Приказните на граѓаните што не постојат

Web

Државата нема чувство на загриженост, што се случува со тие луѓе, без разлика од која националност се, вели Оливер Митов, правник во НРЦ

 

Во Македонија сеуште има невидливи луѓе, луѓе кои не постојат во системот на државата. Тие никогаш не биле во училиште, никогаш не ги примиле потребните вакцини, никогаш немале можност да имаат каква било помош од државата. А, голем знак прашање е дали тие се интегрираат во општеството откако ќе се стекнат со лични документи и откако ќе се впишат во книгата на родените. Правници кои што работат на обезбедување лична документација и упис на т.н невидливи граѓани велат дека многу е тешко прво, таквите лица да се претстават пред институциите, а второ, институциите да сторат се тие да се интегрираат во општеството. Ситуацијата и не е многу различна од претходно.

Афродита Сулејмани (24) и М.И (14) и двајцата од Куманово до декември 2011 година формално-правно не постоеле во системот на државата. И за двајцата се почнати постапки за да бидат видливи, Афродита треба да си ја земе личната карта, а М.И. треба да се запише во матичната книга на родените.

Афродита нема лична карта зашто мајка и немала регулирана документација. Со правна и финансиска помош од Националниот ромски центар од Куманово ги добила потребните документи, извод од матична книга на родени и прием во државјанство и треба само уште од Скопје да ја подигне личната карта, но нема пари за патни трошоци до главниот град.

Никогаш не била во училиште, нема сини картони, нити здравствена книшка, а до декември 2011 година немала ниту државјанство. Не одела на лекар ниту кога била мала. Само во најекстремни случаи, кога била многу болна, била приморана да оди на лекар, но приватно. Немала ни извод. До 23 години воопшто не постоела во системот. Мажена е скоро пет години. Мајка е на малолетно дете од две и пол години, а второто дете е на пат. Со сопругот не е венчана заради тоа што досега немала документи, а ни детето не може да биде регистрирано во системот. Заради тоа, не можела досега да користи ниту социјална помош.

М.И. (14) исто така никогаш не бил во училиште, не знае ниту да чита, ниту да пишува, нема лична карта, ниту пак е запишан во книгата на родените. Живее со чичко му кој го израснал. Татко му починал кога М. имал само шест месеци. Не живее со неговата мајка поради нејзини здравствени проблеми. Вели дека кога ќе се стекне со документи, сака да се запише на училиште, за да може да најде работа и да му помогне на чичко му. Мајка му била државјанка на Република Србија и нема македонско државјанство и таа немала документи. И за М. немало основа на која што тој може да биде запишан во системот. Тој е роден во домашни услови, во Куманово.

Почната е постапка за упис во матичната книга на родени. Моментно оди на сезонска работа. Се случило да го застане полиција и да му побараат лична карта или некаков документ за идентификација. Рекол дека нема, по што го однеле во полиција. М. им објаснил дека тој никаде не фигурира во системот на државата, дека практично не постои. Полицијата го пуштила, но сепак инсистирала на поседување лична документација, без посебно разбирање дека М. за државата е невидлив.

Оливер Митов и Катерина Шојиќ и двајцата правници во граѓанската организација НРЦ работат на управните постапки за уредување на статусот на лица без документи, а меѓу другите работеле и на случаите на Афродита и на М.И. за тие да се евидентираат како лица родени на територијата на Република Македонија и ако имаат основ да побараат прием во државјанство, конечно да станат официјални граѓани на државава.

-Имавме проблем како воопшто да се почне постапката за Афродита, зашто мајка и е во брак со лице кое што не и е татко. Поднесовме барање за дополнителен упис во матично и бидејќи Афродита е родена во домашни услови не можевме да обезбедиме потребни документи, како на пример, потврда за вакцинација, потврда дека нејзината мајка е родилката и слично. Па, одевме со варијанта на утврдување на мајчинство со ДНК анализа во МАНУ, каде се утврди дека 99,9 отсто се поклопуваат гените и се изврши упис во матичната книга на родени, објаснува Митов.

И додава дека институциите не реагираат и оти треба дополнително да се реагира за постапките да се водат така како што треба.

Реалните приказни на невидливите луѓе се толку комплицирани што често пати ги одолжуваат постапките. Честопати наидуваме на проблеми кога треба се добие прва лична карта за лице над 16 години, а родителите го напуштиле одамна, при издавање на прва лична карта се бара присуство на еден од родителите, што во овие случаи е невозможно. Доколку лицето е малолетно може со поставување на старател и со добивање на решение од Центарот за социјални работи за старателство да добие прва лична карта. Но што ако лицето е полнолетно?  Во принцип станува збор за неуки странки и институциите се тие кои треба да ги упатат лицата и да бидат сервисно ориентирани кон нив се со цел да се завршат постапките, што е во интерес и на самите лица, но и на институциите.

Само ДНК анализата чинела 18.000 денари. Дополнителни трошоци се и патувањата до Скопје, административните трошоци, нотарските заверки…

-Овие пари се дадени преку проект на НРЦ подржан од Канцеларијата на ромски иницијативи Будимпешта. Доколку не би постоел тој проект, ние пак би помагале и асистирале преку законската можност за бесплатна правна помош, но не би можеле да им помагаме на луѓето финансиски, додава Митов.

И за случајот на малолетниот М. правниците наишле на инертност кај институциите.

-И овде постапката ја почнавме со препорачано писмо во кое имаше барање за дополнителен упис на најдено дете. Потоа од матично проверија и утврдија дека не станува збор за најдено дете, туку за напуштено дете. Потоа од МВР го испрашуваа чичкото на М. Мора да признаам дека беа многу коректни. Тука пак, имавме натегање за старателството. Кога одев по шалтери, ми рекоа дека тоа треба да го направат во полиција. Им кажав дека тие не може тоа да го прават, односно дека тие прават само оперативна проверка. Тие по службена должност треба да го пратат до Центарот за социјални работи да се упише во матичната книга на родени, зашто М. е роден во домашни услови. Постапката запре, не одеше и разговаравме со началникот и му укажавме за пречките. Побаравме писмено да не информираат до каде е случајот. Тоа уште е така. Постапката ја почнавме во декември 2011. Сега сме мај, уште немаме никаков одговор, посочува Митов.

Го прашавме Митов што значи за граѓаните што не фигурираат никаде во системот, како е да си невидлив и дали институциите посветуваат внимание на нивната интеграција во општеството откако тие ќе се стекнат со лични документи. Еве што вели Митов:

-Не уживаш никакви граѓански права, ти си невидливо лице, не постоиш. Државата иако константно ги прима информациите од нас, се однесуваат како дека некој друг треба да им ја заврши работата иако ние сме здружение на доброволна основа. Основната грижа паѓа на државата. Нема чувство на загриженост, што се случува со тие луѓе, без разлика од која националност се. Дали се интегрираат во системот? Тие во системот ќе постојат, но прашање е дали и колку ќе бидат и се интегрирани во системот. Не знаат со какви проблеми се соочуваат луѓето.

 

 

634 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.