Серџат Идиќ: Се носат закони, но не се почитуваат

serdzat2

Тој е еден 15 здравствени медијатори кои се дел од проектот на Министерството за здравство и граѓанскиот сектор. Проектот на здравствените медијатори се спроведува во осум општини, односно во Шуто Оризари, Карпош, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Кочани и во Штип.

 

Серџат Идиќ е здравствен медијатор од Кочани. Тој е еден од 15 здравствени медијатори кои се дел од проектот на Министерството за здравство и граѓанскиот сектор. Проектот е во духот на имплементација на Декадата за вклученост на Ромите 2005 – 2015 и на Стратегијата за Ромите во Република Македонија. Проектот на здравствените медијатори се спроведува во осум општини, односно во Шуто Оризари, Карпош, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Кочани и во Штип. Проектот има за цел да се надминат бариерите во комуникацијата помеѓу ромското население и здравствените работници, идентификување на лицата и на семејствата кои немаат пристап до здравствена заштита преку посети на терен и нивно информирање за пристапот до здравствената заштита и здравственото осигурување, како и информирање за достапност на бесплатни здравствени услуги.

 

ЕДНО Што значи да си здравствен медијатор?

СЕРЏАТ ИДИЌ После обуката за здравствени медијатори, нашата прва задача беше да отвориме семејни картони за сите семејства во ромската населба. Потоа се евидентираат сите податоци за семејството од здравствен аспект. Откако поминавме поголем дел од семејствата, сега работиме повеќе со оние семејства што не ги вакцинираат редовно децата, со жените што не одат редовно на контроли, со патронажните жени заедно одиме во посети и тоа само во ромската населба и ги убедуваме во најскоро време да извадат на пример, здравствени книшки, затоа што тие знаат да ги одолговлекуваат работите. Ги придружуваме кога вадат здравствени книшки, изводи и осигурување.

 

ЕДНО Кој дел од вашите обврски досега се најтешки за работа, подигнување на свеста или?

Најчесто е проблемот со едни исти луѓе, тоа се луѓе што не одат редовно на контрола и не ги вакцинираат редовно нивните деца. А, кај жените, тие не одат на контроли бидејќи прегледите се наплаќаат. Од Фондот за здравство ни кажаа кои прегледи не се наплаќаат, ние им ја пренесовме таа информација, ама сепак, кај нас се наплаќаат.

 

ЕДНО Дали паралелно работите и со институциите, со болниците, на пример?

СЕРЏАТ ИДИЌ Да, да.

 

ЕДНО Им ги посочувате овие работи?

СЕРЏАТ ИДИЌ Институциите знаат, но поврзани се меѓу себе и кај нас, во Кочани секој си работи како сака. Како да нема правило. А, сме реагирале. На пример, реагиравме зошто се наплаќа инхалацијата на децата. Тие прегледи се бесплатни, а се наплаќаат. Во Кочани немаме проблем со здравстевно осигурување. Имаме проблем со изгубени книшки. Има Роми кои немаат пари да платат за одредена услуга, па од болниците им ги задржуваат книшките, иако тие не смеат тоа да го прават. Мајката штом излезе од болница, обезбедува нова книшка.

 

ЕДНО Има ли некаква промена откако почнавте да работите како здравствен медијатор, пред и една година потоа?

СЕРЏАТ ИДИЌ Друго е кога во ромското маало ќе влезе Ром, а друго кога тоа го прави не-Ром. Од почитување кон нас и за нивно добро, почнаа повеќе да се грижат, почнаа да избираат матични лекари, редовно да ги водат децата на вакцини, жените одат на гинеколошки контроли. Им кажуваме до кога се роковите за пријавување за здравствено осигурување итн. Дури сега почна да се развива свеста, дури после скоро една година откако се воведени здравствените медијтори.

 

ЕДНО Имате ли некакви информативни материјали од Министерството за здравство?

СЕРЏАТ ИДИЌ Не, немаме. Требаше да ни дадат беџови. Имавме обука и бевме на терен во Шуто Оризари. Требаше да се запознаеме и со законските регулативи, но во пракса не се применува тоа.

 

ЕДНО Што посебно не се применува?

СЕРЏАТ ИДИЌ Па, најмногу не се применува токму законската регулатива.

 

ЕДНО Се почитува ли Законот за заштита на правата на пациентите или тој е еден од најпрекршуваните Закони?

СЕРЏАТ ИДИЌ Да, мислам дека правата на пациентите се најзагрозени.

 

ЕДНО Каков е вашиот впечаток, често се менуваат реформите во здравството и дали сте редовно информиран за тоа?

СЕРЏАТ ИДИЌ Мислам дека често се менуваат, но ние ги дознаваме последни. Процедура е додека дознаеме што е ново.

 

ЕДНО Имате ли право да реагирате дека некои процедури не може да се спроведат во пракса, на терен?

СЕРЏАТ ИДИЌ Имаме право и сме реагирале, но ништо не е сменето.

 

ЕДНО За што сте реагирале?

СЕРЏАТ ИДИЌ Ни беше кажано дека инхалациите за децата не се наплаќаат. Бевме кај матичните лекари и тие ни кажаа дека сами ги купуваат апаратите и мора некако да ја вратат инвестицијата. Порано лекарите не даваа фискални сметки за прегледи. Сега ги информираме пациентите задолжително да бараат фискална сметка за секој преглед. Барем во тој поглед малку ја подигнавме свеста кај ромската популација.

 

ЕДНО Дали на ниво на општина Кочани има стратегија за здравство?

СЕРЏАТ ИДИЌ Има, но таа не се применува. Таа беше подготвена дури и пред да почнеме ние како медијатори.

 

1,237 Comments