Ромите најчесто се или фудбалери или боксери

Open-Fun-Fotball-16-2

Ромите претежно спортуваат фудбал и бокс, бидејќи тоа се два спорта кои во светски рамки важат за спортови за сиромашните, смета Љубомир Ошавковски, новинар во дневниот весник „Македонски спорт”

Фудбалот и боксот се спортовите со кои најчесто традиционално, со години наназад се занимаваат Ромите во Македонија. Ова го потврдуваат и спортски новинари од земјава, но тоа го покажа и анкетата што ЕДНО ја спроведе во Куманово, Штип, Скопје и во Прилеп, каде во 90 отсто од случаите каде има спортисти Роми, тие се занимаваат првенствено со фудбал, како и со бокс. Во период кога очите на целата македонска јавност се вперени во европското првенство во ракомет во Србија и кога во летото 2011 година земјата го славеше успехот на европското првенство во кошарка во Литванија, се запрашавме зошто во ракометната и кошаркарската репрезентација на пример, нема Роми?

Љубомир Ошавковски, новинар во дневниот весник „Македонски спорт” смета дека Ромите претежно спортуваат фудбал и бокс, бидејќи тоа се два спорта кои во светски рамки важат за спортови за сиромашните.

-Тоа се спортови каде и не треба голем талент, предиспозиции и услови за да се стане успешен. Ромите важат за сиромашен народ, немаат услови да тренираат на пример, тенис, па најчесто избираат или фудбал или бокс. Дури кај нас, Ромите тренираат фудбал најчесто во локални, ромски клубови и премногу ретко излегуваат на површина иако некои од нив навистина имаат квалитет. Порано ќе се најдеше некој Ром во врвните македонски клубови. На пример, Ерол Демир играше во Вардар, ама сега не можам да се сетам на ниеден, вели Ошавковски и додава:

-Што се однесува на боксот, овој спорт со текот на време стана традиција на Ромите. Јас само знам иако не следам многу, десетина боксери Роми од кои дел од нив настапуваа и на Олимписки игри и освојуваа медали. Најпознат во моментов е Вели Мумин, најдобар во својата категорија во Македонија.

Ошавковски смета дека постојат предрасуди и дискриминација кај Ромите во македонскиот спорт. Според него, постојат исто потешкотии спортисти Роми да напредуваат во европски рамки, како што е случај со други спортисти од земјава.

-За Ромите во Македонија мислам дека немаат апсолутно никакви шанси да напредуваат во европски рамки, освен можеби боксерите, ама и за нив е многу тешко. Прво, затоа што се ретки оние што би се нафатиле да менаџираат Ром, а второ, затоа што и нема голем број и на успешни Македонци во Европа и во светот. Искрено, не знам многу Роми што се успешни спортисти, всушност единствениот што го знам е фудбалерот Хозе Антонио Рејес, Шпанец од Севилја, кој порано играше во Реал Мадрид, па во Арсенал и пред десетина дена се врати во Севиља. Беше и шпански репрезенантивец, посочува тој.

 

Спортски турнири може да откријат таленти

 

Дека ситуацијата со спортистите Роми, како и со ромските спортски клубови не е розева потврдува и педесетгодишниот Раман Демиров од Штип, боксер со 20-годишно искуство во овој спорт. Боксувал за клубови од Штип, Куманово, Скопје, Србија… Повеќе не се занимава со бокс. За живот заработува занимавајќи се со приватен бизнис.

– Има многу деца Ромчиња што играат кошарка и ракомет, но само на улица. Ромските спортски клубови замреа, никој не сака да ги спонзорира Ромите. Ако се организираат турнири помеѓу младите, сигурно ќе се откријат многу спортски таленти и тоа не само во фудбалот, смета Демиров.

И самиот планира да организира и да поттикне такви манифестации, но само доколку се најдат спонзори, како што вели тој.

Еден од помладите и надежни таленти во фудбалот е седумнаесетгодишниот Енис Асановски од Прилеп. Тој игра во фудбалскиот клуб „Пролетер”, кој е еден од ретките такви клубови во Македонија бидејќи е ромски фудбалски клуб. Енис таму игра веќе две години.

– Имам тренирано и во клубовите „Победа” и „Шампион”, а играм и за македонската фудбалска репрезентација. Не работам ништо друго, само тренирам фудбал. Но, не е исплатливо. Освен ако не излезам од земјава и играм за некој странски клуб, вели Асановски.

 

Светски фудбалери

Славните интернационалци Рафаел Ван дер Ваарт и Андреа Пирло се Роми

Познатиот фудбалер од Холандија Рафаел Ван дер Ваарт, кој игра во клубот Тотенхем од англиската премиер лига е Ром. Роми се поранешниот француски фудбалски интернационалец Ерик Кантона, Италијанецот Андреа Пирло, кој моментно игра за фубдалскиот клуб Јувентус, Бугаринот Христо Стоичков, шпанските фудбалери Хозе Мари и Хесус Навас, Хрватот Аљоша Асановиќ, Чехот Милан Барош…

 

1,767 Comments