Сексуалното и репродуктивно здравје и права

Младите луѓе сè порано стапуваат во сексуални односи, а притоа не користат соодветна заштита, односно половина од жените и половина од мажите не користеле никаква заштита во првиот сексуален однос, покажало истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Република Македонија – ЕСЕ

 

Автор: Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Република Македонија – ЕСЕ

 

Жените и мажите немаат доволни познавања во однос на различните средства и методи за контрацепција односно помеѓу 52 отсто до 69 отсто од жените испитанички немаат никакви знаења за ефикасноста на различните средства за контрацепција како што е хормонската контрацепција и бариерните средства за контрацепција (интраутерината спирала и дијафрагмата), исто така помеѓу 64 отсто до 76 отсто од мажите испитаници немаат никакви знаења за ефикасноста на овие средства за контрацепција. Ова се дел од резултатите до кои дошло Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Република Македонија – ЕСЕ, а се дел од истражувањето за сексуланото и репродуктивно здравје и права на населението во Република Македонија.

Истражувањето претставува проспективна студија на пресек и беше спроведено во текот на 2009 и 2010 година, на репрезентативен примерок, составен од 2691 испитаници на возраст од 15 до 49 години од вкупно осум статистички региони во Македонија, од кои 1346 испитанички жени и 1345 испитаници мажи. За двата примерока се користени стратификувани систематски примероци, каде што единиците на примерокот беа бирани во рамките на одредените страти по систематски пат. Анкетирањето беше спроведено според претходно составени анкетни прашалници. Собраните податоци од анкетното истражување беа внесени во две бази на податоци (за жени и за мажи), подготвени во програмата за статистичка обработка на податоци Epi Info.

Истражувањето понатаму покажало дека испитаниците немаат доволни познавања во однос на различните СПИ, пред сè во однос на симптомите за препознавање на различните СПИ, така што една петтина од жените не знаат да препознаат ниту еден симптом на СПИ кај жена, а една третина од мажите не знаат да препознаат ниту еден симптом на СПИ кај маж. Испитаниците немаат доволни познавања за начините на пренос и заштита од ХИВ инфекцијата, па така помеѓу 40 до 60 отсто од мажите и жените не знаат дека ХИВ може да се пренесе преку различните сексуални односи, а од друга страна пак помеѓу 25 до 39 отсто од испитаниците сметаат дека ХИВ може да се пренесе преку безбедни медицински процедури.

 

Незнаење

Кај жените постои и недоволно препознавање на потребата од редовни превентивни гинеколошки прегледи односно 43 отсто од жените од руралните средини и 23 отсто од жените од градските средини не знаат дека редовните превентивни гинеколошки прегледи можат да помогнат во раното откривање и излекувањето на карциномот на грлото на матката. Воедно жените не се доволно запознаени и со потребата од правење на самопреглед на дојките, бидејќи 55 отсто од жените изјавиле дека не прават самопреглед на дојките, а притоа од овие жени 31 отсто изјавиле дека мислат оти немаат потреба да прават самопреглед, а 16 отсто од жените не знаат како да го направат самопрегледот.

Однесувањата на испитаниците жени и мажи се во насока на негативно влијание на нивното репродуктивно здравје. Пред сè младите луѓе сè порано стапуваат во сексуални односи, а притоа не користат соодветна заштита, односно половина од жените и половина од мажите не користеле никаква заштита во првиот сексуален однос. За оваа состојба придонесува и ниската стапка на користење контрацепција односно помеѓу жените испитанички во изминатите 12 месеци само 5,7 отсто користеле хормонска контрацепција, а бариерни средства за контрацепција (интраутерина спирала и дијафрагма) користеле само 2,2 отсто од жените. Иако кондомот е најчесто користено средство за контрацепција, сепак се забележува нередовна употреба на кондом во сексуалните односи односно постојано користење кондом во сексуалните односи се бележи кај 23,4 отсто од мажите испитаници и кај 16,6 отсто од жените испитанички.

