Сенад Мемеди: Здравственото осигурување, најгорлив проблем

senad-F

Приоритетни области во кои треба да се делува остануваат здравственото осигурување, нееднаквиот третман при користење на здравствените услуги, имунизацијата на ромските деца , подобрување на пристапот до гинеколошките услуги, ангажирање на здравствени работници од ромска националност, вели во интервјуто за ЕДНО магазин, Сенад Мемеди од Одделот за евроинтеграции во Министерството за здравство.

 

ЕДНО: Има ли и кои се новините во Националната стратегија за Роми, во делот
на здравството?

Senad-MemediСенад МЕМЕДИ: Ако ги споредиме Националната Стратегијата за Ромите донесена во 2004 година и новата Националната Стратегијата за Ромите донесена во 2014 година, во делот на здравството, може да забележиме дека во најголем дел се детектирани истите проблеми со кои се судрува ромската популација во Македонија. И понатаму како приоритетни области во кои треба да се делува остануваат здравственото осигурување, нееднаквиот третман при користење на здравствените услуги, имунизацијата на ромските деца, подобрување на пристапот до гинеколошките услуги, ангажирање на здравствени работници од ромска националност итн. Очекуваните резултати од спроведувањето на предвидените активности наведени во новата Стратегија се повторно општо дефинирани поради отсуството на основни (baseline) податоци за здравствениот статус на Ромите во Македонија. Истиот проблем постоел и при подготовката на Стратегијата од 2004 година.

 

ЕДНО: Кои се најсложените, најтешките области на кои треба системски уште да се работи? Здравственото осигурување, (не)дискриминацијата и пристапот до здравствени услуги и здравствени работници, имунизацијата или?

Сенад МЕМЕДИ: Здравствените проблеми, односно проблемите при користењето на здравствените услуги со кои се соочува ромската популација се повеќе и истите се јасно дефинирани во Стратегијата, а дел од нив ги напоменавте и во вашето прашање. Навистина е тешко да се издвои една област на која треба да се даде приоритет. Сметам дека паралелно треба да се работи на сите детектирани проблеми. Сепак, ако треба да издвојам една област тоа е здравственото осигурување. Сметам дека е потребно натамошно поедноставување на постапката за стекнување на правото на здравствено осигурување, и соодветни законски измени со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, а на кои невладиниот сектор веќе алармираше.

 

ЕДНО: Што е планирано за 2015 година во делот на подобрување на здравствените услуги за Ромките кои спаѓаат во категоријата на социјало – економски загрозени жени?

Сенад МЕМЕДИ: Имајќи го предвид проблемот кој веќе подолго време се провлекува, а тоа е немањето на гинеколошка ординација во општина Шуто Оризари, Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца и во 2015 година ја предвиде активноста за обезбедување на гинеколог кој еднаш во неделата ќе врши прегледи во општината. Секако, ова е само привремено решение додека не се реши проблемот.Во рамките на истата програма во 2014 година беа предвидени повеќе активности наменети за жената Ромка, но поради слабиот интерес за дел од овие активности, истите не се предвидени и во 2015 година.

 

ЕДНО: Бележите ли успех со Ромските здравствени медијатори?

Сенад МЕМЕДИ: Проектот “Ромски здравствени медијатори” почна да се имплементира од 2012 година и е резултат на успешната соработка меѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор. Целта на овој проект е подобрување на здравствениот статус на ромското население преку олеснување на пристапот до здравствените и социјалните сервиси, воспоставување на повисоко ниво на доверба во односот лекар-пациент и воспоставување навики за грижата за сопственото и здравјето на другите. Медијаторите имаат широк домен на делување и преку својата работа одговараат на некои од најгорливите проблеми со кои се соочува ромската популација во делот на здравството. Во нивната досегашна работа особен успех имаат постигнато во пронаѓањето на невакцинирани или нередовно вакинирани ромски деца и нивно вакцинирањето, помош во оствраувањето на правото на здравствено осигурување, помош во изборот на матичен лекар како и информирање за достапност на бесплатни здравствени услуги предвидени во превентивните и куративните програми на Министерството за здравство.Во моментот ангажирани се 14 медијатори во десет општини. Во наредниот период предвидено е зголемување на бројот на медијаторите и бројот на општините, во кои ќе има ромски здравствени медијатори.

 

 

 

1,625 Comments