат товарот на негативното генерализирање дека сите Роми се сиромашни, необразовани, дека сите питаат и живеат на улица, дека поради животот под линијата на нормалните човечки стандарди сите сакаат да се иселат, на пример, од Македонија?! И заради таквите предрасуди и стереотипи, на мнозинството Роми од мојата земја им е скратено правото на движење. Зарем треба во мојата земја да се борам против стереотипите само затоа што сум Ром, а во Европа да се борам против стереотипите затоа што сум и Ром и затоа што потекнувам од Балканот? Исправен пред овие прашања, се чувствувам како да се борам против ветерници!

Она што ми дава светлина во овој темен тунел е токму ромската платформа. Ромската платформа е добар и силен политички процес кој го поддржувам како претставник на Националниот ромски центар од Куманово и како претставник на европското ромско движење (ЕРТФ). Таа е добра стартна позиција да се промени првенствено т.н. чип на предрасуди и стереотипи на многу европски народи кон Ромите. Платформата е добар компас кон што точно ќе се движиме и што точно им е потребно на Ромите.

Но, тука пак ќе потсетам на стереотипите, негирањата, генерализирањата… за да се чувствувам како голем Ром, треба да ја изразам својата култура, своите обичаи, традиција… својот јазик! За да биде тоа можно, оваа платформа, како и креаторите и имплементаторите на платформата не смеат да го занемарат фактот дека јас имам право да зборувам, да читам, да ми се обраќаат, да им се обраќам на ромски јазик. Та јас сум пред сé Ром, па Македонец, па Европеец, па жител на планетата Земја. Нели треба да се држиме за мултикултурализмот и различноста?

Затоа, за да не ја повториме истата грешка од претходно, односно за да не нудиме, гласаме, прифаќаме и декларативно само да усвојуваме платформи, декларации и насоки, потребно е конечно да почнеме да работиме на терен. Потребна е поголема транспарентност на процесите. Пред сé, транспарентност на властите како се спроведуваат меѓународните конвенции. Транспарентност на оние што ги одредуваат буџетите за активностите за Ромите (на домашните и странски организации), како и на оние што ги поставуваат активностите (на цивилниот сектор).

Поголемата транспарентност ќе го олесни процесот на мониторинг на процесите и така полесно ќе ги воочуваме грешките. И полесно ќе може да се поправаме. Така ќе може да си укажеме на негативните практики, ќе може да ја воочиме главната пречка за вистинска интеграција на Ромите во Европа. Така, полесно ќе може да се опомени оној кој не ги почитува поставените темели на процесите за подобар живот на Ромите, а претходно гласал за нив. Едноставно, ќе може да си погледнеме в очи и со отворени карти ќе може да разговараме за сите предизвици што допрва нé чекаат.

Зошто го велам ова? Бирократијата и преголемата бирократизација ги „изеде“ или полека ги нагризува процесите и проектите наменети за подобра интеграција на Ромите во општествата низ Европа. Наместо тоа, предлагам силите и финансиските средства повеќе да се насочат кон Ромите, да се вложат во праксата, од Ромите за Ромите, на терен, за вистинските проблеми. Не сакам да сум неблагодарен кон оние што ги водат процесите наменети за Ромите на административно ниво во секоја Влада одделно, како и во Европа во целина и затоа ќе кажам, фер е и силите и финансиите да бидат поделени партнерски – пола, пола. Или 50 отсто да отпаднат во бирократијата, а другите 50 да бидат вложени во праксата, за Ромите.

Но, не смееме да зборавиме дека на крајот на денот сфаќаме оти најважна од сé е волјата за напредок и волјата за промени кон подобро. Волја од сите вклучени страни во процесите за полесна и подобра вклученост на Ромите во општествата ширум Европа. Без волја, нема ни политичка согласност за напредок. А, како ќе нé слушнат и ќе нé сфатат сериозно ако немаме ресурси, ако не сме единствени и здружени во нашите заложби, ако самите работиме на сопствената штета, ако не сме поприсутни во европските институции, ако не посочуваме примери од пракса, ако не нудиме решенија, ако не лобираме, ако не вложуваме во себе и во другите…

 

Ашмет Елезовски,

претседател на Национален ромски центар Куманово, Република Македонија

 

[galleryview id=12]

943 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.