Користењето на средства и методи за контрацепција е особено ниска помеѓу жените Ромки, односно стапката на користење на контрацепција помеѓу жените Ромки во последните 12 месеци за различните средства и методи е следната: 1,9 отсто користеле хормонска контрацепција, 1,9 отсто користеле интраутерина спирала, 5,7 отсто користеле кондом, прекинат однос користеле 1,9 отсто, а ниту една жена Ромка не користела дијафрагма. Постои и несоодветно семејно планирање помеѓу испитаниците, па така 20,7 отсто од жените изјавиле дека кога им се родило првото дете, иако било посакувано, сепак не било планирано за дадениот временски период. Уште еден фактор кој придонесува за оваа состојба е релативно високата стапка на жени што извршуваат абортус, односно 14,5 отсто од жените извршиле најмалку еден абортус, а истите жени во просек имаат направено по 1,6 абортуси. Кај жените Ромки оваа состојба е уште повеќе загрижувачка, бидејќи 34 отсто од нив изјавиле дека во животот имаат направено најмалку еден абортус.

 

Негативни навики

Однесување што негативно се одразува на репродуктивното здравје на жените е и нередовното извршување на превентивни гинеколошки прегледи односно половина од жените не се обраќаат редовно на гинеколог за превентивни гинеколошки прегледи. Одредени навики на жените за време на бременоста можат негативно да влијаат врз нивното здравје како и врз здравјето на плодот, пред сè загрижува податокот дека речиси 40 отсто од жените што родиле пушеле за време на првата бременост со различен интензитет. Однесувањето на жените за време на доењето може да има влијание врз здравјето и развојот на децата. Генерален заклучок е дека жените недоволно долго ги дојат своите деца, бидејќи 15 отсто од испитаничките што имаат деца воопшто не го доеле своето прво дете, а 25 отсто од жените своето прво дете го доеле помалку од шест месеци.

Ставовите на жените испитанички укажуваат на тоа дека помеѓу жените постои ниско ниво на свесност за репродуктивните права на жената. Тоа пред сè може да се заклучи од фактот што жените ги претпочитаат кондомот и традиционалните методи како средства и методи за контрацепција за разлика од хормонската или бариерната контрацепција, иако кондомот и прекинатиот однос се методи за контрацепција што претежно зависат од мажот, за разлика од хормонската и бариерната контрацепција, чија употреба зависи само од жената. Во изминатите 12 месеци 21,7 отсто од жените изјавиле дека користеле кондом, 5,7 отсто користеле хормонска контрацепција, додека 2,2 отсто користеле механички средства за контрацепција. Во овој прилог се и ставовите на жените во однос на абортусот, односно 55 отсто од жените сметаат дека одлуката за абортусот треба да биде на двата партнери, занемарувајќи го репродуктивното право на жената, додека 28 отсто сметаат дека таа одлука треба да биде само на жената.

Дополнително загрижуваат предрасудите што жените и мажите ги имаат спрема абортусот како и нивните ставови за потребата од законско ограничување на правото на абортус. Имено, 38,3 отсто од жените сметаат дека абортусот треба законски да се ограничи, наспроти 30,2 отсто од жените што сметаат дека абортусот треба да остане легален како што е и досега. Исто така 41,4 отсто од мажите сметаат дека абортусот треба законски да се ограничи, наспроти 25,4 отсто од мажите, кои сметаат дека абортусот треба да остане легален како што е и досега.

Во однос на здравствената заштита во однос на репродуктивното здравје на жените, може да се заклучи дека постои недоволен опфат на жените со матични гинеколози, особено во руралните средини и во малите градски населени места. Односно 34,1 отсто од сите жени изјавиле дека немаат избрано матичен гинеколог, при што 42,9 отсто од жените што живеат во рурални средини немаат избрано матичен гинеколог, а 31,5 отсто од жените што живеат во градски средини немаат избрано матичен гинеколог. Исто така, постои несоодветен опфат на жените со превентивните прегледи за карцином на дојка, односно само 11,5 отсто од жените во изминатите 12 месеци се обратиле кај лекар за превентивен преглед на дојките, додека мамографија имаат направено 12,3 отсто од жените.

