Ромите – активни учесници во одлучувањето на локално ниво

Развој на групата, издигнување и градење капацитети за користење на моќта во донесувањето на одлуки на демократски начин, како и на оспособување на групата за лидерство, управување со конфликти и комуникација. Ова се целите на обуките од програмата РОМЕД 2.

 

 

Асоцијацијата за демократски развој на Ромите – „Сонце” од Тетово, како национална контакт точка на европската програмата РОМЕД 2 учествува во нејзината реализација, која се спроведува во шест општини во Република Македонија и тоа во Тетово, Гостивар, Прилеп, Битола, Штип и во Виница. Програмата се фокусира на ромската заедница и нејзиното учество во демократското управување преку медијација, а работи на градење на капацитети за политичка заложба на локално ниво.

Во периодот помеѓу 26 февруари и први март 2014 година, во Хотел “Scardus”, Попова Шапка беше организирана втората национална работилница во рамки на РОМЕД 2 програмата. На работилницата присуствуваа претставници од Советот на Европа Marcos Andrade и Kalin Rus, претставник од Комисијата за заштита од дискриминација  Душко Миноски, како и повеќе од 60 луѓе претставници на локалните власти и учесници во локалните акциски групи од шесте општини, опфатени со проектот. Тренери на оваа работилница беа Рамиза Сакип, Абдулваит Хусеини и Елвис Мемети.

Невладината организација Асоцијација за демократски развој на Ромите – „Сонце” од Тетово во текот на март 2014 година организираше обуки за претставниците од заедницата, како и обуки за претставници од локалните самоуправи. Формирани се шест локални акциски групи од Тетово, Гостивар, Прилеп, Битола, Штип и Виница.

На обуките што се одржуваа со локалната акциска група, се работеше на развој на групата, издигнување и градење капацитети за користење на моќта во донесувањето на одлуки на демократски начин, како и на оспособување на групата за лидерство, управување со конфликти и комуникација.

Обуките со претставниците на локалните самоуправи беа насочени кон партиципативно демократско инклузивно добро управување, ефективна интеркултурна медијација, интеркултурна компетенција и управување со различности. Во секоја општина се анализираше реалната состојба на ромската заедница, нејзините потреби, како и можни решенија.

Првата фаза на РОМЕД 2 програмата со одржување обуки е веќе завршена. Следна фаза е дизајнирање на локални акциски планови во текот на мај – јуни годинава. А, тие ќе почнат да се остваруваат веќе од 2015 година.

Програмата е предвидено да се реализира во период од 2013 до 2015 година. По  завршување, програмата има за цел локалните акциски групи да се институционализираат, односно да станат дел од системот. Веќе обучени ќе можат самоиницијативно да дизајнираат и во пракса да имплементираат локални акциски планови.

Leave a Reply