Роми дискриминирани на македонската граница?!

gr-pr3

Граничните служби враќале Роми со комплетна патна документација без никакво образложение

Стотици Роми се вратени од македонските гранични служби во изминатите неколку месеци. На мал дел од нив, директно им било посочено дека неможат да ја поминат границата, бидејќи постои опасност да заминат во некоја од Европските земји за да побараат азил, но најголем дел од нив се вратени без никакво објаснување.

Д.В. од Куманово, веќе две децении континуирано патува во земјите од регионот со својата музичка група. Вели, никогаш не се соочил со ваков проблем досега. Непријатно се изненадил кон крајот на минатата година, кога од еден од граничните премини не му било дозволено да помине, без образложение.

“Постојано патувам. Од 1996 година патувам како музичар. Од тоа живеам, на тој начин го прехранувам семејството. Никогаш досега не сум имал проблеми. Сум одел и секогаш сум се враќал. Сега, по толку време, првпат сум вратен од граница, зашто наводно ќе сум заминел како азилант. Првпат ме враќаат и тоа од нашата граница, од Табановце. Без никакво објаснување”, вели Д.В.

Тој смета дека воопшто не е коректно од службите да враќаат луѓе без причина и без никакво објаснување.

“Навистина незнам зошто ме вратија. Дали е проблем тоа што сме Роми?! Не разбирам зошто такво однесување. Зошто само Ромите се враќаат и тоа од нашата гранична служба. Требаше да одиме да свириме на свадбена прослава, патувавме заедно со другите членови од мојата група и за прв пат не вратија иако сите имаме уредна патна документација. Тоа на нас ни причинува финансиска штета, а и штета на нашата репутација како музичка група. Дури и свадбата се одложи поради тоа. Во целост сум сигурен дека сме вратени само поради тоа што сме Роми! Зарем ние не сме рамноправни со другите заедници во оваа држава? Да бев Албанец или Македонец ќе ме пуштеа без проблем”, вели тој.

Д.В. информира дека со ваков проблем се соочиле и други Роми и тоа пред се на граничниот премин Табановце.  На другите граници, како што вели, нема проблеми.

“Разбравме дека поради тоа што многу Роми наводно барале азил во земјите од Европската Унија, нас Ромите сега не враќаат”, вели тој.

Прашањето за можна дискриминација врз Ромите од граничните служби се појави и меѓу пратеничките прашања на една од последните собраниски седници. Пратеникот Оливер Спасовски, од опозициската СДСМ упати директно прашање до Министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска – зошто на граѓаните од ромската заедница не им се дозволува да излезат од државата?

“На едно семејство на кое не му било дозволено да замине во Бујановац, во посета на роднини, му било речено дека за тоа има наредба од Министерката за внатрешни работи. Сакам да прашам по кој закон издадовте наредба секој кој е малку поцрн од другите да не може да ја премине државната граница? И дали чувствувате дека на тој начин дискриминирате една категорија граѓани?”, праша Спасовски.

Министерката Јанкулоска одговори дека не станува збор за дискриминација, туку дека на граничните премини се зголемени активностите што ќе овозможат зајакната контрола и санкции на оние што ја злоупотребуваат визната либерализација.

“Врз основа на податоците што ги добивме од повеќе земји и анализите што ги направивме годинава на 2.888 лица не им беше дозволено да излезат од Македонија. Но морам да кажам дека ние не правиме никаква дискриминација, бидејќи во ниту еден документ не стои нивната етничка припадност”, рече Јанкулоска.

Но дека нешто очигледно не е во ред говорат и бројните поплаки од Роми кои со комплетна патна документација, без образложение се вратени од граничните премини. А, барем засега нема објаснување и информација колку проценти од оние што се враќаат се припадници на ромската заедница.

463 Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published.