Жените се претежно задоволни од здравствените услуги добиени кај своите матични гинеколози, вклучувајќи ги и услугите за време на бременоста, меѓутоа постои незадоволство помеѓу жените од здравствените услуги добиени при подготовката за породување, при самото породување како и за време на постпарталната нега. Во здравствените услуги поврзани со абортусот недостасува соодветно советување на жените во однос на постапката за извршување на абортусот како и советување за контрацепција.

 

Информации

Од истражувањето произлегле неколку клучни наоди и заклучоци.  Со цел младите лица навремено и правилно да се информираат за потребата од безбедни сексуални односи и правилна заштита во сексуалните односи и со тоа да се избегнат последиците по сексуалното и репродуктивното здравје, потребно е воведување на задолжително сексуално образование за младите во последните години на основното образование и во сите години од средното образование. Потребно е воведување и на родова компонента во сексуалното образование. Потребно е воведување на активности и мерки за едукација на општата популација во однос на сексуалното и репродуктивно здравје, со посебен акцент на заштита на употреба на контрацепција и планирање на семејството, пред сè во руралните средини и помеѓу ромското население. Во оваа смисла треба да се зајакне патронажната служба за поголем опфат на населението со овој вид на едукација, треба да се спроведуваат едукативни кампањи, треба да се организираат едукативни настани од страна на Советувалиштата за репродуктивно здравје и слични активности.

За да се зголеми информираноста на жените за различните теми поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје, потребно е матичните гинеколози задолжително да ги советуваат своите пациентки за различните средства за контрацепција и за користење на контрацепцијата, за СПИ и за потребата од превентивни гинеколошки прегледи за навремено откривање на СПИ, како и да вршат задолжително советување за семејно планирање.

Неопходно е поставување на препаратите за хормонска контрацепција на позитивната листа на лекови, со што ќе се намали нивната цена и ќе се подобри достапноста до нив.

Бидејќи економските причини се главен фактор поради кој жените и мажите не можат да го имаат посакуваниот број на деца, потребно е донесување на низа на економски мерки што ќе им помогнат на младите брачни парови да го имаат посакуваниот број на деца.

 

Како до податоците?

Со анкетното истражување организацијата собрала податоци во однос на следните области:

демографски и социоекономски карактеристики;

– сексуални односи, вклучувајќи ги податоците за првиот сексуален однос, сексуалното однесување и користењето на заштита во сексуалните односи;

контрацепцијата, вклучувајќи ги податоците за знаењата на испитаниците во однос на контрацепцијата, користењето на контрацепцијата и факторите што влијаат врз него како и ставовите во однос на употребата на контрацепцијата;

кондомите односно знаењата и ставовите на испитаниците во однос на употребата на кондомите, самата употреба на кондомите како и факторите што влијаат врз користењето на кондомите;

СПИ и ХИВ-СИДА, вклучувајќи ги знаењата и ставовите на испитаниците во однос на овие прашања;

семејното планирање, вклучувајќи ги знаењата, ставовите и однесувањата на испитаниците во однос на семејното планирање како и однесувањата на испитаниците за време на склопувањето на првиот брак и основањето на семејството;

грижата за време на бременоста, породувањето и постнаталната грижа, вклучувајќи податоци во однос на однесувањата на жените за време на нивната прва бременост, опфатот со здравствена заштита во првата бременост, задоволството на жените од добиените здравствени услуги за време на контролите и породувањето во првата бременост, опфатот со услугите на патронажната служба за време на првата бременост и по породувањето, однесувањата на жените за време на доењето на првото дете и однесувањата на мажите за време на првата бременост на нивните сопруги (партнерки);

абортусот, вклучувајќи податоци за стапката на абортуси, здравствените услуги поврзани со абортусот како и знаењата и ставовите на жените и мажите поврзани со абортусот;

здравствени услуги поврзани со репродуктивното здравје и репродуктивните права, вклучувајќи го опфатот на жените со матичен гинеколог, задоволството од здравствените услуги добиени кај матичен гинеколог како и знаењата, ставовите и однесувањата на жените испитанички во однос на превентивните гинеколошки прегледи и превентивните прегледи на дојката.

 

Целосниот извештај од истражувањето можете да го преземете од www.esem.org.mk и www.healthrights.mk

Leave a Reply