Ромите со поголема недоверба ќе го дочекаат следното пребројување

asmet-popis

Пропаднатиот попис можеше да биде од корист

Пропаднатиот Попис од октомври годинава ќе беше исклучително успешен за Ромите во Македонија, доколку тој се завршеше до крај. Така Ашмет Елезовски, претседател на Националниот ромски центар гледа на случувањата за и околу Пописот што беше прекинат на само неколку денови од неговото комплетирање. Причината, како што вели, е едноставна – како никогаш претходно Ромите годинава беа подготвени за ова статистичко пребројување.

– Уште со пролонгирањето на Пописот од април во октомври, се состави простор да се работи малку повеќе со Ромите за да им се укаже на значењето од попишувањето. Не би сакал да навлегувам во механизмот, методологијата и пристапот како е направен од институциите, но на терен ние делувавме доста активно, посетивме многу места и во партнерство со уште две организации – Инсок и Лил ние бевме доста добро организирани да ги посетиме ромските населби и во исто време да ја рашириме информацијата за пописот и кај не-Ромското население за значењето на пописот, вели Елезовски.

Според него, за Ромите, пописот ќе беше успешен ако се оствареше до крај.

– Нашите податоци покажаа дека имавме доста охрабрени луѓе. Сметаме дека ќе имаше поголем процент на Роми, ако не за десет, тогаш барем за четири до пет проценти од сегашната, актуелната бројка на Роми во државава, информира тој.

Теренската работа покажала и доста револт кај граѓаните, пред се поради сиромаштијата и невработеноста. А се појавиле и неколку проблеми од сезонски карактер, како што е гроздоберот во Тиквешијата, каде многу ромски семејства престојуваат под отворено небо за да не ја загубат  можноста за работа и за да заработат за живот. За нив, попишувањето било проблем, бидејќи не можат да ја напуштат работата.

– Мислам дека Македонија загуби со тоа што пописот не се заврши до крај. Големи пари беа вложени. А, изгубија и Ромите бидејќи овој пат тие беа доста добро мотивирани и охрабрени. Тој беше многу важен од аспект на вклучување на Ромите во остварувањето на Националната стратегија, во имплементирањето на акционите планови на Декадата, а пред се, и во подготовката за вклучување и учество на Европската стратегија за Ромите. Бидејќи нормално за се тоа убаво да се сработи, да се одделат финансиски средства и Ромите да видат корист од сите тие „силни” стратегии потребно е прво да се излезе со бројка, да се види колкава е бројноста на Ромите, смета Елезовски.

Според него, пописот требаше да даде информации за да се оправдаат или демантираат тврдењата дека дури 98 отсто од Ромите се социјални случаи или дека 97 отсто се невработени.

– Како што се зборува, излегува дека Ромите во Македонија се 500 илјади. За Европа, проблемот со азилантите често е проблем со Ромите, како што велат, бидејќи најголем процент од азилантите биле Роми. Официјални податоци нема, ако е така, тогаш ние Ромите изгледа сме 500 илјади, ако најголем процент на азиланти во Европа се Роми. Ако не има во Шведска, Данска, Белгија, Италија, Австрија, со оглед на бројките на азиланти што се споменуваат, излегува дека во Македонија не би требало да има останато Роми. Затоа пописот е еден многу важен инструмент за споредување и демантирање на многуте манипулации. Доколку би се организирал пописот догодина, ќе биде многу потешко, ќе има недоверба, луѓето ќе мислат дека пак се предмет на нечија игра, вели тој.

Елезовски информира дека Националниот ромски центар бил вклучен во Пописот преку проект за мотивирање и информирање на Ромите.

1,254 Comments