Секој 9 –ти жител на Македонија има дијабетес

nedostig-insulin

Дијабетичарите бараат редовна набавка на инсулин

Околу 200.000 жители во Македонија имаат дијабетес. Во Куманово има околу 7.500 лица заболени, од кои 2500 користат инсулин, информираат од Здружението на дијабетичари. Годинава, Светскиот ден за борба против дијабетесот се одржа под мотото „Жените и дијабетесот – нашето право на здрава иднина“. Речиси 50 проценти од заболените се жени. Бројот на дијабетичари во Македонија, но и на светско ниво, непрекинато расте. Алармантен е податокот дека во државата секој месец се регистрираат како дијабетичари, по 10 возрасни лица и по две деца на возраст од 5-16 години.

И оваа година, проблем според пациентите е честиот недостиг на инсулин.

„Милион евра се скратени од претходниот буџет за набавка на инсулин, тоа е значитена сума и може да има негативни последици по здравјето на пациентите. Се надеваме дека годинава таа состојба ќе се подобри, бидејќи здравјето е пред парите“-изјави претседателот на здружението на дијабетичари од Куманово, Липково и Старо Нагоричане, Зоран Бојковски.

Пациентите од Куманово се надеваат дека годинава ќе добијат посовремени типови на инслулин кои ќе ги следат светските трендови.

„Кај нас се употребуваат постари генерации на инслулин што секако не е добро за подобрување на здравјето на пациентите“-изјави Бојковски.

Контакти веќе се остварени со заменик министерот Гоце Чакаровски и од здружението се надеваат дека проблемите со инсулинот, набргу ќе се решат и ќе се набави нова инслулинска и табелетарна терапија.

Меѓу проблемите со кои се соочуваат заболените се и оние кои ја контролираат болеста со таблети. Дел од социјално ранливите категории, пред се ромското население нема средства да ги купи потребните таблети, кои се опфатени со позитивната листа, односно покриени преку Фондот. Тука се и болестите кои се поврзани со дијабетесот и за кои се потребни дополнителни средства за набавка на лекови кои, ранливите категории едноставно не ги поседуваат за да можат да го подобрат своето здравје.

„Ќе се трудиме да преземеме чекори и на тој план, има луѓе кои навистина не можат да купат лекови, иако не се значајно скапи, но и тие пари треба да се најдат од некаде. Ќе се трудиме некако тоа да го анулираме, да најдеме начин да се реши тој проблем“-додава Бојковски.

Барањето овие лекови да им се даваат бесплатно на сиромашните преку центарот, ќе биде упатено на ниво на државата преку Сојузот на дијабетичари. Но, се уште се чека назначуавње на нов министер за здравство.

20171123_131455

Во Куманово функционира Центар за дијабет и за разлика од претходните години кога во него работеше само еден лекар, а во еден период воопшто немаше, годинава има двајца лекари кои се грижат за болните. Во најава е дека наскоро ќе пристигне уште еден лекар. Со ова ќе им се овозможи на пациентите од регионот не само од Куманово, Липково и Старо Нагоричане, туку и на жителите од соседните општини од североисточниот регион, како што се Крива Паланка, Кратово и Ранковце да имаат постојано лекар на располгање. Во овие три града не функционира ниту здрружение, ниту пак има центар за дијабет. Од кумановското здружение, велат дека ќе преземат чекори да се надмине проблемот со тоа што ќе отворат дисперзирании канцеларии на постоечкото здружение.

„Се надеваме дека работата уште повеќе ќе се подобри“-изјави Бојковски.

Во меѓувреме од Здружението најавија дека наскоро ќе почнат да работат на прибирање податоци за бројот на заболени деца од дијабет. Тие податоци ги имаат надлежните од Детската клиника во Скопје. Од кумановското здружение најавија дека ќе ги вклучат родителите на заболените деца кои ќе работат заеднички со останатите членови на унапредување на правата на пациентите заболени од дијабет.

krv-520x289

Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светот се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број ќе достигне 350 милиони до 2025 година. Од последиците на оваа болест во светот се починати 5 милиони луѓе, а дури 40% од заболените не знаат дека се болни од дијабет.

Од Здружението ги повикаа граѓаните да вршат редовни контроли, бидејќи најчесто така и се откриваат дијабетичарите. Лекарите велат дека со здрав начин на исхрана, редовна умерена физичка активност може нормално да се живее со оваа состојба.