САД како независен набљудувач на Декадата на Ромите

Hillary Rodham Clinton

Американскиот амбасадор во Република Македонија Пол Волерс вели дека само Вашингтон ќе решава како САД ќе се ангажира во Декадата. Според екс-премиерот Владо Бучковски, вклучувањето на Америка ќе ги забрза работите

Соединетите Американски Држави се вклучуваат во Декадата на Ромите и тоа како независен набљудувач. Ова во Бугарија го официјализираше државниот секретар на САД, Хилари Клинтон.

„Горда сум што ќе најавам дека Соединетите Американски Држави ќе се приклучат на Декадата за вклучување на Ромите како официјален набљудувач. Оваа посветеност е прифатена од страна на европските влади и ќе помогне да се подобрат можностите на Ромите, со цел тие поактивно да учествуваат во политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивните заедници“. Вака истакна Клинтон за време на посетата во Софија, Бугарија на петти февруари годинава, каде учествуваше на тркалезна маса со млади ромски професионалци и додаде:

„Многу долго Ромите се изолирани и маргинализирани, спречени во нивните напори со нивните таленти да придонесат нешто за своите општества. Ова е критично прашање на човековите права и тоа влијае врз милиони мажи, жени и деца низ целиот континент“.

Веќе наредниот ден, Секретаријатот на Декадата од Будимпешта преку соопштение на САД срдечно им посака добредојде во семејството земји кои ја потпишаа и ја спроведуваат Декадата за вклученост на Ромите 2005-2015 година. Секретаријатот во соопштението напиша:

„Декадата за вклученост на Ромите е уникатен форум кој на едно место ги собира Владите, меѓународните организации и граѓанското општество со цел да се потенцира исклученоста на ромската заедница. После седум години од иницијативата, време е да се интензивира соработката и синергијата помеѓу партнерите на Декадата и конечно, посветеноста да се трансформира во резултати. Ги поттикнуваме земјите од Западна Европа да ја отстранат дискриминацијата и да ги затворат неприфатливите разлики помеѓу Ромите и остатокот од општествата“, се вели во соопштението на Секретаријатот на Декадата од Будимпешта.

Но, останаа отворени прашањата зошто САД токму сега се вклучуваат во Декадата, седум години откако таа почна да се имплементира и како ќе влијае приклучувањето на Америка во Декадата на Ромите?

За американскиот амбасадор во Република Македонија Пол Волерс, за значењето и за влијанието на САД врз активностите на Декадата ќе се решава на највисоко ниво.

– Имаме проблем со буџетите. Тоа е глобален проблем. Како ќе се вклучува САД во Декадата и како ќе придонесува најмногу ќе се решава во Вашингтон, смета Волерс.

Според поранешниот премиер и потписник на Декадата на Ромите за Македонија Владо Бучковски, вклучувањето на најмоќната држава во Декадата може само да го забрза исполнувањето на целите кои беа поставени пред седум години.
 

[galleryview id=7]

3,746 Comments