Спречи, заштити, вакцинирај!

AGF2N9 Medical Syringe

Секое петто дете во светот не е вакцинирано, ваква е статистиката по повод светската недела на имунизацијата, која се одбележува од 22 до 27 април

 

Секое петто дете во светот не е вакцинирано. Треба да се допре до тие што не може да се допре. Таква порака испрати УНИЦЕФ по повод светската недела на имунизација (http://www.aol.co.uk/video/world-immunization-week-putting-the-last-child-first/517751501/).

Со иста порака се огласи и Светската здравствена организација (http://eiw.euro.who.int/video/world-immunization-week-putting-the-last-child-first).

Во Македонија оваа недела се одбележува под мотото „Спречи, заштити, вакцинирај! Заштити го светот, вакцинирај сеˮ.

Годишно околу 150.000 деца на различна возраст се вакцинираат во Македонија. Опфатот е во просек околу 95 отсто за сите вакцини, но сè уште има поделеност и недоверба на родителите за најновата вакцина против инфекции со хуман папилома вирус (ХПВ) која од 2009 година е задолжителна за девојчиња на 12 години. Минатата година вакцината ја примиле 50 отсто во државата, а во Скопје меѓу 20 и 25 отсто.

Родителите кои одбиваат вакцинирање на децата се казнуваат со 500 евра, по пријава на инспекцијата. Засега околу 200 случаи се на суд за одбивање различни видови вакцини.

– Ништо не сме направиле само со казна, зашто детето ќе остане невакцинирано и ќе создаде група од невакцинирани деца и опасност од епидемии. Треба да ги убедиме да ги вакцинираат своите деца. Не само што ја штити единката, туку вакцината ја штити и заедницата и целиот свет, со создавање на колективниот имунитет. Светската здравствена организација препорачува што повеќе напори за зголемување на опфатот на имунизација, зашто во светот годишно над 10 милиони деца под пет години умираат. Од нив, 1,4 милион деца под пет години умираат од болести кои можеле да се спречат со вакцинација, изјави за дневниот весник Дневник, Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита.

Околу дваесет вакцини се откриени од 1885, кога Луј Пастер ја пронашол првата вакцина –  против беснило.  Благодарение на вакцините се елиминирани или редуцирани многу смртоносни болести, како вариола вера, дифтерија, парализа… Во Македонија прва воведена вакцина била против туберкулоза, во 1948, во 1951 биле воведени против тетанус и дифтерија, во 1960 против голема кашлица.

Последен случај на дифтерија во Македонија имало во 1976 година. Од неа во минатото заболувале по 400 случаи годишно од кои 25 умирале. Последен случај на парализа бил во 1987, тетанус неонатален во 1993 година. Пред воведување на вакцината против голема кашлица во 1960 година имало по 3.600 заболени годишно и по 20 умирале, од тетанус имало по 36 заболени, а 17 умирале.

Македонија ја одбележува Европската недела на имунизација од нејзиното востановување пред осум години, од страна на Светската здравствена организација.

 

http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=9DFF97250033F54FA3B268795109D733

2,863 Comments